Камења

Откако на повеќето странски политичари што изминатиот период ја посетија земјава за да притиснат да се направат уставните измени им стана јасно дека таа работа не бива, спласна ентузијазмот кај странците дека впишувањето на Бугарите во Уставот, онака како што некој го замислуваше „на мускули“, ќе се случи до крајот на годината.
И додека тие многу пореално ја согледуваат ситуацијата, некои овдешни политичари уште веруваат дека ќе се случат уставните измени, а ако не се случеле, тогаш со име и презиме ќе ги истакнеле сите оние што се противат на промена на идентитетот, јазикот и историјата. Така барем ќе се паметат сите оние што биле за Македонија.
Кога виде дека нема фајде од агресивен настап и дека создавањето тензична реторика меѓу Македонија и Бугарија не води никаде, официјална Софија почна да работи онака како што работат сите земји на кои им се важни добрососедството и пријателските односи меѓу народите. Имено, изминатава недела, земјава ја посети претседателот на бугарското народно собрание, Росен Желјасков, нова посета од повисок политички калибар по извесното затишје во исчекување да се направат уставните измени. Кога видоа дека нема абер од уставните измени, си рекоа дај да пробаме поинаку. Бугарскиот спикер, покрај тоа што се сретна со својот македонски колега Џафери, ја отвори и изложбата „Сребрена Тракија“ во македонскиот Археолошки музеј, при што низ повеќе од 1.700 експонати, јавноста ќе може да го види развојот на тракиската култура и цивилизација, во периодот од 5 век пред новата ера до почетокот на новата ера. По „105 години Требениште“, ова е втора заедничка изложба меѓу националните археолошки установи од Македонија и од Бугарија, со цел да се покаже дека соработката секогаш функционира кога не е обременета со политика. Да ја имаше ваквата соработка, како во културата така и во градењето инфраструктура, во економијата, во спортот, во здравството, во науката, уставните измени ќе беа само обична техничка работа на задоволство на двете пријателски земји. Замислете, во исто време ние ги внесуваме Бугарите во нашиот, а тие Македонците во бугарскиот устав. Среде Скопје и Софија се веат македонски и бугарски знамиња, луѓето среќни, се шират пораки на пријателство…
Можеби опиен од таквата утопија, Желјасков упати слатки зборови во Скопје, за тоа дека Бугарија копнее што побрзо да ја види Македонија во ЕУ, дека политичарите доаѓаат и си заминуваат, но интересите на граѓаните за растење на своите деца и внуци во мир и благосостојба остануваат непроменети. На тоа ја додаде и должноста на обата народа, мислејќи на македонскиот и на бугарскиот, да им се обезбеди заедничка европска иднина.

Дури кажа дека и Бугарија направила компромис прифаќајќи го францускиот предлог. Па нормално дека ќе направи таков „тежок компромис“, кога со тој предлог доби сè што посака, написмено и парафирано од македонска страна. Затоа и бугарскиот претседател Румен Радев ја одликуваше француската амбасадорка во Бугарија со орденот „Мадарски коњаник од прв ред“, оти жената целосно го спровела бугарскиот план. Сега ист орден добива и албанската амбасадорка, оти попишувањето на „Бугарите“ во Албанија тече подмачкано. Кој ги врти тамошните Македонци што се жалат на притисоци.
Па вакви „бугарски компромиси“ Македонија ќе правеше цело време да можеше, и за знамето, и за името, и за Охридскиот договор, и за територијалната поделба, и со Грција… Камо да имавме способни политичари што ќе направеа вакви „компромиси“. За жал, нашиот компромис подразбираше да дадеме сè и повторно да си останеме со прстот во устата.
И додека Желјасков среде Скопје се расфрлаше со слаткоречивост, бугарската потпретседателка Јотова му ги урна сите напори. Жената јасно си го кажа бугарскиот став, без заобиколување, дека е погрешно да се гради „македонски идентитет“ на антибугарска основа, зборуваше за „северномакедонска нација“, едноставно го повтори вековниот бугарски став, нема македонски народ, нема македонски јазик, а македонската историја е бугарска. Точка. Јасно како ден. И оди сега прави уставни измени.
За нешто помалку од еден месец ќе се одржи состанокот на ЕУ, на кој дефинитивно ќе се констатира дека земјава мора да се сврти кон воспоставување ефикасно владеење на правото и кон борбата со корупција, а за уставните измени само ќе се потсети дека мора некогаш да се направат. И толку, самитот на ЕУ ќе заврши, ќе проследиме телевизиски прилози на кои европските челници се гушкаат, неврзано разговараат меѓу себе со замислени изрази на лицата небаре решаваат светски проблеми, за на крајот да се наредат и да се сликаат. „Поздрав од Брисел“, можат да напишат на опачината на фотографијата и да ни ја испратат. Се плашам само, гледајќи како некои од нашиве политичари го толкуваат извештајот на ЕК, ако добијат ваква разгледница да не помислат дека нè примиле во ЕУ, па да пукне некој огномет на плоштад. Ќе испадне дека попусто ќе отидат 350 илјади евра за нова кампања за убедување на граѓаните за придобивките од ЕУ-членството, кога веќе нè примиле.
Но шегата настрана. ЕУ не прима никого ако нема интерес.

Кога се работи за вистински интереси, тогаш ниту едно вето, а најмалку бугарско, нема да ја спречи Европа во намерите. Ниту Романија, уште помалку Бугарија беа подготвени во 2007 година да станат дел од ЕУ, но геостратегиските интереси беа големи и ги примија, без оглед што и тогаш некои други земји мавтаа со ветата. Сега не е таква ситуацијата, па затоа ни измислуваат вета и наративи дека одлуките се носеле со консензус. Но изгледа не е баш така. Неодамна високи европски политичари јасно кажаа дека ЕУ секогаш има план како да заобиколи некое вето ако тоа е во нејзин интерес. Имено, европските челници направиле план како да заобиколат евентуално унгарско вето на европскиот план за доделување финансиска помош за Украина. Значи можело, ама само ако има интерес.
А кога Европа не сака, ние треба да посакаме сами да излеземе од оваа летаргија и бесперспективност што завладеаја со државата. Ништо убаво не се случува, само скандал до скандал, веќе и оние што треба да ги спроведуваат европските директиви работат спротивно на нив. ЕУ вика почнете борба со корупцијата, кај нас се носи Кривичен законик што уште повеќе ја стимулира корупцијата, Брисел вреска каде се парите за реформи во правосудството, кај нас уште повеќе се девастира владеењето на правото. Како некој намерно да сака да го доуништи и тоа малку нешто што остана од државава.
Што е многу пострашно, тоа е дека нема надеж дека постои некаква сила што ќе ги промени работите на подобро. Порано имаше еден слоган дека на младите светот останува. Секаде тоа се младите генерации што доаѓаат, студентите, како најпрогресивните сили во општеството, кои се еден вид коректор на антидемократските процеси и носители на промените. Врз нивната сила и енергија тргнале многу промени, се изградиле здрави општества. Но кај нас, политичките партии свесни за опасноста што се крие кај младите, намерно го уништија образовниот систем за да добијат аморфна маса што лесно ќе ја обликуваат според нивните потреби. На секој факултет во земјава постојат партиски ќелии што регрутираат студенти за нивни партиски цели, а не за целите на државата, оти знаат дека секоја образована и прогресивна млада сила е закана за партиската контрола над државата. Затоа ја сечат во корен оваа потенцијална опасност. Впрочем, како што во секоја сфера во општеството партиите се длабоко инсталирани, така не е исклучок ниту образованието.

Пред некој ден во Скопје дојде унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто, чија земја од следната година ќе го преземе претседавањето со ЕУ. Унгарија е земја пријател на Македонија и несомнено ќе направи сè што е во нејзина моќ да помогне во евроинтеграциите на земјава и во тој контекст унгарскиот министер рече дека тие ќе ги превртат сите камења за да се осигурат дека членството на Македонија и Западен Балкан ќе се случи што поскоро.
Ова се зборови на некој што сака нешто да направи, па така, крајно време е и ние да ги превртиме сите камења во земјава за да најдеме луѓе што конечно ќе ја поведат оваа држава напред, што ќе воведат владеење на правото, што ќе ја сотрат корупцијата во корен, што ќе изградат здраво образование, ќе воспостават европски здравствен систем, ќе ги стимулираат економијата и екологијата, ќе ја градат инфраструктурата, ќе ги чуваат националните богатства наместо да ги распродаваат…
Тоа е она што вистински ни треба во овој момент, да ги превртиме и ние камењата, за да им помогнеме на оние што вистински и искрено сакаат да ни помогнат. Ако ниту за тоа нема луѓе и волја, тогаш ќе останеме само обична земја со камења.