Свечено доделување на наградата „Пегаз“
На 8 октомври (вторник), во 20 часот, во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, ќе се одржат свеченото доделување на наградата „Пегаз“ за 2024 година и промоцијата на победничкиот роман „Ехото на акробатите“ од Владимир Јанковски. На доделувањето на наградата за најдобар необјавен роман ќе се обрати жирито во состав: Наташа Аврамовска (Институт за македонска литература), Ермис Лафазановски (Институт за фолклор, писател) и Бисера Бендевска (уредничка во издавачката куќа „Арс ламина“). Промоторка на книгата ќе биде уредничката Оливера Ќорвезироска.
Издавачката куќа „Арс ламина“ по шести пат ја доделува наградата „Пегаз“ во соработка со фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.
– „Ехото на акробатите“ повеќе е граматика на љубовта отколку што е љубовна приказна. Не напуштајќи ја својата препознатлива раскажувачка поетика базирана на љубовта со сите нејзини убави лица и грди опачини, авторот Владимир Јанковски овој пат подлабоко загребува и во општеството и во семејните односи. „Ехото на акробатите“ е скршена семејна фотографија со татко во центарот и деца расфрлани по периферијата, наративна сложувалка со 100 „глави“ и недоброј значенски „опашки“. Со мајсторски минимализам и кристално избрусен стил, Јанковски филмски ја измонтирал приказната за тагата и празнината, за успехот и неуспехот, за подемот и падот на едно семејство… со досетливи, длабоки и незаборавни кадри и резови – се вели во одлуката.
Владимир Јанковски (Скопје, 1977) дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Работел како уредник во неколку издавачки куќи. Има објавено седум книги: „Кабинет на чуда со ѕидови од огледала; разговори со Влада Урошевиќ“ (2023), „Скриени желби, немирни патувања“ (роман, 2020), „Невидливи љубови“ (роман, 2015), „Вечно сегашно време“ (роман, 2010), „Лицата на невидливиот град“ (фотоесеи, заедно со Иван Блажев, 2010), „Скопје со широко отворени очи (фотоесеј, заедно со Иван Блажев, 2008) и „Огледало за загатката; разговори со Влада Урошевиќ“ (2008).