Фото:ЕПА

По обилните врнежи од дожд кои во текот на ноќта зафатија поголем дел од Босна и Херцеговина и предизвикаа поплави во повеќе градови, почнаа да пристигнуваат и првите официјални потврди за евентуалните жртви.

Шефот на Секторот за односи со јавноста на Владата на Херцеговско-неретванскиот кантон Дарко Јука изјави дека ситуацијата е нешто постабилна и потврди дека итните служби успеале да стигнат до Јабланица.

Јука потврди дека досега се потврдени 14 смртни случаи, додавајќи дека станува збор за оние кои ги пронашле спасувачките екипи, додека на терен има многу пријави за исчезнати лица. „Сè уште не знаеме која е точната бројка. Не се сеќавам на ваква криза од војната, размерите на оваа хаотична ситуација се застрашувачки“, рече Јука.

„Во моментов најкритична е ситуацијата во Доња Јабланица, која е целосно отсечена од светот“, рече Јука и додаде дека „паднати се патиштата, како и неколку мостови на реката Дрежанка“.

И поширокото подрачје на Коњиц е изолирано, а повредените се евакуираат со чамци што ги користат припадниците на вооружените сили на БиХ, цивилната заштита и локалните клубови.

„Сите расположливи сили се на терен – цивилна заштита, полиција, планинска спасувачка служба и Црвен крст, додека соседните кантони нудат помош“, рече Јука.

Јука апелираше до граѓаните да ја сфатат сериозноста на ситуацијата и да не се упатуваат кон Јабланица и Коњиц од кој било правец. „На Салаковац беа поставени полициски контролни пунктови со цел да се контролира приливот на возила и да се обезбеди безбедноста на граѓаните“, рече тој.