Илустрација: „Нова Македонија“/ Фото: ЕПА

Во интервју за хрватски РТЛ, македонскиот претседател констатира дека тој како татко на нацијата бил целосно свесен за идентитетските барања од страна на Бугарија и обидите за асимилација. Но несфатлива е неговата одлука да го поддржи францускиот предлог кога сите овие бугарски барања станаа дел од преговарачката рамка. Дополнително, свесен е и дека 80 отсто од Македонците не сакаат влез во ЕУ под вакви наметнати услови, па клучното прашање е зошто кога најмногу беше потребно, целосно го игнорираше ставот на народот и без општествен консензус дозволи да се тргне во авантура од која сега истомислениците се жалат дека биле „изиграни и разочарани“!?

Интервјуто на актуелниот претседател Стево Пендаровски за хрватската телевизија РТЛ како повод

Со помината одредена временска дистанца од некој настан, изјава или поведение, политичарите, вклучувајќи ги и носителите на јавната власт (особено во пресрет на избори), одеднаш стануваат свесни дека со одредени свои изјави или постапки ја довеле државата во позиција за која народот (граѓаните) никогаш не дал согласност. И наместо вината да ја бараат во своите непромислени одлуки, прстот го вперуваат на друго место, се амнестираат од одговорноста и виновник бараат насекаде, само не во себе.
Низ повеќе примери во предизборното секојдневие станува очигледно дека во пресрет на предизборната кампања, одеднаш исчезна придавката „северна“ од наративите на сите оние што претендираат да бидат поуспешни при учеството на изборите. Поретко се споменуваат уставните измени, што јасно асоцира на тоа дека политичарите се свесни дека народот не ги одобрил (ниту ќе ги одобри) таквите постапки (ниту за Договорот за пријателство со Бугарија, ниту за Преспанската спогодба, уште помалку за францускиот предлог), па сега се обидуваат да им се додворат на гласачите ширејќи отпосле некаков квазипатриотизам и обвинувајќи ги другите за блокадите, без да признаат дека токму тие ја довеле земјата во подредена состојба со своите избрзани и непромислени постапки.

Претседателот Стево Пендаровски вината за застојот на македонските евроинтеграции ја лоцираше во Бугарија, но и во ЕУ, која дозволила идентитетски прашања да станат услов за преговори со Унијата

Актуелниот претседател Стево Пендаровски неодамна во интервју за хрватски РТЛ вината за застојот во македонските евроинтеграции ја лоцираше во Бугарија, но и во ЕУ, која дозволила идентитетски прашања да станат услов за преговори со Унијата.
– Сосема неочекувано за нас, пред три или три и пол години, Бугарија побара меморандум, документ во кој го бараше невозможното, затоа што тоа не се случува во нормални општества, барем не во Европа. Бугарија побара да си го смениме идентитетот и како Бугари да влеземе во ЕУ. Тоа наиде на чудење од другите земји од ЕУ, претставниците, амбасадорите во Брисел, но остана на тоа. Влегоа со неевропска, антиевропска политика и се обидоа да решат некои билатерални спорови според нивниот историски наратив. Опозицијата, која се обиде на таа карта да освои поени кај граѓаните, за жал успеа ова прашање да го направи главно предизборно и изборно прашање. Тие велат не, не, не, нема компромис со Бугарија, а тие гласови ни требаа во парламентот затоа што е потребно двотретинско мнозинство за промена на Уставот и на сите тие амандмани. Не успеавме да го направиме тоа и сега ние сме во самоблокада, така да се каже – рече Пендаровски.
Тој изрази отворена разочараност од некои високи европски функционери бидејќи очекувал поголема поддршка од најсилните европски земји.
– Очекувавме многу повеќе од најсилните земји од ЕУ во оваа насока, дека не можат да ја убедат Бугарија да нѐ пушти да влеземе без овие несоодветни услови. Во тоа никој во Македонија не може да верува. САД, кои не се членка на ЕУ, беа многу поактивни во овој период и против Бугарија и против Брисел, како што направија некои членки на ЕУ – истакнува Пендаровски во интервјуто за РТЛ.
Од изјавите на македонскиот претседател може јасно да се констатира дека тој како татко на нацијата бил целосно свесен за идентитетските барања од страна на Бугарија и обидите за асимилација, но несфатлива е неговата одлука да го поддржи францускиот предлог кога сите овие барања станаа дел од преговарачката рамка. Дополнително, свесен е и дека 80 отсто од Македонците не сакаат влез во ЕУ под вакви наметнати услови, па клучното прашање е зошто сите кога најмногу беше потребно целосно го игнорираа ставот на народот и без општествен консензус тргнаа во авантура што очигледно не знаеја каде ќе ги одведе, за сега да се жалат дека биле „изиграни и разочарани“.

Алиби за пред сопствените граѓани?!

Некои од политичките аналитичари сметаат дека со ваквите изјави политичарите само сакаат да им се додворат на гласачите во пресрет на изборите, ослободувајќи се себеси од каква било одговорност за погрешните политики што ја доведоа земјата во пат-позиција.
– Претседателот е тој тег што треба да натежне на вагата кога ќе увиди дека власта спроведува политики за кои граѓаните не ѝ дала мандат на изборите. Таков беше случајот и со Договорот со Бугарија, таков беше случајот и со Преспанската спогодба. Тогашната власт не доби мандат за вакви договори, туку за воспоставување на владеењето на правото и борба со корупцијата, бидејќи тоа го ветуваше пред целото македонско општество за време на Шарената револуција. Претходниот претседател Иванов токму затоа се спротивстави на двата договора и не ги поддржа, односно беше некаква противтежа на власта, коректор што јасно кажа дека тоа го немало во изборните ветувања, но и дека е штетно по националните интереси. Од друга страна, претседателот Пендаровски имаше добра можност да биде таква противтежа во однос на францускиот предлог. Тој не е од вчера во политиката, а и самиот беше свесен дека францускиот предлог е асиметричен, наметнува обврски само за Македонија и е потенцијален генератор на постојани вета низ целите евроинтеграции на земјава. Наместо да биде вистинска противтежа, да иницира општествена дебата, да ја притисне Владата да биде потранспарентна во целиот процес, претседателот постапи исто како што диктираше Владата, прво го отфрли, па го прифати фамозниот француски предлог. Покрај тоа, за сето време даваше нејасни изјави, како тоа дека не е запознаен со предлогот, за потоа да каже дека знаел детали од предлогот, што кај граѓаните создаваше извесна доза на конфузија и сомничавост дека нешто се случува зад кулисите. Тој како претседател сепак мораше да биде поголем визионер, максимално транспарентен, да ги сослуша и аргументираните забелешки на експертите, особено оние во делот на евроинтеграциите, кои јасно кажаа дека францускиот предлог не е добар и дека треба да се одбие – велат соговорниците.

Политичарите мора да носат храбри одлуки и да пулсираат со сопствениот народ

Според нив, ова што сега претседателот го кажува во интервјуто за хрватскиот медиум, за тоа дека бил свесен уште пред три и пол години за намерите на Бугарија, е всушност обично додворување на гласачите.
– Сега да зборуваш за тоа дека си знаел пред три години кои се намерите на Бугарија, а една година подоцна да го прифатиш францускиот предлог е целосно неразбирливо. Што клучно се промени во позицијата на Бугарија, за одеднаш францускиот предлог да стане прифатлив? Ништо, тоа што го имаа како нивна позиција си остана и натаму. Тоа продолжуваат да го кажуваат сите високи бугарски функционери. Продолжија да не го признаваат македонскиот јазик, да не го признаваат македонскиот идентитет пред 1944 година, продолжија со наметнување на нивниот историски наратив преку комисиите, згора на тоа сето ова го затскриваат зад некакви малцински права, барајќи впишување на бугарското малцинство во македонскиот устав, а истовремено одбиваат да ги спроведат пресудите од Европскиот суд за човекови права. Претседателот, но и другите политичари што се на истата линија, сега се свесни дека работите не поминале онака како што ги замислиле, па наместо вината да ја лоцираат кај себе, ги обвинуваат сите други, почнувајќи од ЕУ, завршувајќи со некои моќни европски центри. Улогата на секој претседател мора да биде визионерска, да носи храбри одлуки, но одлуки што народот ќе ги поддржува, а не одлуки за кои некој самиот сметал дека се добри. Нема импровизации! Во политиката нема место за индивидуален пристап, туку одлуките, особено оние крупните, треба да се носат заеднички и институционално – посочуваат соговорниците.