Фото: ЕПА

Најпопуларниот спорт во светот и понатаму е под влијание на технологиите што брзо се развиваат во светот. Напредокот во областите како што е опремата и спортската наука се присутни на теренот и надвор од него, дизајнирани да ги подобрат играта, искуството на гледачите и благосостојбата на фудбалерите, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“

Најсовремената технологија на ЕП 2024 го менува ликот на фудбалот

Од паметни топки за натпревари и вештачка интелигенција до криогени комори за закрепнување, фудбалот се трансформира со најсовремената технологија достапна за играчите, тренерите и за официјалните лица, а тоа е очигледно на Европското првенство, каде што напредокот во областите како што е опремата и спортската наука се присутни на теренот и надвор од него, дизајнирани да ги подобрат играта, искуството на гледачите и благосостојбата на фудбалерите, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
Но сето тоа не е прифатено од сите. На пример, уште има поплаки за одлуките на системот видеопомошник-судија (ВАР), исто како што имаше за одлуките во деновите пред да се воведе ВАР. Без разлика, најпопуларниот спорт во светот и понатаму е под влијание на технологиите што брзо се развиваат во светот.

Вистински одлуки

Одлуките за ВАР, во голем дел, се чинеше дека се полесен процес на ЕП 2024 отколку што беше видено, на пример, во англиската Премиер-лига во минатата сезона. Европската фудбалска унија (УЕФА) користи полуавтоматска технологија за одредување офсајд, заедно со вештачката интелигенција и со технологијата за поврзана топка на „Адидас“ за да го забрза процесот на преглед на ситуациите и да ја подобри прецизноста.
На секој од стадионите домаќини на ЕП 2024 се инсталирани 10 камери, за кои УЕФА вели дека следат 29 различни точки на телото на секој играч. Во комбинација со официјалната топка на турнирот, која има сензор за откривање на секој допир и вештачка интелигенција, процесот на донесување одлуки се претпоставува дека е побрз и поубедлив од порано, пишува АП.
Белгиецот Ромелу Лукаку имаше поништени три гола во неговите воведни два натпревара, два за офсајд и еден за игра со рака на соиграчот Лоис Опенда пред постигнување на голот, што беше откриено од сензорот на топката, пишува АП. Технологијата на гол-линијата ја заврши дебатата за минималните одлуки во однос на тоа дали топката ја поминала гол-линијата. Во секој гол има седум камери и се испраќа сигнал до часовникот на судијата, кој вибрира ако топката ја поминала гол-линијата. УЕФА вели дека резултатите се испраќаат во рок од една секунда од акцијата.

Топка и друго

Додека официјалната топка на ЕП 2024 асистира за одлуките за офсајд, се чини дека е хит и кај играчите. Направена е од рециклиран полиестер и други материјали, вклучувајќи пченкарни влакна, шеќерна трска и дрвна маса, а фудбалерите зборуваа за брзината и за растојанието што го поминува, пишува АП. Тоа би било очигледно ако се оценува според бројот на неверојатни голови од далечина постигнати за време на групната фаза.
Тренерите се обидуваат да најдат предност каде и да можат. Играчите на репрезентацијата на Англија се забележани како носат паметни прстени.
– Идејата е дека помага да се следи вашиот сон, што е најголемиот фактор во однос на закрепнувањето. Значи, без разлика какви работи се измислени во светот, најдобрите работи за закрепнување се спиењето и исхраната. Не ги проверуваме играчите, но тоа им овозможува да го следат своето закрепнување – рече селекторот на Англија, Герет Саутгејт.
Кристијано Роналдо е амбасадор на производ што ги следи спиењето и биометриските податоци, како што се кардиоваскуларното и мускулното оптоварување. Елеците за следење долго време се користат за мерење на растојанието што го поминуваат играчите. Саутгејт исто така носи паметен часовник, кој има свои можности за следење и исто така обезбедува предупредувања за резултати за време на турнирот, пишува АП. Едно неочекувано средство за носење е заштитната маска на Килијан Мбапе по нарачка, откако на напаѓачот на Франција му беше потребна откако доби скршеница на носот на првиот натпревар.

Третман и одмор

Репрезентациите имаат пакет-уреди за закрепнување, за да им помогнат на играчите да се справат со пренатрупаниот распоред на турнирите. Тренинг-кампот на Шпанија има хипербарична кислородна комора, криогена комора и кревет за фототерапија за да се забрза мускулното закрепнување по тренинзи или играње мечеви, пишува АП.
Хипербарична кислородна комора се користи за дишење во 100 проценти чист кислород. Криогенскиот третман вклучува употреба на ниски температури, додека фототерапијата користи светлина.
– Ова прави чуда по интензивните натпревари што ги имаме на ЕП. Сѐ што може да ни даде предност, ќе го искористиме – напиша шпанскиот напаѓач Нико Вилијамс на „Инстаграм“.
Капитенот на Англија, Хари Кејн, користел чевли со компресија на воздух, кои ги масираат нозете на играчите и ја зголемуваат циркулацијата, пишува АП.
Досадата може да биде еден од најголемите проблеми со кои треба да се справите за време на долг турнир, кога играчите го поминуваат времето надвор оддома и нивното семејство и пријатели. Тие често може да се видат како пристигнуваат на стадионите со нивните најсовремени слушалки за поништување на бучавата. Сепак, не секој играч ја користи најновата технологија, Англичанецот Кол Палмер беше виден како носи cлушалки со кабел, пишува АП. Личните уреди се задолжителни, со паметни телефони, уреди за игри… кои обично се при рака. Германецот Каи Хаверц, на пример, беше виден како носи популарна конзола за видеоигри додека излегуваше од тимскиот автобус, германската тренинг-база има и џиновски киноекран покрај отворен базен… Н.М.


ЕП 2024

ОСМИНАФИНАЛЕ
1. Швајцарија – Италија 2-0
2. Германија – Данска 2-0
3. Англија – Словачка синоќа
4. Шпанија – Грузија синоќа
5. Франција – Белгија 18 ч.
6. Португалија – Словенија 21 ч.
7. Романија – Холандија утре, 18 ч.
8. Австрија – Турција утре, 21 ч.

ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ
А. Победник 4 – Германија петок
Б. Победник 6 – победник 5 петок
В. Победник 7 – победник 8 сабота
Г. Победник 3 – Швајцарија сабота

ПОЛУФИНАЛЕ
Победник А – победник Б 9 јули
Победник В – победник Г 10 јули

финалето е на 14 јули во Берлин