Во организација на Францускиот институт во Скопје и издавачките куќи „Или-или“ и „Бункер“ се одржа книжевна промоција на македонските преводи на француските дела „Идис“ од Робер Бадентер, во превод на Гзиме Старова, издание на „Или-или“, и „Везење“ од Марџан Сатрапи, во превод на Јоана Хаџи-Лега Христоска, издание на „Бункер“. Настанот се одвиваше на македонски јазик, а го отвори директорот на Францускиот институт во Скопје и советник за култура и соработка, Иго Бештел.
Робер Бадентер ја напишал книгата „Идис“ од почит кон својата баба по мајка, Идис. Пишувајќи за нејзиниот живот и патешествието на семејството како еврејски емигранти на Руската Империја, Бадентер дава еден неверојатен приказ на животот на неколку генерации на семејството на неговата баба како еврејски емигранти, дојдени во Париз пред 1914 година.
Графичкиот роман „Везење“, пак, доживеа голем успех во Франција, каде што за кратко време беа објавени неколку нови изданија. Преведен е на голем број јазици. Правата и материјалите за македонското издание ги обезбеди Францускиот институт во Скопје, а преводот од француски јазик е на Јоана Хаџи-Лега Христоска. Стрип-издавачот „Бункер“ вели дека во ова дело Сатрапи го обединува гласот на цела палета ирански жени. Марџан Сатрапи е позната француска авторка на стрипови и книги за деца, режисерка и писателка од иранско потекло. Редовно пишува за реномираните светски весници, меѓу кои се и „Њујорк тајмс“ и „Њујоркер“.
За книгите зборуваа и одговорните лица од двете издавачки куќи, како и преведувачите, кои зборуваа за преведувачките дилеми и предизвиците во областа на издавањето.
В.Д.