Воведно јавно предавање на Катерина Шекутковска
Денеска, од 19 часот, во културниот центар „Јадро“ воведно јавно предавање ќе одржи Катерина Шекутковска во рамките на серијалот „Читачка група – иницијатива за критичко мислење“. Темата ќе биде „Феминизам и студии за животните“. Станува збор за циклус средби на читачката група, која постои од 2021 година и се занимава со анализа на современи теориски идеи. И во 2024 година ќе формира група на читатели што јавно ќе дискутираат на тема од актуелната културолошка и социолошка теорија.
– Како и во изминатите години, фокусот на истражувањето е насочен на текстови што не се издадени на македонски јазик и/или ретко се тематизираат. Јавниот карактер на настаните цели кон отворање на овие идеи и теми, но и кон културата на дискусија за пошироката публика, па така, и оваа година ќе ја поттикнеме заедницата да партиципира на средбите што ќе се одржуваат во просториите на центарот. За своите анализи и заклучоци групата ќе има можност да комуницира со заедницата преку јавните дискусии, а на крајот на работниот процес, најредовните учесници ќе напишат текстови за темите што ќе бидат во фокусот на средбите. Потоа, текстовите ќе бидат објавени на веб-сајтот на „Јадро“ – велат организаторите.
Катерина Шекутковска (Скопје, 1988) го стекнува додипломското образование на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје при Катедрата за германски јазик и книжевност. По едносеместралниот престој на Универзитетот во Констанц (Германија) таа ги започнува своите постдипломски студии на Катедрата за германска книжевност и медијација на книжевноста на Универзитетот во Бамберг (Германија). По завршувањето на практичниот дел од докторските студии (посетување предавања, колоквиуми и конференции), како и по неколкугодишната соработка како научна истражувачка и предавачка на Универзитетот во Бамберг, таа моментално работи на својата докторска дисертација, како и на преведувачки и истражувачки проекти. Во 2022 година таа ја основа издавачката куќа „Илика“ каде што фигурира како главна и одговорна уредничка. Во фокусот на нејзината работа стои интердисциплинарноста, која произлегува од повеќегодишното академско искуство и практичната работа во полето на издаваштвото и театарот. За време на тригодишната работа како претставничка на докторандите на школата за книжевност, култура и медиуми при Универзитетот во Бамберг таа организирала читачки кружок за теориска литература и салонски дискусии во чии рамки се тематизирале феномени и проблематики што произлегуваат од пресекот помеѓу теоријата и уметностите. За својата работа како академска истражувачка и преведувачка таа е добитничка на повеќе стипендии (двократно стипендистка на ДААД, истражувачка стипендија „Радиал“ за преведувачи, резиденцијална стипендија од ЛЦБ Берлин…).