Фото: Маја Јаневска-Илиева

Македонија веќе четири години е под притисок на бугарските уцени и вета за почеток на преговорите со Европската Унија. Сега влеговме во „повлечи-потегни фаза на притисок“ за спроведување уставни измени и за внесување на Бугарите како „дел од народ“ во преамбулата на Уставот, како услов за одржување втора меѓувладина конференција и за отворање на поглавјата

Добро е што некој во ЕУ е свесен за уценувачките политики на Софија и Брисел

Веројатно охрабрена од толеранцијата на Брисел за уценувачкиот пристап спрема евроинтеграциите на Македонија, Софија се чини дека таквиот начин на водење надворешна политика го прошири и на економски план, дури и спрема други членки на Европската Унија. Зголемувањето на таксите за транзит на рускиот гас низ гасоводот на бугарска територија, кај засегнатите земји (дури и членки на ЕУ) од ваквиот потег на Владата на Бугарија се гледа како дрска уцена, дури и непријателски чин. Секако, најзасегнати земји од ваквата непопуларна економска одлука на официјална Софија се: Унгарија, Србија и Македонија.
На неодамнешната посета на Македонија, унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто го квалификува однесувањето на Бугарија, во врска со транзитот на гасот, како непријателско.
– Неодамнешниот чекор што го презеде Бугарија, кога со ултиматум ги зголеми давачките за Унгарија, Србија и Македонија, односно таксите за транзит за природниот гас, претставува чекор на непријателство. Ние ќе преземеме дополнителни чекори и дејства во однос на оваа состојба. Ја започнавме прекршочната постапка на ЕУ кон Бугарија и денеска заедно со Османи се договоривме дека Владата на Македонија и унгарската влада ќе се консултираат и ќе продолжат да ги координираат сите понатамошни чекори, за да се осигуриме дека енергетската безбедност на ниедна од нашите земји нема да биде загрозена од дејствата на Бугарија – изјави Сијарто во Скопје, на заедничка прес-конференција со македонскиот министер за надворешни работи, Бујар Османи.
Османи, пак, се надоврза дека станува збор за нелегално воведена такса, која е спротивна на европските правила, и со тоа, како што рече, ѝ се наштетува на економијата на нашата земја во сегашниот критичен период. Исто така, министерот Османи потврди дека македонската влада ја информирала Европската комисија и се разговара за можен координиран пристап во преземање иницијативи со цел да се отстрани оваа нелегално поставена такса.

Бугарија го поткопува кредибилитетот на ЕУ

Македонија веќе четири години е под притисок на бугарските уцени и вета за почеток на преговорите со Европската Унија. Сега влеговме во „повлечи-потегни фаза на притисок“ за спроведување уставни измени и внесување на Бугарите како „дел од народ“ во преамбулата на Уставот, како услов за одржување втора меѓувладина конференција и отворање на поглавјата.
Но за овие четири години, на македонските граѓани не им стана јасно дали Брисел и одредени земји членки на ЕУ „ја толерираат или се прават дека не ја согледуваат уценувачката политичка стратегија што ја применува Бугарија спрема Македонија“, сѐ досега, кога унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто нѐ разубеди во спротивното.
– Македонија е земја кандидат веќе 18 години. Земјата 18 години има кандидатски статус и не може да ги започне преговорите. На овој начин се покажува непочитување кон земјата. Ова е контрадикторно на интересите на ЕУ. Тие што го блокираат почетокот на овие преговори треба да знаат дека го поткопуваат и кредибилитетот на ЕУ – остро констатира унгарскиот министер Сијарто во Скопје, додавајќи дека „вистинските преговори треба да почнат веднаш и да се одржуваат докрај, за што е можно побрзо Македонија да стане членка на ЕУ“. Тој вети и дека кога Унгарија ќе го преземе претседавањето со ЕУ, ќе направи сѐ за да се овозможи пристапувањето на Македонија и на целиот Западен Балкан.

Но за овие четири години, на македонските граѓани не им стана јасно дали Брисел и одредени земји членки на ЕУ „ја толерираат или се прават дека не ја согледуваат уценувачката политичка стратегија што ја применува Бугарија спрема Македонија“, сѐ досега, кога унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто нѐ разубеди во спротивното…

Реформите остануваат најголемиот аргумент против сите опструкции и вета

И покрај изразената поддршка и соработка на Унгарија за забрзување на македонските евроинтеграции, како и остри критики за бугарската политика на уцени, досегашните опструктивни искуства што ги има Македонија за овие 18 години кандидатски статус го наметнуваат прашањето – има ли „слух“ во Брисел што сака да чуе за политиката на уцени што ја водат нејзините земји членки.
– Настапот на унгарскиот министер Сијарто беше одличен во острите квалификации на бугарското нецивилизирано однесување. Факт е дека Будимпешта ја поддржува Македонија цело време и работи на проширувањето на Унијата со преостанатите балкански држави. Сепак, причината за жестоките осуди на Бугарија е пред сѐ безобразниот данок на транзитот на гас. Меѓутоа, Унија молчи и си го тера своето. Тоа значи, проширување нема да има уште долго време и Македонија и другите балкански земји конечно мора да се концентрираат на реформите. Со најавеното отворање на преговорите со Украина и другите постсоветски држави, Балканот повторно е фрлен на маргините – вели поранешниот македонски амбасадор Ристо Никовски.
Во контекст на несоодветните реакции од Брисел на уценувачкиот начин на водење на надворешната политика на Бугарија, политичкиот аналитичар Александар Пандов оценува дека самата ЕУ е во конфузија со својата политика, а во такви услови Бугарија „лови во матно“.
– Во Европската Унија веќе подолго време се зборува за самореформирање пред проширување, а однесувањето и изјавите на еврофункционерите од Брисел, како и на европските лидери, укажуваат на голема конфузија во однос на политиките и приоритетите. Народски кажано – ЕУ ни самата не знае по кој пат да фати. Во такви услови, Бугарија „лови во матно“, а не е исклучено дека е стимулирана од некои други земји за таквите уценувачки политики и спрема нас како Македонија, а и со најновото зголемување на таксите за транзитот на гас. Не е исклучено дека некои фактори во ЕУ, на тој начин, преку Бугарија сакаат да ги казнат „лошите деца“, како што во Брисел ги перцепираат Унгарија и Србија. Во случајот со транзитот на гас, Македонија веројатно е колатерална штета и „бонус“ за Бугарија на досегашните политичко-национални опструкции и вета на македонскиот пат кон ЕУ – вели Александар Пандов.