Разговор на проф. Маја Бојаџиевска со Јасмина Шопова, ќерката на Ацо Шопов
Деновиве излезе од печат нов избор од творештвото на Ацо Шопов, во издание на „Сигмапрес“, насловен „Песна над песните“, кој беше промовиран на 23 ноември, во рамките на настанот „Ацо Шопов – Невообичаено“, во Кинотеката во Скопје. Како што вели Јасмина Шопова во предговорот на оваа книга: „Сто години по раѓањето на авторот, времето во оваа книга се мери со аршините на поезијата, не на хронологијата“.
За „Песна над песните“ Маја Бојаџиевска, професорка на Катедрата за општа и компаративна книжевност при УКИМ и одговорна уредничка на издавачката куќа „Сигмапрес“, разговара со Јасмина Шопова, ќерка на Ацо Шопов и преведувачка и толкувачка на неговата поезија, која го приреди изборот.
Во воведот на „Песна над песните“ велите дека тоа е експериментална книга и дека во неа се движите „со претпазливост и смелост на еквилибрист“ по „црвената кривулеста врвца“ што се исцртува од едно до друго поглавје. Која беше вашата идеја водилка кога ја замислувавте оваа книга?
– Првата и основна идеја ми беше Ацо Шопов повторно да дојде до читателите. Неверојатно звучи, но нашите класици ги нема во книжарниците, особено поетите. Колку што јас знам, последен избор од неговата поезија, приреден од Катица Ќулавкова, е објавен во 2008 година. Оттогаш поминале петнаесет години! Во меѓувреме излегоа книги во Аргентина, Луксембург, Бугарија, а од неодамна и во Полски, САД и Тунис, додека во Македонија – ништо! Со чесниот исклучок на Семинарот за македонски јазик, литература и култура при УКИМ, кој минатиот август го објави зборникот „Шопов на 11 јазици“ и во кој песните се и на македонски. Инаку, Семинарот е тој што со својата Зимска школа ја започна во јануари програмата на „2023, Година во чест на Ацо Шопов“ и, благодарение на Зимската школа, деновиве излегува збирка на Шопов и во Словенија. Со еден збор, интерес постои, постојат убави иницијативи, но во Македонија нема книга од Шопов. Затоа, пред сè, сметав дека е крајно време избор од неговата поезија да се појави и во неговата родна земја и дека јубилејот 100 години од неговото раѓање е убав повод конечно да се случи тоа. Но истовремено сакав тој избор да донесе нешто ново, а тоа ново да не биде, како што самиот Шопов еднаш рекол, „само гола лушпа на стари баналности“.
Токму за тоа новото сакав да поразговараме. Сто години по неговото раѓање и над четириесет години по неговата смрт, што ново може да донесе еден избор од неговата поезија?
– Ми се чини дека и педесет и шеесет и повеќе години по неговата смрт, Ацо Шопов секогаш ќе се појавува во нова светлина. Секогаш ќе биде нов. Египетскиот писател Бахгат Елнади, познат како Махмуд Хусеин (заеднички псевдоним со Адел Рифаат), уште одамна кажа дека поезијата на Шопов е „поезија против која времето не може ништо, зашто таа во себе носи нешто профетско, а нејзиниот автор останува наш современик“. Токму тоа го чувствувам кога го препрочитувам татко ми и кога доаѓам до некои сознанија, или поточно претпоставки, кои не сум ги сретнала во толкувања на неговата поезија и кои сакав во оваа книга да ги обелоденам. Но бидејќи не сум „класичен“ толкувач на неговото творештво, јас едноставно неговите песни ги поставувам во одреден контекст, со цел да отворам нови хоризонти пред читателската публика. Еден пример: Во својата беседа изговорена по повод отварањето на Спомен-собата на Ацо Шопов, во Штип, на 20 април 2001 година, Анте Поповски го евоцира детството на неговиот пријател, кое било жигосано со тешката болест и прераната смрт на мајка му, и вели дека „мајката израснала во највисока сублимација низ неговото творештво, во еден заветен ковчег на љубов и страдања, во вредност на апсолутен архетип“. Во книгата за која зборуваме, читателот не само што ќе може да прочита извадоци од тој необјавен текст на Поповски туку веднаш по нив ќе наиде на песна насловена „Секоја ноќ“, која Шопов ја објавил само во „Современост“, во 1953 година, а потоа не ја презел во ниедна збирка, и која, по мое убедување, е инспирирана од ликот на мајката.
Фактички, наместо да толкувате, вие сугерирате можни читања. Затоа во поглавјето насловено „Заветен ковчег на љубов и страдања“ се наоѓаат песни пишувани од времето на гимназиските денови на Шопов дo „Песна на црната жена“…
– Да, во едно исто поглавје можат да се најдат песни од најразлични периоди што се поврзани меѓу себе, не би рекла тематски, туку со некои нишки што се понекогаш едвај видливи. Поставени една до друга, тие како меѓусебно да откриваат нови содржини. Во поглавјето што го наведуваш и кое се отвора со цитат од Шопов во кој првите зборови се „Љубовта кон поезијата ѝ ја должам пред сè на мојата мајка…“ ставам песни што се според мене најдиректно врзани за ликот на Костадинка Рушева и кои се пишувани во текот на три и пол децении. А во изборот на тие песни главна водилка ми беше сината боја.
Зошто?
– Јас не знам која била бојата на очите на мојата баба, тоа не може да се види на старите фотографии, но верувам дека биле сини, затоа што имам силен впечаток дека нивната синевина лебди над секоја песна. Можно е да грешам, можно е во реалноста нејзините очи и да не биле сини, но убедена сум дека се во поезијата и дека околу нејзината фигура, како околу магнетна оска се врти поетската планета на Шопов. Убедена сум и дека небото и езерото го инкарнираат нејзиниот поглед, дека нивните толку често евоцирани недостижни височини и длабочини се синоними на нејзиното отсуство, како што сум убедена дека отсутната мајка Шопов ја престорил во песна. Можеби оттаму доаѓа и неговата толку силна приврзаност за песната, за која еднаш рекол дека е еден вид на неговото вистинско живеење, дека своето постоење не би можел да го замисли без неа. Оваа книга покажува, се надевам, дека една ваква изјава од Шопов не е обична фраза.
Покрај неговите цитати, во книгата можат да се прочитаат и коментари на неговите толкувачи. Која е нивната улога?
– Истата како и онаа на цитатите од самиот Шопов, со тоа што овие од толкувачите носат и еден надворешен поглед. Мислам дека некои песни, веројатно поголемиот број, колку и да ги возбудуваат читателите, остануваат доста енигматични за широката публика. Така и треба да биде, бидејќи инаку песната не би била песна туку гол факт. Но, сепак, кога веќе постојат голем број осврти што расветлуваат некои аспекти од неговата поезија, зошто да не споделам барем делови од нив со читателите тука, во книгата, „на самото место“, и на тој начин да им понудам различни патокази за читање на една песна?
Додека ја подготвувавме книгата, во еден разговор забележавте дека се испишани страници и страници за „Во тишина“, „Раѓање на зборот“, „Молитва за еден обичен но уште непронајден збор“, „Небиднина“ или „Грозомор“, додека други песни, исто толку значајни, од толкувачите само патно се спомнуваат…
– Тоа ми падна в очи, да. Се разбира дека сите песни не се со иста тежина и дека некои повеќе го привлекуваат вниманието како на широката така и на академската публика. Но, сепак, очигледно е дека продлабочените анализи најчесто се однесуваат на едни исти песни, додека други се едноставно заобиколени. Една од нив е „Август“. Според мене, таа спаѓа во оние песни што го илустрираат идеалот на авторот, кој тежнее „кон еден вид формално совршенство“ и сака „тоа формално совршенство да има и внатрешно содржинско оправдување“. А сепак, имам впечаток дека оваа песна не го добила заслуженото внимание од страна на толкувачите. Како и „Тажачка од онаа страна на животот“ и „Грозомор“, „Август“ е инспирирана од скопскиот земјотрес. Но неа, францускиот писател Пјер Сегерс, ја поврзува со партизанството и неговиот коментар дава нова насока за нејзиното читање. За таа насока јас најдов еден вид „потврда“ во еден прозен текст на татко ми, објавен во „Современост“, во 1959 година, во кој сликата на партизанот што лежи прикован за земја необично потсетува на лирското „јас“ од „Август“. Затоа нејзиното место во „Песна над песните“ е во поглавје во кое доминираат песните од партизанското време и цитатите што го евоцираат тој период. Поставена во ваков контекст, мислам дека песната се отвора кон нови толкувачки хоризонти. Ваквата структура на книгата овозможува и некои досега необјавени песни да си го најдат, би рекла по „природен“ пат, своето место меѓу познатите песни. А што се однесува на збирката „Јус-универзум“, која систематски отпаѓала од сите досега објавени избори, само затоа што е сатирична, во оваа книга не само што не стрчи туку доаѓа до целосен израз и покажува во колкава мера „лиричарот и сатиричарот не си пречат еден на друг“, како што рекол самиот автор.
На крајот: „Песна над песните“? Зошто таков наслов?
– Мислам дека ова што досега го кажавме за книгата доволно укажува на еден битен момент, а тоа е дека таа прилега на мозаик, да не речам лавиринт, во кој песните на Шопов се покажуваат, појасно од кога и да е, како составни делови на една единствена голема песна. Георги Старделов веќе одамна забележа дека „меѓу сите негови најзначајни поетски книги суштествува една органска, една неделива естетска и филозофска кохезија“. „Песна над песните“ е одбрана и е илустрација на таа теза, а насловот е преземен од стиховите на Шопов: „Сега разбирам зошто не успеав да ти испеам ниедна песна / зашто самата си песна над песните“.