Фото: ЕПА

Европскиот парламент денеска со 370 гласа „за“, 282 „против“ и 36 „воздржани“ го одобри изборот на новата Европска комисија на Урсула фон дер Лајен.

За да биде одобрена Европската комисија требаше да добие поддршка од мнозинството европратеници кои гласаа или во случајов 345 гласа.

По одобрувањето на ЕК, претседателката на ЕП, Роберта Мецола го потпиша Писмото за потврдување на изборот и и го предаде на Фон дер Лајен.

На гласањето му претходеше обраќање на Фон дер Лајен пред ЕП посветено на составот и програмата на работа на новата Еврокомисија, по што следеше дебата во која претставници на сите пратенички групи ги изнесоа своите ставови во однос на предложените кандидати за еврокомесари и програмата.

Новата Еврокомисија ја сочинуваат 27 члена – по еден од секоја земја-членка на ЕУ – претседателката Фон дер Лајен, шестмина потпретседатели и 20 еврокомесари.

Шпанката Тереза Рибера Родригез ќе биде извршна потпретседателка на чиста, праведна и конкурентна транзиција и еврокомесарка за политиката на конкурентност, Финката Хена Виркунен извршна потпретседателка за технологија, суверенитет, безбедност и демократија и еврокомесарка за дигитални технологии, а Французинот Стефан Сежурне ќе биде извршен потпретседател за просперитет и индустриска стратегија и еврокомесар за индустријата, мали и средни претпријатија и единствениот пазар.

Останатите тројца извршни потпретседатели ќе бидат Романката Роксана Манзату, задолжена за вештини и стручно оспособување на луѓето, која воедно ќе биде и еврокомесарка за вештини, образование, култура, квалитетни работни места и социјални права, Италијанецот Рафаеле Фито, кој ќе биде одговорен за кохезија и реформи и еврокомесар кохезивна политика, регионален развој и градовите и Естонката Каја Калас, како висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност.

Словакот Марош Шефчович ќе биде еврокомесар за трговија, економска безбедност, меѓуинституционални односи и транспарентност, Летонецот Валдис Домбровскис за економија, продуктивност, имплементација и поедноставување, Хрватката Дубравка Шуица е предложена за еврокомесарка за Медитеранот, а Унгарецот Оливер Вархеји за здравје и благосостојба на животните.

Еврокомесар за клима, нето нула емисии и чист раст ќе биде Холанѓанецот Вопке Хукстра, за одбрана и Вселената Литванецот Андриус Кубилиус, за проширување Словенката Марта Кос, а за меѓународни партнерства Чехот Јозеф Сикела.

Кипранецот Костас Кадис ќе раководи со ресорот рибарство и океани, Португалката Марија Луиш Албакерки со финансиските услуги, штедењето и инвестициите, Белгијката Хаџа Лабиб со подготвеноста и менаџирањето на кризи, а Австриецот Магнус Брунер со внатрешните работи и миграцијата.

Јесика Розвол од Шведска ќе биде еврокомесарка за животна средина, отпорност на водите и конкурентна циркуларна економија, Пјотр Серафин од Полска за буџет, борба против измамите и јавна администрација, Ден Јоргенсен од Данска за енергија и домување, а Бугарката Екатерина Захариева за истражување и иновации.

Ирецот Мајкл Мекграт ќе биде комесар за демократија, правда и владеење на правото, Гркот Апостолос Sиsикостас за одржлив транспорт и туризам, Луксембуржанецот Кристоф Хансен за земјоделство и храна, а Малтежанецот Глен Микалеф за меѓугенерациска правичност, култура, млади и спорт.

Сега преостанува Советот на ЕУ со квалификувано мнозинство гласови формално да ги назначи членовите на Еврокомисија, постапка која се очекува да заврши до петок, со што новите еврокомесари би стапиле на должност на 1 декември.