Насловот на денешниов текст може да гласи и поинаку во неколку верзии, а да има иста суштина. На пример: Шарени револуционери – извинете се! Шарени револуционери – покајте се! Шарени револуционери – со пепел потурете се! Ако се сака да се биде злобен, може да се стави наслов во кој ќе пишува Шарени револуционери – обесете се! Се разбира дека последниов наслов може да се користи само во фигуративна смисла, изразот „а бе оди обеси се“ често се употребува меѓу луѓето во говорна форма.
Како ученик во гимназијата „Стив Наумов“ во Ресен, прва или втора година, една од книгите во Градската библиотека што страсно посакував да ја присвојам нелегално и да ја имам како своја беше „Десет дена што го потресоа светот“ од Џон Рид, американски поет и новинар.
Книгата ги опишува деновите на Октомвриската револуција, крвавите настани на улиците на Петроград, драматичните преговори меѓу белогардејците, меншевиците и болшевиците, цитира делови од говорите на Ленин, Троцки и другите револуционери, говори за неснаоѓањето и уплашеноста на актуелната власт. Меѓу другото, авторот ја опиша бесмисленоста на војната, добивките што ги стекнува новата класа, а цехот го плаќаат сиромашните и работниците.
Тие десет дена навистина го потресоа светот, го урнаа руското царство, создадоа нов светски комунистички поредок, изродија ново идеолошко, политичко, економско и социолошко општество – советското. Но како и неколку други револуции во европските земји така и руската набрзо се претвори во чиста спротивност од првичните намери и прокламирани цели. Сите навестени идеали за правда, еднаквост и за посреќен живот беа изневерени, сите ветувања се покажаа лажни.
Искуството и поуките од таа светски прославена книга ми беа пред очи за време на трите месеци што ја потресоа Македонија во 2016 година кога се одвиваше Шарената револуција. Целта беше да падне криминогената и компромитирана власт и да дојде нова, вклучувајќи и употреба на сила, ако дојде до таков момент.
Во масовното однапред осмислено, организирано и за многумина добро платено марширање, во кое немаше ниту грам спонтаност, беа доведени во заблуда илјадници чесни луѓе, граѓани на Македонија.
Никогаш дотогаш не беа црпени и излевани јавно толку лаги, толку измами. Беа злоупотребувани луѓе, човечки и семејни несреќи, се фалсификуваа факти за настани, во таа злоупотреба не беа поштедени болни и мртви. Таа беспоштедна, брутална и неморална манипулација од страна на организаторите со човечките чисти души еден ден ќе го добие своето вистинско име. Секако, нема да биде светло, како што се сакаше да остане во спомените.
Тогашната борба меѓу СДСМ како опозиција и ВМРО-ДПМНЕ како власт, обострано валкана, немилосрдна и доведувана до раб на невина крв, за среќа, не заврши трагично како што можеше или некој посакуваше. Сепак ќе остане запишана во аналите како уште една штетна братоубиствена пресметка меѓу Македонците, овој пат среде Скопје, не во Софија. Ефектот е како и секогаш: резултатот епохално го искористи третата страна.
Денес, седум години подоцна, Шарената ги исфрли на светлото на денот сите негативни последици по државата и по македонскиот народ. По Шарената, Република Македонија влезе во нов неизвесен историско-политички и општествен циклус, чиј пад не може да се запре.
Оттогаш, со инсталирањето на наметната власт, државата со свој меч си ја пресече главата на името, ја врати историјата сто години наназад, ја отвори Пандорината кутија на македонското национално прашање, преку договорите со Грција и Бугарија ги загрози и ги доведе во прашање идентитетот, историјата, јазикот, писмото и културното наследство на Македонците во сопствената држава. Се воспостави покорумпирана и понеморална власт од претходната на сите нивоа – во извршната, во законодавната и во судската.
Единствена државна, не и национална, компензација е приемот во НАТО. Но, за овие три години, најверојатно и поради војната во Украина, таа компензација не се покажа, барем досега, ефикасна, ефективна и исплатлива. НАТО е тука, ние сме во НАТО, но и натаму сме надвор од ЕУ. Наместо да се чувствуваат побезбедно, мнозинството граѓани се посиромашни, поуплашени, понезадоволни од својот статус во општеството и од својот живот. Патлиџаните и натаму се скапи, пиперките уште поскапи.
Што е суштината? Оние „шефови“ што ја смислија и спроведоа Шарената, истите тие, ја предадоа. Неа не ја претворија во пепел оние што маршираа од најчесни побуди, оние што слепо веруваа на зборовите на тогашните говорници.
Водачите ги зазедоа престолите, станаа дупло побогати од предреволуционерниот период, заборавија на сѐ што кажаа, излижаа каде што поплукаа.
Шарената е фактички поништена, означен е нејзиниот дефинитивен несреќен крај со донeсувањето на законот за намалување на казните и законите за амнестија. Блиску е денот кога со државен акт криминалците ќе бидат прогласени за јунаци, арамиите за чесни, затворниците за невини, невините за злосторници.
Со овие постапки, новоинсталираната власт му заби нож во грбот на секој чесен учесник во шарениот марш, речиси сите такви ги прогласи за наивни и глупави. Затоа некој треба да се извини, да се покае за сторените измами, злоупотреби и за свесното и намерно доведување во заблуда на граѓанската свест на илјадници луѓе сторени за лична корист, а на државна и национална штета.