Со проекции на македонски музички документарни филмови се заокружи 10. издание на фестивалот „Скопје синема сити“. Последниот ден од фестивалот беше посветен на македонски музички документарни филмови. Во киното „Мирно лето“ беше прикажан „Лука“, во режија на Ице Виранов, а потоа „Тале Огненовски“, во режија Благојче Трајковски.
– Фестивалот секоја година во рамките на својата програма отстапува место за домашната продукција на овој документаристички жанр, со што сака да им даде поддршка на младите автори за посветеноста кон музичката документаристика – велат организаторите.

„Лука“ е документарен филм на здружението за култура „Транзен“, во режија на Ице Виранов, работен според сценарио на Бинева Џејд. Станува збор за филм за млади музичари што бараат начин да ги изразат своите креативни потенцијали. Тројцата се целосно посветени на креирање авторска музика, рок и џез, но и други жанровски стилови. Филмот ги документира нивниот креативен набој и развој на иновативни идеи, создавање музички инструменти од отпадни материјали и креирање нови звуци, алтернативни музички композиции на истите инструменти.

„Тале Огненовски“ е филм за основоположникот на македонската традиционална музика за кларинет, кој ја оформил рамката за тоа како треба да изгледа македонското народно оро за кларинет. За стогодишнината од неговото раѓање професорот м-р Благојче Трајковски промовираше книга и документарен филм што сведочат за животот на Огненовски, многубројните награди и признанија, а ги публикува и неговите авторски ора како нотен текст.

Проекциите на филмовите на полскиот музички новинар и режисер Грегор Брзозович беа проследени со големо внимание, а авторот во получасовна исцрпна дискусија откри дел од искуството со снимањето на неговите филмови.