Оваа технологија може да им помогне на службените лица на ВАР да го идентификуваат секој допир на топката, намалувајќи го времето за решавање случаи на игра со рака и пенали, пишува УЕФА. Во 2016 година првпат на ЕП имаше технологија за гол-линијата, системот ВАР на ЕП дебитира во 2021 година, а годинава покрај „поврзаната топка“, првпат на европските шампионати се користи и полуавтоматизираната технологија за одредување офсајд
„Поврзаната топка“ дебитира на европските првенства (ЕП) во фудбал на годинашниот шампионат во Германија, а во понеделникот ја имаше и својата прва улога во донесување одлука на еден меч. Белгија постигна гол на дуелот со Словачка, но видеопомошник-судиите (ВАР) му сугерираа на главниот судија на мечот да прегледа снимка со дополнителна информација од „поврзаната топка“ според која во акцијата за голот имало игра со рака. Погодокот на Белгија беше поништен и Словачка ја зачува предноста за победа со 1-0.
Оваа топка на „Адидас“ испраќа прецизни податоци до официјалните лица во реално време, комбинирајќи ги податоците со вештачка интелигенција за позицијата на играчите, иновацијата придонесува за одлуките на полуавтоматизираната офсајд-технологија и ќе биде клучна за поддршка за побрзи одлуки во натпреварот, а оваа технологија за „поврзана топка“ може да им помогне на службените лица на ВАР да го идентификуваат секој поединечен допир со топката, намалувајќи го времето за решавање случаи на игра со рака и пенали, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА).
Првпат на радиодифузерите им се испраќа графика за „откривање на допирот“ што ја користат официјалните лица за да донесат клучни одлуки во врска со играњето со рака, како таа за поништениот гол на Белгија, и за офсајдите, пишува британски „Телеграф“. ЕП 2024 е првото европско првенство на кое има напредна топка со микрочип што испраќа прецизни податоци до судиите во реално време. Чипот им овозможува на службените лица да видат кога точно бил остварен контакт со топката, како со системот „сникометар“ во крикет, пишува „Телеграф“. Покрај обезбедувањето информации за игра со рака, таквите податоци би можеле да се покажат како клучни за одредени одлуки, на пример за офсајд, бидејќи ќе покажат дали некој играч ја допрел топката на пат кон соиграчот.
Во 2016 година првпат на ЕП имаше технологија за гол-линијата, системот ВАР на ЕП дебитира во 2021 година, а годинава покрај „поврзаната топка“, првпат на европските шампионати се користи и полуавтоматизираната технологија за одредување офсајд. Н.М.
ЕП 2024, РЕЗУЛТАТИ, ДВОЈКИ
Група А
Германија – Шкотска 5-1
Унгарија – Швајцарија 1-3
Германија – Унгарија 18 ч.
Шкотска – Швајцарија 21 ч.
Група Б
Шпанија – Хрватска 3-0
Италија – Албанија 2-1
Хрватска – Албанија 15 ч.
Шпанија – Италија утре, 21 ч.
Група Ц
Словенија – Данска 1-1
Србија – Англија 0-1
Словенија – Србија утре, 15 ч.
Данска – Англија утре, 18 ч.
Група Д
Полска – Холандија 1-2
Австрија – Франција 0-1
Полска – Австрија петок, 18 ч.
Холандија – Франција петок, 21 ч.
Група Е
Романија – Украина 3-0
Белгија – Словачка 0-1
Словачка – Украина петок, 15 ч.
Белгија – Романија сабота, 21 ч.
Група Ф
Турција – Грузија синоќа
Португалија – Чешка синоќа
Грузија – Чешка сабота, 15 ч.
Турција – Португалија сабота, 18 ч.