Националниот младински совет се повлекува од партнерство со градот
Националниот младински совет на Македонија ги известува младите дека се повлекува од партнерството со Град Скопје за кандидатурата на Град Скопје за Европска младинска престолнина за 2027 година.
– До оваа одлука дојдовме по неколкуте обиди да стапиме во контакт со претставниците на градот, кои треба заеднички со нас да ја презентираат кандидатурата на градот пред комисијата за Европска младинска престолнина и безброј барања за состанок за координација за презентацијата. Неуспехот да стапиме во контакт и на самиот почеток да воспоставиме одржливо партнерство само ни покажа дека градот не е суштински посветен на младите и кандидирањето за оваа титула не е мотивирано од вистинските потреба за поставување на младите високо на листата на приоритети. Овој заклучок дополнително ни се потврдува со фактот дека градот не покажа доволно посветеност за надминување на пречките за формирање локален младински совет, усвојување локална стратегија за млади, ниту пак отворање младински центар, дел од механизмите, кои се основа и на самата кандидатура за Европска младинска престолнина за 2027 – велат од Националниот младински совет на Македонија.
Нивната заложба, како што истакнуваат оттаму, е да се застапуваат за суштинско вклучување на младите, а мотивирани од ова се вклучиле во овој процес заеднички со нивните организации членки и партнери од студентските и средношколските организации.
– За жал, изминатите месеци ни покажаа дека претставниците на градот единствено препознаваат токенистичко вклучување на младите во процесите вклучувајќи ја и кандидатурата на Град Скопје за Европска младинска престолнина за 2027 година. Апелираме до претставниците на локалните и националните институции активно да се вложат во обезбедување услови за суштинско младинско учество и заеднички со младите да креираат програми и политики што одговараат на нивните вистински потреби и во ваквите процеси целосно им стоиме на располагање – велат од Националниот младински совет, кој ќе продолжи да бара поддршка и да вложува напори, со цел визијата што ја има за Скопје да стане реалност, активно да ги поддржува младите и да ги застапува пред институциите за политики што ги застапуваат нивните приоритети и обезбедуваат зголемен младински стандард и квалитет на животот.