Заврши годинашниот 19. „Астерфест“

Жирито на 19. „Астерфест“, Зејгам Азизов од Велика Британија, Ганимет Сава од Косово и Никола Пијанманов од Македонија, во Струмица, едногласно донесе одлука за наградените автори и филмови на годинашниот фестивал. Гран прито (најдобар краток филм) го доби краткиот игран филм „Љубовни маки“ на Александер Саул (Данска). „Златната потковица“ ја доби краткиот анимиран филм „Гилгамеш“ на Шаќир Весели (Албанија). „Сребрената потковица“ ја доби краткиот игран филм „Прошетка“ на Елеонора Венинова (Македонија), а „бронзената потковица“ ја доби краткиот игран филм „Фортисимо“ на Виктор Цеска (Франција). Наградата за најдобар режисер „Ацо Алексов“ ја доби Небојша Слијепчевиќ за краткиот игран филм „Човекот што не можеше да молчи“ (Хрватска). Наградата за најдобро сценарио „Ѓорѓи Абаџиев“ ја доби краткиот анимиран филм „Споменик“ на Сиџјиа Џенг и Џјашји Ву (САД). Специјални признанија од жирито добија и краткиот документарен филм „За живеењето“ на Сезер Салихи (Македонија) и краткиот анимиран филм „Мигови“ на Катја Фридрих (Германија).
Астерфестовската публика имаше можност да ја гледа раритетната копија на долгометражниот игран филм „Преку езерото“ во чест на лауреатот Антонио Митрикески, како и кратките филмови „Со кренати раце“ на Митко Панов и „Лифт горе, лифт долу“ во режија на Душан Наумовски. На последната фестивалска вечер беа прикажани наградените кратки филмови, како и култниот филм „Црно семе“, во знак на петгодишнината од смртта на Кирил Ценевски.
Деветнаесеттото издание на интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“, во знакот на авторскиот филм, започна со проекција на канскиот лауреат „Човекот што не можеше да молчи“, во режија на Небојша Слијепчевиќ. Овој тринаесетминутен хрватски филм, со Горан Богдан во главната улога, неодамна освои „златна палма“ за краток филм на „Канскиот филмски фестивал“.
Лауреат на наградата „Астер“ беше македонскиот режисер и сценарист Антонио Митрикески, кој оваа престижна награда ја доби за неговата исклучителна филмска поетика и естетски вдахновениот и минуциозен филмски опус. Наградата на Митрикески му беше доделена на самиот чин на отворањето на „Астерфест“. Во првата натпреварувачка вечер, покрај „Човекот што не можеше да молчи“, на програмата беа 12 кратки филма: „Гилгамеш“ на Шаќир Весели, „Астран“ на групата автори од „Исарт“, „Глувчевата куќичка“ на Тимон Ледер, „Луди и свесни“ (премиера) на Мануела Златкова, „Споменик“ на Сиџија Џенг и Џјашји Ву, „Малиот талкач“ на Каролина Томкова, „Полжавска приказна“ на Ели Воткинс и Хелен Грифитс, „Песок“ на Розе Торн и Матео Коста, „Сламеница кон иднината“ на Николас Нојхолд, „Оп, риба“ на Вибин Виџајан, „Шепкач“ на Младен Ѓукиќ и „Сржта“ на Оберт. Во втората натпреварувачка вечер, двократните оскаровци Ким Магнусон и Ребека Прузан од Данска го прикажаа својот најнов филм „Љубовни маки“, во режија на Александер Саул. Веднаш потоа следуваа уште десет ексклузивни кратки филмови: европската премиера на „Избавени од злотворот“ на Бенџамин Хекман и Лук Сарџент и „Мигови“ на Катја Фридрих, „Фортисимо“ на Виктор Цеска, „Солени животи“ на Рустам Мелиев, „Гнездо“ на Настимир Цачев, „За живеењето“ на Сезер Салихи, „Навја“ на Ана Шиленкова, „Почест“ на Мат Цискас, „Прошетка“ на Елонора Венинова и „Ги знаеш правилата“ на Овен Тут.
На програмата беа филмови од дваесетина држави од сите меридијани, кои ги потпишуваат референтни, високопрофесионални продукции, универзитети и независни филмски автори, од кои повеќето се веќе искусни, а некои се дебитанти.
Македонскиот ликовен уметник Никола Пијанманов, кој е и член на годинашното интернационално филмско жири на „Астерфест“, изработи уникатни статуетки што од оваа година ќе бидат официјални награди за лауреатите. В.Д.