Земјите-членки на Европската унија ги усвоија преговарачките рамки за Украина и Молдавија, со што се создадени услови за почеток на пристапните преговори, објави денеска белгиското претседателство.
– Советот на ЕУ ја усвои преговарачката рамка за пристапните преговори со Украина и Молдавија. Со тоа се отвора патот за почеток на преговорите во вторник на 25 јуни во Луксембург – соопшти белгиското претседателство, пренесе „Хина“.
Неколку месеци по рускиот напад на Украина, во јуни 2022 година, ЕУ им додели кандидатски статус на Украина и Молдавија.
Во декември минатата година, шефовите на држави или влади на земјите-членки на ЕУ донесоа одлука за отворање на преговорите со двете поранешни советски републики.
После тоа мораше да се усвојат преговарачките рамки за навистина да се отворат преговорите.
Досега Унгарија го блокираше усвојувањето на преговарачката рамка за Украина, тврдејќи дека земјата не ги исполнила бараните услови, особено во однос на унгарското малцинство во Украина.
Отворањето на пристапните преговори е долг процес кој може да потрае со години. Секој чекор во процесот бара консензус од сите земји-членки.
Во ЕУ нагласуваат дека двете страни, земјата кандидат и самата Унија треба да бидат подготвени за проширување.