Форумот на семејства на заложници и исчезнати лица денеска на Денот на сеќавањето на Холокаустот, апелираше до премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху „да го игнорира целиот политички притисок“ и да се потсети на ветувањето „никогаш повеќе “ и да обезбеди договор за ослободување на Израелците земени како заложници во Газа.
Од Форумот сметаат дека сега е време да се „предводи, покаже храброст и да се обезбеди враќање на сите 132 луѓе кои ги држи Хамас, живи, поради рехабилитација, како и на убиените за да бидат погребани“.
Соопштението дојде на денот кога се очекува да продолжат разговорите во Каиро за потенцијалниот договор.
Се верува дека договорот за кој се разговара се состои во неколку фази. Во првата фаза би биле ослободени ограничен број таканаречени „хуманитарни“ заложници за неколкунеделно примирје.
Во следните фази, уште повеќе затвореници би биле ослободени во замена за Палестинците во израелските затвори, а постои можност и за воспоставување поцврсто примирје.
Хамас, сепак, инсистира дека нема да се согласи на договор кој не вклучува крај на војната. Водачите на палестинската милитантна група не успеаја да постигнат напредок на вториот ден од разговорите во Каиро со посредниците од Египет и Катар за примирје со Израел и остануваат на барањето секој договор да вклучува крај на војната во Појасот Газа, соопштија палестинските власти.
Неименуван палестински функционер запознаен со разговорите изјави дека делегација на Хамас пристигнала во Каиро со намера да постигне договор, „но не по секоја цена“.
– Со договорот мора да се стави крај на војната и Израел да биде протеран од Појасот Газа, но Израел сè уште не се обврза дека ќе биде подготвен да го стори тоа – рече палестинскиот претставник.
Израел сака договор што ќе ослободи барем некои од околу 130-те заложници кои сè уште ги држи Хамас, но израелски официјален претставник вчера истакна дека основната позиција не е променета и дека Израел „под никакви околности“ нема да се согласи на договор за ставање крај на борбите кои ги води со цел да се разоружа и трајно да се уништи Хамас.
Друг палестински функционер потврди дека разговорите се „пред предизвик затоа што Израел одбива да се обврзе на сеопфатно примирје“, но додаде дека делегацијата на Хамас сè уште е во Каиро со надеж дека посредниците би можеле да извршат притисок врз израелската страна да ја промени својата позиција.
Нетанјаху изјави дека земјата ќе ја продолжи војната во Појасот Газа додека не се постигнат сите цели и ја обвини палестинската милитантна група Хамас за застојот во преговорите за привремен прекин на огнот.
– Капитулирањето пред барањата на Хамас би било ужасен пораз за државата Израел – рече Нетанјаху во видео порака објавена денеска.
„Тоа би била голема победа за Хамас, Иран и целата оска на злото. Тоа би покажало страшна слабост за нашите пријатели и за нашите непријатели“, ја пренесува ДПА изјавата на Нетанјаху.
– Ако Израел покаже слабост на овој начин, тоа само ќе ја доближи следната војна и ќе го отфрли следниот мировен договор, бидејќи сојузи не се прават со слабите и поразените. Сојузи се прават со силните и победниците – предупреди тој.