Фото: Пиксабеј

За љубителите на бајките, Стокхолм е градот во кој пораснала Пипи Долгиот Чорап, девојчето со коса во боја на морков, за чии авантури пишуваше Астрид Линдгрен. За љубителите на најпопуларниот шведски бенд, главниот град на Шведска е првата станица од која „АББА“ тргнува кон музичката ѕвездена галаксија. Во Стокхолм се наоѓа и музејот на Алфред Нобел, чиј најпознат изум ја промени судбината на човештвото, а љубителите на историјата нема да пропуштат да го посетат Музејот посветен на Викинзите, кои освоиле голем дел од Европа во раниот среден век. Главниот град на Шведска влезе дури и во учебниците по психологија, бидејќи стокхолмскиот синдром ги опишува позитивните чувства што киднапираните почнуваат да ги развиваат кон нивните киднапери, кога поминуваат многу време со нив.
Сепак, Стокхолм и Шведска денес се сметаат за град и земја што најдобро се приспособуваат на животот на лицата со попреченост, бидејќи сите јавни институции и јавниот транспортен систем се приспособени на граѓаните и туристите со физички и ментален хендикеп, па затоа не е реткост да види лифт пред кафулиња и ресторани наменет за превоз на лица во инвалидски колички.
Основан во 13 век, главниот град на Кралството Шведска е изграден на четиринаесет острови, меѓусебно поврзани со повеќе од педесет моста. При посета на Стокхолм, туристите обично тргнуваат од Гамла Стан, најубавиот и најстар дел на градот, кој влезе во Гинисовата книга на рекорди како еден од најстарите недопрени градски центри во светот. Гамла Стан е распространет на три острови и е украсен со тесни улички со калдрма и ренесансни згради, обоени во црвена, портокалова и жолта боја, од кои многу се изградени во 16 и 17 век. Во непосредна близина на Кралската палата се наоѓа зградата на шведскиот парламент, пред која секоја сабота демонстрира Грета Тунберг, која како тинејџерка стана симбол на еколошки бунт. Во срцето на Гамла Стан се наоѓа музејот „Алфред Нобел“, каде што посетителите можат да го видат неговото научно наследство и да се запознаат со биографиите на најновите добитници на оваа престижна награда. По посетата на Гамла Стан, на туристите им се советува да одвојат еден ден за да го посетат островот Јургорден, зелена оаза што се простира на 280 хектари, поради што со право се нарекува „белите дробови на градот“.