Кон претставата „Хаг“ на Саша Денисова во режија на Галин Стоев, а во продукција на националниот театар „Иван Вазов“ од Софија. Главни улоги: Васил Драганов, Велислав Павлов, Дарин Ангелов, Димитар Николов, Илијана Коџабашиева

Рецензија

Секогаш, кога ќе започне некоја војна си помислуваме на цикличноста на нејзината погубност. Колку и да е софистицирана, војната не може без жртви, без страдања. Драмскиот текст на Саша Денисова, украински драматург, ни понудува уште една Ана Франк, но во време кога војната станува многу помизерна и полицемерна, ако воопшто има војна што не е мизерна. Персифлажниот навев на овој текст нѐ потсетува на тоа дека автократијата и во 21 век е плевел што никако не може да се искорне и дека нејзиното постоење е едноставно неизбришливо.
„Хаг“ е текст што се занимава со вивисекција на една војна, која сè уште трае. Аналитиката на Саша Денисова ни предочува дека инвазијата не е непозната трагика на човечката цивилизација, но дека во време на лажните вести и интернетот, војната што ја предизвикува таа е релативизирана докрај и постои во својата најстрашна форма, како стихија без стратегија. И се чини, дека токму затоа Саша Денисова се одлучила за една крајно персифлажна драмска игра во која хумористичниот аспект е горчлив, а она што значи трагедија е координирано од нашето искуство, од она што значи наш страв и морничавост.

Галин Стоев е многу суптилен во својот режисерски концепт и се одлучува за видување што не е многу далеку од она на Саша Денисова со тоа што тој во оваа своја концепција дава огромен простор за актерската игра. Разобличувајќи ги ликовите на Путин и на неговите блиски соработници, и Саша и Галин се одлучуваат за едно горчливо преструктурирање на оние што во овој момент продуцираат смрт и несреќа. Така, Путин во оваа претстава го игра жена, а погледот врз целото тоа негово судење е од она на што сме навикнале да го гледаме кога ја гледаме или читаме горенаведената Ана Франк. Саша Денисова се одлучува за наивноста и чистотијата на девојчето во чиј поглед на светот се крие само надежта и ништо друго.
Галин Стоев во своето видување на овој драмски текст инсистира на една отровна сатиричност и целиот тој конгломерат од идеи создава театарско дело што блеска со својата специфика и уникатност. Сето тоа, се разбира, резултира и со една совршена актерска органика и компактност, па така, и покрај одлично исцизелираните ликови, колективната игра на Васил Драганов, Велислав Павлов, Дарин Ангелов, Димитар Николов, Илијана Коџабашиева, Кремена Дејанова, Пламен Димов, Радена Валканова, Радина Крџалова, Софија Бобчева, Стелијан Радев, Христо Петков, Христо Терзиев, Јулијан Вергов и на Јавор Валканов е она што најмногу повлекува и одушевува. Нивната посветеност во кроките од ликови подоцна стануваат главни чинители во целиот тој суд што ги изнесува сите аспекти на времето што се заканува со чад и смрт. Хумористичните контексти се, се чини, само мали прозорчиња од кои се согледува една стравотна војна на која човекот се надеваше дека веќе е заборавен начин на однесување. Низ призмата на едно девојче, оваа војна во себе содржи една дистописка неразбраност и една нацистичка недефинираност, но со себе носи погубност, која ни претскажува дека по оваа војна светот нема да биде истиот. Актерите во своите улоги го отвораат тој паноптикум на безредието и стихијата, нè воведуваат во еден свет каде што емоцијата е далечно ехо на љубовта, а нѐ вовлекуваат и во гамата на деструкцијата, која во случајов со себе го носи лицемерството на ослободувањето.
Визуелниот аспект на оваа претстава има еден ригиден колоритен вкус, па така, сценографијата на Борис Далчев нѐ потсетува дека оваа цивилизација е полна со бои што нѐ заслепуваат, а на тој чуден и иритантен колорит се приклучува и костимографијата на Канчо Касабов, додека музичката илустрација на Емилијан Гацов Елби нè потсетува на тоа дека времето е циклично и дека можеби не е сè изгубено. Секако, во целиот овој персифлажен „танц на смртта“ ја имаме и сјајната кореографија на Марион Дарова.
„Хаг“ е пиеса што говори за погубноста на хипокризијата, која 21 век ни ја донесе не само преку лажните вести туку и преку лажните персоналитети. Путин е, се чини, последниот автократ чија воинственост се движи долу, по земја, па затоа човекот има сè помалку надеж дека оваа планета ќе ја биде, дека ќе стане достоинствено место за живот. Девојчето во текстот на Саша Денисова, сепак, има голема надеж во подобро утре, исто како што и Ана Франк до последниот здив се надевала дека убавината е она што ќе ги победи и војната и автократијата.
Галин Стоев е режисер со голема моќ на минималистичко читање на светот. И оваа негова режија импонира токму со тој ројалистички минимализам, кој ни наметнува дека големите луѓе и големите настани се само делови од микрокосмосот на обичниот човек, но и дека еден ден војната веќе нема да се брои со чаури и черепи, туку со изгубени народи и ненаселени територии. Неговиот „Хаг“ е претстава токму за таа погубност од која се плашиме во секој миг од животот.