Две лица, од кои едно потешко, се повредени во сообраќајната несреќа што утрово се случи на експресниот пат Штип – Кочани.
Едното од лицата е 42-годишниот штипјанец И.К., кој утринава ја косел тревата покрај коловозот на оваа патна делница. Додека ја извршувал работата, тој бил удрен од возило марка „сеат леон“ кое било управувано од 43-годишниот С. М. од Пробиштип. По ударот, возилото се превртело покрај патот.
Двете повредени лица се пренесени во Клиничката болница Штип. Локалните медиуми, повикувајќи се на информации од болницата во Штип, пренесуваат дека кај работникот биле констатирани низа повреди и оти неговата состојба е стабилна, но тешка. Возачот на автомобилот се здобил со полесни повреди кои биле констатирани во болницата.
На местото на сообраќајката во тек е увид од страна на јавен обвинител.
Сообраќајната несреќа се случила утрово во 7:40 часот на патот Штип – Кочани, на неколку километри од клучката кај Три Чешми, а сообраќајот беше во прекин.