Меѓународниот ден на студентите – 17 Ноември денеска се одбележува со неколку настани, меѓу кои беа и панел-дискусии на Правниот факултет „Јустинија Први“ на УКИМ.
Претседателот на Универзитетското студентско собрание на Скопскиот универзитет, Александар Николовски, истакна дека за студентите е најважен квалитетот на високото образование, намалување на, како што рече, „огромниот број студиски програми“, промена во нивниот концепт затоа што се соочуваат со недостиг на практични вештини.
Го спомна и големиот број универзитети и тоа што секоја година нашите универзитети се се подолу на ранг-листите.
– Нашата цел како Универзитетско студентско собрание на УКИМ, но и како Национално студентско тело (НСТ) e барем еден до два универзитета да се најдат на листа на најдобро рангираните. Она што дополнително треба е промена на концептот на финансирање на високото образование и сметаме дека треба да се воведе бесплатно образование за најдобрите студенти како што е пракса во регионот за да ги задржиме студентите тука и да не одат да студираат во странство. За тоа е потребно промена на начинот на финансирање, но и квалитетот, како што кажав – изјави Николовски.
Посочи дека во Програмата на УСС на УКИМ за оваа година е укинување на сите дополнителни давачки на студентите, затоа што членот 123 од Законот за високо образование, како што рече, предвидува дека МОН ги покрива трошоците за студирање на студентите.
-Проблемот со давачките настана кога факултетите немаа доволно средства од страна на МОН, ги покачија тие дополнителни трошоци, а нашиот став е дека овие трошоци на товар на студентите треба да бидат укинати – истакна претседателот на УСС на УКИМ.
Николовски соопшти и дека УСС на УКИМ во соработка со НСТ до Министерството за економија поднело мерка „Нашите млади создаваат дома“ со која се предвидува ваучер систем за задржување на младите во земјата.
-По дипломирањето да го продолжат образованието на постдипломски и докторски студии или, пак, да имаат сопствен бизнис и да основаат стартап. Тоа се однесува и на македонски државјани кои студираат во странство да се вратат тука и преку овие ваучери да можат да вложат во земјата односно „државата вложува за тие да останат тука“ – додаде Николовски.
Проф. д-р Солза Грчева, национален координатор за реформи во високото образование, во однос на приоритетите на новоформираното Национално координативно тело за реформи, изјави дека се стремат за квалитетно високо образование, против одливот на мозоци, заострување на критериумите за тоа „кој може да биде професор кај нас, а кој не би требало и не би смеело да биде“.
-Да го намалиме бројот на студиски програми којшто е енормен, веројатно тоа е еден светски врв во однос на големината на нашата земја, да ги подобриме условите за студирање, што е исто така многу важно. Да се избориме и за партиципацијата за студентите и да им овозможиме што поголем број бесплатни услуги, да ги дигитализираме универзитетите итн., значи на многу фронтови. Но, она што мене посебно ме радува, е тоа што студентите прво што кажуваат е дека им треба квалитетно образование, бидејќи образованието не е локално, тоа е глобално и науката не е локална, туку е глобална. За тоа да го постигнеме, треба многу работа на сите чинители во образовниот систем. Оваа Влада прави навистина големи напори да ги вклучи студентите бидејќи тие се стожерот на образованието – изјави Грчева.
Панел-дискусиите ги организираа Младинскиот образовен форум (МОФ) и Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO) заедно со студентските собранија на универзитетите во државава.
Ристо Савески, претседател на МОФ изјави дека со овие настани покрај тоа што го одбележуваат Меѓународниот ден на студентите, одбележуваат и пет години студентско организирање во земјава.
-Покрај тоа што се потсетуваме на студентите кои го почнаа студентското движење во Втората светска војна, се присетуваме и на нашите херои кои го поставија моделот на универзитетско организирање какво што постои денес – изјави Савески.
Според него, зголемена е соработката меѓу студентите и институциите што, рече, е за поздравување и треба уште повеќе да се работи на тоа, „но недостасува многу повеќе вложување во науката, давање можности на студентите да го искажат својот став и поголема регионална соработка“.
Владимир Ѓорѓевски, претставник на Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO) изјави дека како меѓувладина организација, поддржана од сите шест влади на Западниот Балкан, го поддржуваат неформалното образование, но и целокупното здружување на различни сектори.
– Неформалното образование дава друг елемент на образованието, односно ги поддржуваме студентите преку разни програми. Денеска имаме подготвителна средба со студенти од Западен Балкан кои одат и во Јапонија и учат од јапонскиот систем на образование – рече Ѓорѓевски, осврнувајќи се на бенефитите од неформалното образование.
Свечениот дел од одбележувањето на Меѓународниот ден на студентите ќе биде вечер во културниот центар „Лабораториум“ каде што ќе биде промовирана платформата за студентска работа „Линкер“ чија цел е да ги поврзе студентите со работодавачите и дополнително да придонесе за модернизирање и развивање на македонскиот пазар на трудот.