Искрено, му се восхитувам на колегата Игор Јанев, кој неуморно, со години (поточно откако Македонија беше примена во ООН под „чудни“ услови), нуди правни мислења и сугестии за тоа како да се решат сите небулозни ситуации во кои нè турнаа нашите власти. Последниот обид е во вид на нацрт-резолуција за враќање на уставното име – Република Македонија, која беше објавена на страниците на овој весник. Сме разговарале на оваа тема низ годините и иако се согласуваме во врска со „преседаните“ (кои се само друго име за неправда и прекршување на повелбата и на другите акти на ООН), сепак кај мене постои длабока резерва во однос на овој правнички ентузијазам од најмалку неколку причини: прво, многу вода мина низ Вардар од времето кога обраќањето до Генералното собрание на ОН (т.е. заобиколувањето на Советот за безбедност) имаше смисла, па и некаква шанса за успех. Откако (криминално) беше сменет Уставот во 2019 година, коренот на проблемот стана внатрешен, а т.н. меѓународна заедница сега веќе нема ништо со него. Западот си ги изми рацете и може слободно да каже: па, вие си го сменивте Уставот, сега менувате и лични документи и целата службена кореспонденција ви е со она на „С“, а тоа ви е и услов за влез во ЕУ (почитување на Преспанскиот и Бугарскиот договор). Преостанатиот дел од светот само протоколарно и дипломатски коректно постапува онака како што побарале државните органи на С. Македонија. Неодамна учествував (онлајн) на светски конгрес организиран од кинески универзитет и практиката беше јас да си зборувам за Македонија, а тие да ми ја спомнуваат Северна. Но вината не е нивна. Тоа е наша домашна задача (која, за жал, ниту една партија не ветува дека ќе ја започне или заврши). Второ, за да се поднесе нацрт-резолуција (со каква и да е цел или содржина), тоа треба да го направат надлежните органи. Значи, не е до незнаење, до потреба од експертска помош, туку до немање политичка волја и/или храброст. Дури сум и убедена дека доколку овде се иницира таква опција, ќе има уцени од оние што со „живот“ ќе ги бранат сите (три) договори, кои станаа нашиот бермудски триаголник на „договорна демократија“ (што внатре, што со соседите и Брисел).
Но, најголемиот и најургентен проблем лежи на друго место. Тој нема врска со нашата мекушава и фактички непостојна дипломатија, па ако сакате дури ни со нашето уставно име. Проблемот се вика: смрт на ООН и на меѓународното право! Од кого да бараме правда и разбирање? Од оние што со денови држат седници на кои љубезно и куртоазно си се обраќаат додека зборуваат за геноцид? Треба да си многу наивен да веруваш дека некој ќе нè сфати сериозно и дека нашето ново име бара гласање во Генералното собрание! Покрај грозоморните вести што секој миг стигнуваат од Палестина (според некои статистики на дневна основа се случуваат најмалку по три воени злосторства и злосторства против човечноста), стигна и информацијата за оставката на Крег Мокхајбер, сега веќе бившиот директор на Канцеларијата на високиот комесар за човекови права во Њујорк. Во неа овој искусен меѓународен правник пишува дека ОН не успеваат да најдат решение за „учебнички случај на геноцид“. Тој експлицитно ги обвинува особено владите на моќните западни (и особено европски) држави дека не само што не ги исполнуваат преземените обврски во насока на „гарантирање на почитувањето на женевските конвенции“ туку и активно учествуваат во акциите, со давање економска и разузнавачка поддршка, како политичка и дипломатска закрила за злосторствата на израелските сили. Во сличен тон се апелите на генералниот секретар на UNRWA (мисијата за бегалци во Палестина), Филипе Лазарини: тој сведочи за ужасот што се случува, а каков што не видел во 30-годишната кариера во хуманитарни акции, за на седумдесеттемина загинати членови на мисијата – најголем број загинати во мисија на ОН од нејзиното постоење. Тој бара итен прекин на насилството и додава дека почитувањето на меѓународното хуманитарно право не е опција, туку обврска! Впрочем, дури и Генералното собрание на ОН (она на кое би му се обратил колегата Јанев), во рамките на „Обедини за мир“ донесе таква резолуција со двотретинско мнозинство (Македонија беше неутрална!? Зошто не бил осуден Хамас, вели големиот државник познат како Таче.) И никому ништо! Таа нема задолжителна правна сила, ама и да има – нема кој да ја спроведе!
Ова ме враќа назад во 2002 година, кога со колеги од нашиот регион ги посетивме ОН и разговаравме за интервенцијата на НАТО и улогата на мировните сили. Шефот на одделот за чување на мирот, во момент кога се скрши и излезе од својот службен оклоп, ни призна: Во април 1999 година, ние овде, во оваа зграда, бевме сигурни дека е тоа крај на Организацијата и на меѓународното право. Не знам што мисли сега тој човек (или неговите наследници) откако тоа меѓународно право се прекршуваше систематски и без срам или совест – од Авганистан до Либија и Сирија. Поентата е дека прекршувањето на меѓународното право е нормализирано, тоа не се исклучоци и инциденти, туку правило. И замислете каква иронија е овој и ваков (божем) поредок да го нарекувате „поредок заснован на правила“ – а тие се прекршуваат врз главчињата на оние сироти деца, на кои наместо извод во книга на родени, веднаш им издаваат извод од книга на мртви. Фактот што западните држави (и нивните сателити) сè почесто се наоѓаат во малцинство е резултат на хубрис и божем беневолентно, но насилничко однесување на оние што сметаа(т) дека се најумни, најцивилизирани и најправични. На сите им е прекуглава од таквата хипокризија, но досега кога ќе се поставеше прашањето за смислата на натамошното постоење на ОН, одговорот беше: додека немаме нешто подобро, треба да се држиме до повелбата и оваа организација, колку и да не е совршена. Но, таа од несовршена, станува не само јалова туку дури и срам за човештвото. Доволно е да го видите однесувањето на американската амбасадорка и нејзиниот израелски колега! Вториов бараше генералниот секретар на ОН да поднесе оставка поради укажување на факти – израелско-палестинскиот конфликт не се случи во вакуум! Потоа, на наредната седница на Советот за безбедност целата израелска делегација направи срамотен циркус со кој ги навреди сите жртви на холокаустот, ставајќи си ја жолтата Давидова ѕвезда со која нацистите ги обележуваа Евреите. Во својата вообразеност и неказнивост (досега десетици и десетици пати САД ставаат вето на секоја резолуција со која се осудува однесувањето на окупираните територии – со што оваа држава се стави себеси и над правото и над моралот, благодарение на американскиот заштитник), тие дури и тврдат дека тие, Евреите, се базичната причина за основање на ОН по Втората светска војна – да не се повторат ужасите, како што вели повелбата. Но, таа заложба беше никогаш повеќе за никого, а не само за Евреите. Тоа е таква узурпација и злоупотреба на историјата и на статусот на вечна „жртва“, што во моментов е тешко и да се зборува. Она што овие денови дава надеж и спречува секаква помисла за антисемитизам (кој е еднакво одвратен како и исламобофијата) се блескавите и храбри умови и гласови на професори и интелектуалци со еврејско потекло, кои бараат итен прекин на насилствата врз цивилите (не пауза, туку тотален прекин во согласност со меѓународното право). Слушнете ги или прочитајте ги Илон Папе, Мико Пелед, Ричард Фалк, Норман Филкенстеин, Наоми Клајн, Џудит Батлер, да набројам само некои, како и сето она што досега го има кажано Ноам Чомски (кој од оправдани причини е тивок деновиве; нашите мисли се со него).
Да скратам: ваква ООН никому не му е потребна освен на колективниот Запад, кој сака да изигрува „меѓународна заедница“, односно да добива покритие за својата (веќе уништена) хегемонија. Ваквата импотентна, а скапа организација, е само место за „матење вода во аван“ (што би рекле старите) и геостратегиско надмудрување врз мртвите тела на децата на Газа (а фер е да се каже дека во овој миг на шок од случувањата забораваме на милиони други деца низ светот што страдаат заради – каква иронија – доктрината на „одговорност да се заштити“ цивилното население, која беше измислена за да се легитимираат воените интервенции). Крајот на ООН ќе биде полош од оној на Лигата на народите (формирана по завршувањето на Првата светска војна, а распадната со почетокот на Втората). Заради менталното здравје и заради непотпаѓање под илузијата дека живееме во „организирана анархија“ (стручен термин од меѓународните односи), заради одбивање на орвелијанска визија во која мирот е војна, а војната е мир – треба да се каже дека ООН е разголена! Меѓународното право е мртво. Следува потешката фаза на воспоставување нов светски поредок врз пепелот (поточно урнатините) на стариот. Она што сè уште функционира (многу подобро од ОН) се билатералните и мултилатерални договори меѓу државите, кои го пополнуваат вакуумот на покојната ООН.