Фото: ЕПА

Исклучително битна промена на политиката на западните сојузници за украинско-рускиот конфликт

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден наводно ги укина ограничувањата што претходно ја спречуваа Украина да користи американско оружје за да напаѓа длабоко на руска територија. Тоа е навистина значителна промена во американската политика во украинско-рускиот конфликт. Во тој контекст и реномираниот медиум „Фигаро“ пренесува информација дека „веднаш по САД, Велика Британија и Франција донеле одлука со која им дозволуваат на Украинците да напаѓаат цели длабоко во Русија со ракети СКАЛП и „сторм шедоу“.
Според западните медиуми, Белата куќа одбила да ја коментира одлуката на претседателот на САД во заминување. Контроверзната одлука на администрацијата на Бајден доаѓа нешто повеќе од два месеца пред да стапи на должност новоизбраниот претседател Доналд Трамп на 20 јануари. Некои американски официјални лица изразија сомневање дека „овластувањето за употреба на оружје со долг дострел ќе го промени текот на војната“.
– Одлуката може да ѝ помогне на Украина. Сега руските сили постигнуваат напредок на бојното поле и ја ставаат Москва во подобра позиција. Ракетите со долг дострел може да го стават Киев во подобра преговарачка позиција, доколку наскоро почнат преговорите, па дури и Киев да не ги употреби и да не ги лансира проектилите – коментираат наши соговорници.
Според коментарите на западните медиуми, засега не е јасно дали новиот претседател на САД ќе ја промени одлуката на Бајден кога ќе ја преземе функцијата. За потсетување, новоизбраниот претседател долго време го критикуваше обемот на американската финансиска и воена помош за Украина и вети брз крај на војната, без да објасни како. Сепак, некои републиканци во Конгресот го повикаа Бајден да ги олабави правилата за тоа како Украина може да го користи оружјето што ѝ е дадено од САД. Р.С.