Американскиот претседател Џо Бајден „и натаму верува во перспективата и можноста“ за палестинска држава, но „признава дека ќе биде потребно многу работа за да се стигне до неа“, изјави портпаролот на Белата куќа Џон Кирби.
Според портпаролот за национална безбедност на Белата куќа, Бајден околу „30 до 40 минути“ разговарал за својата позиција со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, пренесуваат светските медиуми.
Синоќешниот разговор беше прв меѓу двајцата лидери, чии односи се прилично затегнати, од 23 декември.
Американскиот претседател, меѓу другото, зборуваше за „напорите за ослободување на заложниците“ кои се уште се држат во Појасот Газа и за „одговорноста на Израел“ да ги заштити цивилите во областа, додаде Кирби.
Нетанјаху во четвртокот го отфрли постојаното барање на Бајден за иден соживот меѓу Израел и палестинската држава.
– Израел мора да има безбедносна контрола врз целата територија западно од реката Јордан. Ова е неопходен услов, што е во спротивност со идејата за (палестинскиот) суверенитет – рече премиерот, додавајќи дека тоа директно им го кажал на Американците.
Неговиот став не е нов, но овие забелешки уште еднаш ги истакнаа разликите меѓу САД и нивниот сојузник.
Американските медиуми јавуваат дека последниот разговор меѓу двајцата лидери бил воден на 23 декември и дека бил бурен.