И што да се каже по сѐ? Уште еднаш народните избраници најбезобѕирно ја погазија народната волја за сметка на директивите од нивното партиско раководство, со што целосно ја девалвираа функцијата пратеник како претставник на народот. Уште еднаш надвладеа теснопартискиот интерес над општиот. Толкувањето дека гласањето за овој закон „би било спротивно на Уставот со кој не може да се менуваат меѓународните договори, како што е Преспанскиот“ претставува само политичко харакири во пресрет на изборите, кои се наближуваат со голема брзина. Веќе со право се наметнува дилемата дали во македонското собрание има народни избраници или, пак, обични партиски намесници, кои стискаат копче исклучиво по налог на партискиот лидер
Токму кога се подготвував да свртам на шега некои актуелни ситуации што душа дале за сатира, во последен момент се откажав, од разбирливи причини. Ѓаволот ја изеде шегата, сепак во оваа држава се случуваат и сериозни работи, кои, се разбира, мора да имаат приоритет, бидејќи нѐ засегаат сите.
За што станува збор?
Имено, пред два дена пратениците во македонскиот парламент експресно се изјаснија – не ги изгласаа измените на Законот за патните исправи со кои ќе беше овозможено да им се продолжи важноста на патните исправи на граѓаните до крајот на тековнава година. Иако за носењето на измените беа 46 пратеници, на ова се спротивставија 54 нивни колеги, кои гласаа против.
Тоа е епилогот на една убава иницијатива, која требаше да им донесе барем мало олеснување на стотиците илјади граѓани што не успеаја навреме да ги сменат патните исправи, а сега се наоѓаат во ќор-сокак, без можност да патуваат каде било во светот, затоа што над главата им се надвиснува опасноста да не можат да се вратат.
И што да се каже по сѐ? Уште еднаш народните избраници најбезобѕирно ја погазија народната волја за сметка на директивите од нивното партиско раководство, со што целосно ја девалвираа функцијата пратеник како претставник на народот. Уште еднаш надвладеа теснопартискиот интерес над општиот. Толкувањето дека гласањето за овој закон „би било спротивно на Уставот со кој не може да се менуваат меѓународните договори, како што е Преспанскиот“ претставува само политичко харакири во пресрет на изборите, кои се наближуваат со голема брзина. Веќе со право се наметнува дилемата дали во македонското собрание има народни избраници или, пак, обични партиски намесници, кои стискаат копче исклучиво по налог на партискиот лидер.
Токму затоа, а пред сѐ во интерес на сите оние, според некои проценки, 600 илјади граѓани, вреди да се запрашаат пратениците што го притиснаа партиското копче дали знаат дека граѓаните треба да им бидат во преден план. Да, токму нивните интереси, а не на партискиот лидер. Дали знаат дека мандатот како пратеници го црпат од граѓаните, а не од лидерот? Дали знаат дека тие се избрани за во парламентот да носат закони со кои ќе им го олеснат животот на своите сограѓани, а не да им го отежнат? Дали воопшто знаат пратениците дека наближуваат избори? Дали се свесни дека е огромна можноста овие 600 илјади, дури и да не се партиски опоненти, утре на изборите „да гласаат токму против нив“, за да ги казнат дека ги оставија своите сограѓани на цедило? Еве, и да не гласаат против, не знам како ќе натераат некој од овие луѓе што поради слепото придржување до партиската директива на пратениците ќе се најдат затворени во својата земја и не ќе можат да го остварат планираното патување надвор по работа, школување или, не дај боже, лекување, на изборите да гласа токму за нивната опција.
Некојпат навистина не можам да ги разберам партиските комбинаторики. Токму затоа и сум бегал од партиите како ѓаволот од крст. Тоа сум им го оставал на луѓето што се вешти во пливањето во матни води.
А дека кај нас има добри пливачи во матни води се уверуваме секојдневно. Еве, најнов случај е овој последниов, од вчера, за кога беше закажано продолжението на 145. седница, на која на дневен ред, меѓу другите, беа законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри во трето читање и четирите предлог-закони за стратегиски инвестициски проекти – предлог на законот за реализација на стратегискиот инвестициски проект „Соларен парк Стипион“, предлог на законот за реализација на стратегискиот инвестициски проект „Аин грин тек“, предлог на законот за реализација на стратегискиот инвестициски проект „Митилинеос когенеративна постројка Скопје“ и предлог на законот за реализација на стратегискиот инвестициски проект „Соларна електрична централа Пехчево“, сите по скратена постапка.
Интересно е да се каже дека сите четири предлог-закони за стратегиските инвестициски проекти прво беа повлечени од страна на предлагачот, за по неколку часа Владата да одлучи да ги врати повторно во Собранието.
Луѓето што редовно ги следат случувањата во собраниските клупи и кулоари, токму во заедничкото ставање на двата закона – за игри на среќа и за стратегиски инвестиции ги гледаат поврзаноста и одговорот зошто дојде до повлекување и брзо враќање на предлогот во процедура. Имено, токму пазарењето дека партиската поддршка за едниот предлог ќе значи дека неговите предлагачи ќе ги поддржат предлагачите на другиот закон кога ќе дојде ред за гласање. Така велат нашите извори што редовно ги следат случувањата во собраниската зграда.
И така, законите изгласани, притискачите на зелените копчиња среќни и задоволни, а народот?
Како и досега, што би рекол еден наш актуелен политичар. Или, пак, не?