Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека ќе има уште апсења во Србија, дека сега се проверува поврзаноста на сите лица со напаѓачот на жандармот Милош Јевремовиќ и дека очекува до вторник да се реши најголемиот дел од таа работа, јави МИА од Белград.
Вучиќ на ТВ Прва нагласи дека се работи за целосно смислен терористички напад и дека ништо не се случило случајно.
-Полицијата немаше одредени сознанија, но обвинителството работеше. Имавме комплетна обработка на лице по налог на обвинителството. Обвинителството го правеше тоа и според она што го слушнав можеби грешам, се беше подготвено, требаше да се дополнат уште некои детали за обвинителот, за да има доволно докази и да продолжи во постапка, т.е. апсењето на лицето – рече Вучиќ.
На прашањето до кога ќе важи црвениот аларм во Србија, односно црвеното ниво на безбедност, Вучиќ рече дека државните органи до вторник ќе го решат најголемиот дел и потоа се ќе биде во ред.
На прашањето како ја коментира една од реакциите што доаѓа од Германија и коментарот дека терористички напад во Србија не е изненадувачки бидејќи резолуцијата за Сребреница исцртала мета на челото на Србија, Вучиќ рече дека зад тоа стои Ирфан Пеци кој некогаш бил многу радикален во неговите ставови и дека соработувал со германската тајна служба БНД.
-Ова е без сомнение една од работите за кои не можам да кажам дека директно влијаела. Би лажел, тоа е прашање за истрага, но нема сомнеж дека и ова ќе се истражува како еден од мотивите – рече Вучиќ.