Македонија не е најлош пример за вклученоста на жените во политиката, но дали во состојбата во која се наоѓа државава родовите квоти се нашиот најсериозен проблем и колку е влијателен факторот на родова застапеност во една ваква жестока политичка конкуренција, а особено во време кога Македонија е исправена пред многубројни и многу посериозни политички предизвици од прашањето за тоа дали и колку нашето општество е созреано да ги прифати жените и надвор од традиционалната улога. Ако се анализира целокупната политичка ситуација во земјава во моментов, се чини, родовиот критериум е помалку релевантен од сите крупни и сериозни проблеми со кои се соочуваме
Положбата на жените во општеството отсекогаш била поврзана со културните претпоставки во врска со половите. Со векови конзервативните идеи за „природата на жените“ (жената е насочувана од емоциите, а не од разумот) се употребувани за исклучување на жените од многу области на општествениот живот, наедно и од политиката. Феминистичката традиција на спорење со биолошките теории за женската природа, која вели дека жените и мажите имаат една заедничка човечка природа, дека домаќинството и мајчинството се научени улоги и дека женскоста и машкоста се ефекти на културата, а не на природата, до денес не успеа целосно да изврши влијание врз промена на долго таложените стереотипи, па жените остануваат недоволно присутни во многу општествени сфери и професии.
Според податоците на Организацијата на Обединетите нации, жените на планетата главно не поседуваат земја, но ја обработуваат; немаат капитал, но работат повеќе за помалку пари, особено кога ќе се земе предвид бесплатната работа, која во светската историја непогрешно се изедначува со робовската работа, а според бројноста, тие се мнозинство од избирачите, но несоодветно се претставени во власта…
Денес, женската општествена партиципација како облик на таканаречена еманципација (политичка, економска, образовна), но и онаа интимната, лична, приватна сфера на жената е значително променета. Родовите предрасуди не се докрај надминати, но свеста дека таквата состојба мора да се менува сѐ повеќе се зацврстува. Според истражувањето на Институтот за комуникациски студии, жените во политиката кај нас ги има, но недоволно. Не е исклучок ниту последната влада, која има 21 член, но само четири жени. Од осамостојувањето на Македонија, бројката на жени во Владата се движи од нула до четири. Многубројни се причините за слабата застапеност на жените во високата политика. Од осамостојувањето на Македонија и првата влада на Никола Кљусев, во која немаше ниту една жена, успеавме да напреднеме само до четири жени на највисоките владини позиции. Проблемот тргнува од тоа што самите партии „забораваат“ да ги вклучат жените, како во своите редови така и на кандидатските листи.
Овој пат, во пресрет на парламентарните избори, ситуацијата е многу подобра, но само во македонскиот политички блок. Од пет коалиции, од кои две големи – на ВМРО-ДПМНЕ со 24 партии и на СДСМ со 15 партии, како и од две партии што самостојно ќе настапат на парламентарните избори на 8 мај, седум жени се промовирани за носителки на пратеничките листи. Во албанскиот политички блок, пак, нема ниту една жена носителка на листа, иако на изборите ќе се натпреваруваат два предизборни коалициски блока со по неколку партии. Оттука Македонија не е најлош пример за вклученоста на жените во политиката, но дали во состојбата во која се наоѓа државава родовите квоти се нашиот најсериозен проблем и колку е влијателен факторот на родова застапеност во една ваква жестока политичка конкуренција, а особено во време кога Македонија е исправена пред многубројни и многу посериозни политички предизвици од прашањето за тоа дали и колку нашето општество е созреано да ги прифати жените и надвор од традиционалната улога. Ако се анализира политичката ситуација во земјава во моментов, се чини, родовиот критериум е помалку релевантен.
Она што во моментов ги засега граѓаните е дали конечно некој ќе успее да се избори со корупцијата и криминалот, дали некој ќе понуди програма за повисок економски стандард, ниските приходи се детектирани како еден од клучните проблеми, и дали некој ќе ја поведе државата да се движи во вистинска насока, особено на надворешен план каде што се соочуваме со непризнавање и голем број блокади.
Граѓаните немаат никаква доверба во судскиот систем, а катастрофална е и довербата во институциите. Како најголеми предизвици со кои ќе треба да се зафати идната влада, граѓаните ги посочуваат и здравствениот систем, владеењето на правото, односно проблемот со корупцијата и неказнивноста и економскиот раст и стабилност…
Годинава ќе биде една од најзначајните на политички план, не само во Македонија туку и на глобално ниво. Политичарите ќе си ги одмеруваат силите во повеќе од 60 држави во кои живее повеќе од половина население, па затоа и ќе биде особено важно кому ќе му даде народот доверба. Изборни циклуси ќе има во Европа, САД, Русија, Британија, Индија, Мексико, Бангладеш, Азербејџан… И можеби некои држави можат да си ја дозволат привилегијата да се занимаваат со прашањата за родовата застапеност или, на пример, со еколошките прашања и справувањето со климатските промени, со правата на маргинализираните групи… Но не и Македонија, која сѐ уште се прпелка во егзистенцијалните проблеми, како економски така и на надворешен план, затоа што опстојувањето на државава е сериозно доведено во прашање.