Фото: Пиксабеј

Истражувања за позитивните и негативните ефекти од употребата на клима-уредите

Употребата на клима-уредот стана вообичаена во секојдневниот динамичен живот на луѓето, особено во периодите како што е сега, кога „надворешните температури ја зовриваат живата во термометарот“, имено во текот на летото, чии временски рамки се продолжени благодарение на климатските промени… Но многумина имаат одредени дилеми и отворени прашања во врска со употребата на клима-уредите. Се разбира дека едно од приоритетните прашања во врска со клима-уредите е нивното влијание врз здравјето на човекот.

За жал, сè уште не се направени доволно длабоки научни истражувања на оваа тема, но постојат истражувања што даваат одредени одговори на некои дилеми. Најважна е констатацијата дека „правилното користење на уредот може да ги максимизира позитивните и да ги намали негативните ефекти“. За читателите ги издвоивме главните позитивни, но и негативни ефекти врз здравјето на човекот што треба граѓаните да ги имаат предвид кога го разгледуваат прашањето за употребата на клима-уредите.

Позитивни ефекти од клима-уредите врз луѓето

1. Климатизацијата во здравствените установи кај пациентите е апсолутна придобивка!

Една од посеопфатните студии за ефектот на климатизацијата врз здравјето е објавена во списанието „БМЦ јавно здравје“. Во неа фокусот е ставен на влијанието на приспособувањето на воздухот и температурата преку системите за греење, вентилација и климатизација (ХВАЦ) врз пациентите во болниците.
Севкупно, системот за ХВАЦ се покажа како корисен за закрепнување на пациентите, особено во контекст на подобрување на виталните знаци, намалување на настаните од срцевиот стрес, забрзување на закрепнувањето и зголемување на физичката активност. Покрај тоа, употребата на системи за ХВАЦ ја намали смртноста на пациентите и го скрати престојот во болница за пациентите со респираторни заболувања.

2. Ефекти на климатизацијата врз здравите луѓе

Студија за ефектот на климатизацијата врз здрави луѓе, (конкретно врз ученици) беше спроведена од училиштето за јавно здравје „Харвард Чан“. Студијата покажа дека зголемените температури во просториите без климатизација за време на топлотен бран негативно влијаат на когнитивните функции кај младите здрави индивидуи (внимание, говор, решавање проблеми, размислување, креативност итн.).

Студијата опфатила 44 ученици од Масачусетс, САД, од кои некои живееле во згради со клима-уреди, а други без клима-уреди, пред, за време и по топлотниот бран. Наодите покажаа дека за време на топлотниот бран студентите во просториите без климатизација имале полоши резултати на тестовите од студентите во климатизираните простории и доживеале пад во пет мерки на когнитивната функција, вклучувајќи ги времето на реакција и работната меморија.

За време на топлотниот бран, учениците во просториите без климатизација имале 13 отсто подолго време на реакција на тестовите со пишување и 13,3 отсто полоши резултати на тестовите со математички операции во споредба со учениците што работеле во климатизирани простори. Резултатите покажаа дека учениците во климатизираните простории не само што биле побрзи во нивните одговори туку биле и попрецизни. Откриено е дека внатрешните термални услови предизвикани од топлотните бранови во просториите без климатизација резултирале со значителни дефицити во когнитивните функции.

Авторите на студијата веруваат дека овој пад на когнитивните функции може да им се припише на зголеменото топлинско оптоварување и зголемените ефекти на другите фактори на животната средина.

3. Клима-уредот ја одржува температурата на телото и го олеснува спиењето!

Клима-уредот ја одржува температурата на телото, што е од клучно значење во влажните и топли подрачја во светот, каде што топлотниот удар е голем проблем во текот на летото. Клима-уредите го олеснуваат спиењето со ладење/разладување на човековото тело. Ноторен факт е дека е попријатно да се спие во постудени простории отколку во топли. Клима-уредите исто така можат да го намалат ризикот од алергиски реакции бидејќи е предвидено нивните филтри да можат да ги отстранат алергените доколку се одржуваат добро.

Негативни ефекти од користењето на клима-уредите

Уредите за разладување може да имаат и одредени негативни ефекти, особено за чувствителните луѓе.

1. Клима-уредите ја намалуваат влажноста на воздухот, што јасно можеме да го видиме по тоа колку вода излегува од нив. А сувиот воздух кај чувствителните луѓе може да доведе до сувост на кожата, очите и мукозните мембрани, а во некои случаи и до иритација на респираторниот тракт.

2. Сувиот воздух може да ја исуши слузницата на респираторниот тракт што вообичаено служи како бариера против бактериите и вирусите, што може да го зголеми ризикот од респираторни инфекции. Кај луѓето со хронични респираторни заболувања, како што се астма и хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ), сушењето на воздухот може да ги влоши симптомите како што се бронхоконстрикција и отежнато дишење.

3. Освен тоа, луѓето во климатизираните простории често пијат помалку вода бидејќи не чувствуваат жед како на високи температури. Тоа може да доведе до дехидрација, која се интензивира со сувиот воздух, што пак може да предизвика главоболки, замор и намалување на когнитивните функции.

4. Ненадејната промена на температурата може да предизвика проблеми. Ненадејната транзиција од топла надворешна средина во ладен климатизиран простор може да предизвика стрес на телото, што може да резултира со симптоми како што се главоболки, замор и болки во мускулите. Проблем може да биде и ненадејната транзиција од климатизирани простори на топлина. Тоа може да предизвика бронхоконстрикција, особено кај луѓе со астма или хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ). Ладниот воздух од климатизираните простори може да ги иритира дишните патишта, а потоа ненадејната изложеност на топол воздух може дополнително да ги иритира, што може да предизвика кашлање и отежнато дишење. Ненадејната промена на температурата може да биде стресна за кардиоваскуларниот систем. Луѓето со постојни срцеви проблеми може да доживеат влошување на симптомите, како што се болка во градите и отежнато дишење. Високите температури ги зголемуваат работата на срцето и оптоварувањето на крвните садови, што може да биде опасно за луѓето со хипертензија или срцеви заболувања.

5. Долгорочното поминување време во климатизирани простори ја намалува изложеноста на природна топлина, така што телото нема потреба да се приспособува на високите температури, како што би било во спротивно. Оваа намалена изложеност може да ги намали терморегулаторните способности на телото и да го направи помалку ефикасно во управувањето со топлината кога е потребно. Истото тоа важи и за потењето. Телото се лади преку процесот на потење, што е помалку потребно во климатизираните простори. Долгорочното намалување на потењето може да ја наруши способноста на телото да го користи овој клучен метод на ладење кога е во топла средина.

6. Луѓето што не се аклиматизирани на топлината имаат поголема веројатност да доживеат топлотен стрес и поврзани здравствени проблеми. За да се намали негативното влијание на климатизацијата врз способноста за приспособување на топлина, се препорачува одредено време да се помине на отворено или во неклиматизирани простори за да се обучи телото да се приспособи на топли услови. Н.М.


Краток водич за граѓаните при ракување со клима-уредот

Правила за употреба на клима-уред

Правилно одржување и употреба на уредите за климатизација може да ги зголеми нивните позитивни и да ги намали можните негативни ефекти врз здравјето. Затоа е добро да се повторат неколку општопознати правила. Редовното одржување на климатизацијата е од суштинско значење за здравјето. Тоа вклучува чистење или замена на филтерот на неколку месеци и професионална услуга најмалку еднаш годишно. Тоа го намалува ризикот од акумулација на бактерии и мувла. Се препорачува температурата на клима-уредот да ја поставите на ниво што е само неколку степени пониско од надворешната температура. Преголемите разлики во температурата може да бидат стресни за телото. Во климатизирани простории може да биде корисно да се инсталираат навлажнувачи на воздух за да се спречи сушење на кожата и мукозните мембрани. Важно е да се обезбеди доволен проток на свеж воздух во просториите за да се намали ризикот од акумулација на штетни гасови и да се подобри севкупниот квалитет на воздухот. Конечно, воздухот од клима-уредот не треба да се насочува директно кон луѓето. Подобро е да го насочите кон таванот или ѕидовите за да постигнете порамномерна распределба на оладениот воздух. Доколку клима-уредите не се одржуваат правилно, во нив може да се насоберат бактерии и мувла. Вдишувањето воздух контаминиран со овие микроорганизми може да предизвика респираторни проблеми и алергиски реакции. Како и кај сите технологии, клучот се умереност и правилна употреба.