Во Музејот на македонската борба во Скопје, денеска во 19.30 часот, ќе биде промовирана монографијата „Гого Попов – Звукот на тишината“, уникатно издание за еден од пионерите на македонското планинарство, професионален фотограф, скијач, тренер, инструктор, спасител.

Поделена на три тематски целини – Семејство и живот, Фотографија и професија и Планина – монографијата е уникатен приказ, низ текст и низ 500 фотографии од Гогов, на почетоците, историјата и развојот на планинарењето и скијањето во Македонија од почетокот на дваесеттите до крајот на седумдесетитте години на минатиот век.
Издавач на оваа монографија е Планинарскиот Клуб „Љуботен“ од Тетово, кој следната година ќе прослави 100 години од своето постоење, а автор е претседателот на клубот, Јован Божиноски.

– Оваа монографија е единствено дело од ваков вид во Македонија. Дел од повозрасните планинари и скијачи знаат кој е Гого Попов – Стариот, а младите најдобро да ја прочитаат оваа книга. Но, со една реченица може да се каже дека Попов е човек кој поставуваше стандарди, ентузијаст, професионалец – велат од планинарското друштво „Љуботен“.

Бидејќи се работи за монографија која содржи голем број на информации, додаваат од „Љуботен“, нејзината подготовка и собирањето на податоците траело над 20 години.