Надоместокот за пристап до електродистрибутивната мрежа што треба да се воведе од 1 јануари не значи нов трошок за потрошувачите. Не се работи за дополнителни приходи, тие пари ќе бидат во рамки на одобрениот приход на компаниите, изјави денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски.
Надоместокот за пристап кон мрежа, вели Бислимоски, се воведува заради правична распределба и е во интерес на домаќинствата. Овој надоместок, велат од РКЕ, ќе доведе до намалување на цената за мрежарина.
Во моментот се прават анализи колку ќе биде износот на овој надоместок, но тој, според РКЕ, ќе биде би изнесувал од 50 до 250 денари. Со неговото воведување се очекува мрежарината да се намали до 20 проценти што пак би значело намалување на крајната цена кја редовните потрочувачи за околу 8 проценти, ако се има предвид дека мрежарината учествува со околу 30 проценти во вкупната цена.
– Не верувајте на разни инфлуенсери. Не верувајте што кажуваат дека тоа е екстра трошок. Апсоултно нема да биде екстра трошок. Да престанат шпекулациите дека тоа ќе биде екстра давачка и дека некој ќе заработи дополнително. Тие пари ќе бидат во рамки на одобрениот приход на компанијата која врши дејност за дистрибуција на електрична енергија. За сметка на тие пари, ќе се намали цената на мрежарина – рече Бислимоски.
Потрошувачката на електрична енергија, како што посочи, е намалена за 10 проценти и не е фер товарот да падне само на редовните потрошувачи. Со овој надоместок повеќе ќе плаќаат оние кои имаат повеќе станови или викендици.
– Целта ни е да го заштитиме редовниот потрошувач. Имаме голем дел од домаќинствата кои трошат минимално електрична енергија во текот на годината. Досега целиот товар паѓаше на редовните потрошувачи кои ги покриваат трошоците на сите останати. Сега правиме правична распределба на трошокот за електрична енергија – нагласи Бислимоски.