Македонија – еднакво неправедно општество за сите

Македонија е држава на корумпирана и безлична правда со тиранскиот каприц на политичари автократи што мислат само како да ја задржат власта и по цена на примена на нелиберални средства. Последниве години имам дилема дали правото во Македонија е инструмент за угнетување или алатка за правда? Дали неиспорачувањето правда во општеството е инцидент на индивидуална неспособност или корупција; пример за индивидуален неуспех или го демонстрира системскиот неуспех на правосудниот систем да обезбеди правда за своите граѓани? Ако ја погледнеме довербата на граѓаните во правосудниот систем станува јасно дека истиот тој не е способен да ја испорача правдата во општеството. Партискиот отров и партизираноста на судството го направија своето. Граѓаните повеќе не веруваат во системот на правда во државата. Во моментов се наоѓаме на премногу опасна раскрсница. Нашиот правосуден систем е гнил во својата срж. Кога правосудниот систем пропаѓа, правото и оние задолжени за негово спроведување стануваат инструменти на неправда и угнетување, наместо мечови и штитови што се борат за правда и еднаквост. Кога правосудниот систем пропаѓа, самите елементи на тој систем стануваат пречки за правдата. Наместо да бидат лек, правото и судовите стануваат дел од болеста. И да потсетам што може да се случи во иднина. Ако Македонија гори, фер е да се каже дека македонскиот правосуден систем – кој сам по себе се претвори во контејнер на неправда – ќе биде тој што ќе го запали фитиљот. Ако веќе не е запален. Ваков пропаднат правосуден систем што стана монументален неуспех на испорачување правда во општеството, Македонија повеќе не може и не смее да си го дозволи.

Со години гледаме како политиката лесно може да си манипулира со правдата во Македонија. Македонија стана еднакво неправедно општество за сите. Ако некој имаше дилеми за обновената правда на „шарените“ сега може да се увери дека корените на „шарената правда“ отсекогаш биле за моќта, а најмалку за правдата. Сега може да се согледа вистинската цел зад паролата „нема правда нема мир“. Никогаш не се работело за правда, се работело за гола одмазда. Многу луѓе, меѓу кои и јас, што се сметаат себеси за генерално скептични кон Владата и ги поддржуваат индивидуалните права, согледуваат колку фундаментално е скршен нашиот правосуден систем и колку тој стана резистентен на основните уставни вредности на Македонија. Лесно може да воочат фундаменталните патологии на овој систем, кои целосно го поткопуваат неговиот морален и политички легитимитет и го прават закана за самиот концепт на уставно ограничена влада. Најсериозната патологија на правосудниот систем во Македонија е неказнивоста за оние што се одговорни за дела што се во склоп со сериозни прекршувања на човековите права што дополнително им нанесува страдање на жртвите. Но кој да се грижи за тоа во Македонија? Сериозна патологија на македонскиот правосуден систем е и политиката на речиси нула одговорност за припадниците на органите за спроведување на законот, вклучувајќи ги судиите, а особено полицијата и обвинителите. Заклучокот е дека македонската полиција и обвинителството имаат извонредна моќ над животите на другите – вклучувајќи ја дури и моќта на животот и смртта – а сепак тие се меѓу најмалку одговорните луѓе на земјава. Накратко, имаме огромен двоен стандард помеѓу нивото на одговорност на кое членови на органите за спроведување на законот нè држат нас другите и нивото на одговорност на кое тие не дозволуваат да бидат повикани. И така ќе биде сѐ додека политиката ги штити.

Власта во последниве седум години го корумпираше правниот систем на државата. Користејќи ги законот како оружје, полицијата, судиите, а особено обвинителите како ударна тупаница на нејзиното поимање на правда, успеа да ги заплаши, замолчи, па дури и да ги затвори оние што застанаа на патот на нејзината радикална агенда на менување и обезличување на државата. Видовме и доживеавме како погрешните раце на лостовите на моќта можат да ја задават слободата, да ја скршат опозицијата и да уништат животи. Стана очигледно дека не можете да градите систем на правда во држава каде што правосудниот систем е слуга на политиката и каде што политичката корупција, без разлика дали е индивидуална или институционална, е форма на политичка неправда во која некој ја прекршил логиката на заемна одговорност што ги потпира сите односи на правда во системите засновани на права. Политичката неправда стана клучна причина за кршење на индивидуалните слободи во Македонија. Време е да се запрашаме: што не е во ред, зошто нашиот правосуден систем не обезбедува заштита, правичност, непристрасност и предвидливи и ефективни постапки, зошто молк, ако сите молчат, кој ќе знае за неправдите, ако не зборуваме, кој ќе зборува, што треба да се случи во државава неправдите да поттикнат отпор, до кога ќе толерираме власта да си поигрува и манипулира со правдата, ако не сега, кога. Кој е прагот на толеранција на овој народ на неправдите што ги трпи? Понекогаш посакувам да бидам изненаден од одговорот. А дотогаш – нема правда има мир.

Проф. Звонимир Јанкулоски