Сениорската кошаркарска репрезентација на Македонија, предводена од селекторот Јорданчо Давитков, утре (17.45 часот), се среќава со селекцијата на Косово, во Гевгелија, во претквалификациите за пласман во квалификациите за Европското првенство (ЕП) во 2021 година.
Македонија досега забележа две победи во групата Б, и тоа на гости против Косово (76-73) и дома против Романија (90-76), со што е прва на табелата со максимални четири бода. По завчерашната победа над Косово (88-83), Романија има три бода (по една победа и пораз), а трета е селекцијата на Косово со два бода (два пораза). По мечот со Косово, ќе остане уште дуелот со Романија на гости, закажан за 21 февруари идната година. Во квалификациите ќе игра победникот на групата.