САД, Катар и Египет ги повикаа Израел и палестинската милитантна група Хамас да ги продолжат преговорите за прекин на огнот во Газа и за договор за ослободување заложници на 15 август, јави ДПА.
„Време е да се обезбеди итно олеснување и на долготрпеливиот народ во Газа и на долготрпеливите заложници и нивните семејства“, истакнаа лидерите на САД, Катар и Египет во заедничка изјава.
„Дојде време да се склучи прекин на огнот и договор за ослободување на заложниците и затворениците“, изјавија во заедничка изјава американскиот претседател Џо Бајден, египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси и емирот на Катар Тамим бин Хамад Ал Тани.
Катар, САД и Египет со месеци посредуваат за прекин на огнот во Појасот Газа и размена на заложници кои ги држи Хамас за палестински затвореници во Израел.
Трите земји посредници рекоа дека „рамковниот договор“ што го подготвиле „сега е на маса, а останува да се разработат само деталите за спроведувањето“.