САД – Јадранската повелба (А5) ги постигна целите, бидејќи сите земји основачи на А5 платформата станаа земји членки на НАТО, вклучувајќи ја и Црна Гора. Имаме и кандидати, односно земји коишто имаат амбиции да станат членки на НАТО. На 20 годишнината од Повелбата време е за нов стратешки концепт за наредната деценија.
Ова го порача министерот за надворешни работи Бујар Османи на заедничката прес-конференција во Скопје со Игли Хасани министерот за надворешни работи на Албанија која го презема претседавањето со Јадранската повелба за 2024 година.
-Прво, со оглед на актуелните безбедносни предизвици со кои се соочува регионот, а посебно по руската воена агресија во Украина одлучивме да имаме проактивен ангажман и како претседавачи со иницијативата започнавме процес за зајакнување на политичката улога на оваа платформа. Изготвивме и усогласивме документ наречен нов политички пристап на Повелбата во третата деценија од нејзиното формирање, со што ги поставивме основите за креирање нов стратешки концепт за А5. Сметавме дека на оваа 20 годишнина е време за рефлексија. Дали А5 ги постигна своите цели, а можеме слободно да кажеме дека А5 ги постигна, затоа што сите земји основачи на А5 станаа земји членки на НАТО, вклучувајќи ја и Црна Гора и имаме кандидати односно земји коишто имаат амбиции да станат членки на НАТО. И оттука утврдивме два приоритета во тој нов стратешки концепт за наредната деценија – рече Османи.
Со концептот се предвидува подобра политичка координација меѓу земјите членки на НАТО од регионот којшто се дел од А5 платформата и унапредување на регионалната соработка.
-Идејата е пред секој Министерски состанок на НАТО ние земјите членки на НАТО коишто се дел од А5 платформата да имаме координација посебна со цел да ги утврдиме кои би биле заеднички позиции коишто можеме да ги промовираме во рамки на НАТО. И вториот столб би било како да им помогнеме на земјите коишто се аспиранти за членство во самата платформа. На пример, Косово е еден од кандидатите за членство да го смени статусот од набљудувач во член, и тука ние имаме целосна поддршка за членството на Косово во А5 платформата. Но како да им помогнеме и на земјите коишто имаат аспирации за членство во НАТО. Во овој случај се БиХ, во овој случај се Република Косово и мислам дека ние тука можеме да придонесеме во тој дел – рече Османи.
Како што посочи Османи, дел од тој стратешки концепт е и како да се подобри регионалната соработка и да се адресираат безбедносните ризици.
-Тука мора да се осврнеме на неодамнешниот насилен напад во Бањска, на северот во Косово од стана на српски паравоени структури и силно да ги осудиме како А5 платформа и да повикам на одговорност извршителите. Ваквите настани имаат потенцијал за дестабилизација на регионот, а нашата улога како платформа е да ги адресираме ваквите безбедносни предизвици. Сметаме дека единствен начин за одржлива стабилизација на регионот е продолжување на евроатлантскиот пат, членство во НАТО на земјите коишто имаат аспирации, и членство во ЕУ на сите кандидати – порача Османи.
Албанскиот министер за надворешни работи Хасани изрази поддршка за концептот на Македонија и наведе дека разгледуваат неколку приоритети за нивното претседавање во текот на следната година како понатамошно зајакнување на политичкиот ангажман и политичка решителност во постигнување на заедничките цели.
-Албанија е целосно решена да промовира мир и стабилност, да поттикне дијалог и да ја подобри соработката со Западен Балкан. Ние остануваме голем поддржувач на евроатлантското интегрирање на регионот, со непоколеблива верба дека овој дел од регионот е многу важен за промоција на демократските и добрососедските односи, притоа подобрувајќи ја регионалната стабилност. Нашиот регион заслужува мир, стабилност и соработка за една заедничка подобра иднина – рече Хасани.
Тој исто така го осуди случувањата на северот на Косово и побара организаторите на овој чин да сносат одговорност пред правдата. Оцени дека зачленувањето на Косово во Јадранската повелба е задоцнета. Дополни дека Тирана дава целосна поддршка за пристапувањето на Приштина во членство на Повелбата
-Интегрирањето на регионот останува стратешка цел, наша заедничка цел за евроатлантското семејство, заедничката перспектива на нашите земји барем за зачленување во ЕУ заедно сите, ја има зајакнато нашата соработка и оваа соработка влијае за понатамошна консолидација на мирот и стабилноста на регионот – рече Хасани.
Минстерот Османи ќе претседава денеска со Завршниот состанок на Партнерската комисија на САД-Јадранската повелба (А5) во Скопје со кој се заокружува претседавањето на Северна Македонија со А5 за 2023 година.