Претурање од шупливо во празно

По малото затишје на притисокот за уставните измени, повторно се враќа истата динамика на секојдневни изјави на европските челници околу потребата Македонија што поскоро да ги направи промените во Уставот и да го фати европскиот воз.
Истите пораки беа испратени и од неформалниот состанок на Европската политичка заедница што се одржа во четвртокот во Гранада, дека „сега е моментот за земјите од Западен Балкан да се приближат кон ЕУ“. Ваквата реторика од типот „сега е моментот“ трае добри 20 години, уште од Солунскиот самит, кога беше јасно истакнато дека на земјите од Западен Балкан местото им е во ЕУ. За жал, тој европски занес од пред две децении се претвори во европски кошмар за повеќето западнобалкански земји, најмногу за Македонија, бидејќи ако од сите се бараа реформи, од Македонија се бараше секогаш плус некаква отстапка. И таквите непристојни предлози никогаш не престанаа, а не престануваат ниту сега. На ред е ново отворање на македонскиот устав, којзнае кое по ред, сега да се вметнат Бугарите во Уставот и земјата да зачекори кон Европа.

Арно ама, истата таа Европа не дава никакви гаранции дека во иднина ќе спречи нови бугарски условувања, за кои од неодамна стана свесен и министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој откако црташе и им објаснуваше на табла на македонските граѓани дека нема да има нови бугарски барања, како да почна да разбира со кого си има работа и дека ова што Бугарија го прави и ќе го прави во иднина не е стратегија на оваа или некоја идна бугарска влада, туку седумдецениска платформа на бугарската официјална политика, која никој не се осмелува да ја напушти, оти во спротивно може засекогаш да се збогува со кариерата на бугарската политичка сцена.
Но да се вратиме на проширувањето. Она што пред некој ден во интервју го кажа првиот човек на Европскиот совет, Шарл Мишел, не остава многу простор за оптимизам дека Македонија ќе се најде токму во тој круг на земји-кандидати што ќе бидат опфатени со овој процес на проширување, дури и утре да ги направи уставните измени. Мишел јасно посочи дека клучните критериуми според кои ќе бидат селектирани земјите што ќе бидат опфатени со проширувањето се борбата со корупцијата и владеењето на правото. Двата клучни критериума во кои Македонија веќе е оценета со една голема нула.

Прво, со борбата со корупцијата расчистивме во оној момент кога во Собранието во некаква чудна постапка беа изгласани измените на Кривичниот законик. Попусто експертска комисија работеше три години на оваа проблематика, кога се најдоа некои фантоми „експерти“, кои за 24 часа ги стокмија измените и тие без проблем поминаа во Собранието. Сега на ред е и новиот закон за амнестија, кој многу веројатно исто ќе помине врз истиот принцип. Не случајно пратениците не се потресуваат ниту околу изборот на нов состав на Антикорупциска комисија, оти очигледно антикорупционерите им беа трн во здрава нога, отворајќи постојано предмети и затрупувајќи ги фиоките во Јавното обвинителство до таа мера што веќе немаат празни фиоки каде да ги складираат. Да постапуваа по претставките од ДКСК, можеби фиоките немаше да бидат толку полни.

Тука доаѓаме до вториот европски критериум по кој ќе се одлучува која земја ќе биде опфатена со проширувањето, владеење на правото. И врапчињата на гранка знаат дека правото и правдата одамна не живеат во Македонија. Тука е вкоренета корупцијата, како вредносен систем. Ако си чесен, сите те гледаат како нешто да не е во ред со тебе. За жал, таков систем на вредности со години има во земјава, левата рака да не знае што прави десната и обратно. Притоа, со новите измени на Кривичниот законик доаѓа и максимата „функционер провизии пофаќа, закон не го фаќа“, така што сликата околу владеењето на правото и борбата со корупцијата станува повеќе од јасна – бело платно.
На Европа ѝ е кристално јасно тоа и сега гледа како само „да ѝ учини“ на Бугарија, имајќи ја предвид нејзината геостратегиска вредност во контекст на актуелната војна во Украина.

Но што од сето тоа добива Македонија? Има две опции што на крајот повторно ќе резултираат со иста завршница, блокада на евроинтеграциите.
Првата опција е да се внесат Бугарите во македонскиот устав и на тој начин во декември да се одржи втората меѓувладина конференција со што земјава официјално ќе ги започне преговорите. Тогаш треба да биде отворен првиот кластер „фундаменти“, по што ЕУ јасно ќе утврди дека ние ниту сме ја ископале дупката, ниту пак сме шалувале, а поставувањето на „фундаментите“ секогаш ги бара овие претходни подготовки. По првото наздравување со шампањското, ЕУ само ќе констатира дека во ова поглавје сме далеку од европските стандарди. Точка. Нема потреба од бугарска блокада, самите одамна си ја ставивме.
Втората опција е да не се изгласаат уставните измени и да се безделничи уште неколку месеци чекајќи избори. Во меѓувреме ќе паднат уште понекој тендер, уште некоја провизија, уште триесетина нови скандали и ќе дојдат избори. По изборите ќе има многу партиски калкулации од типот кој со кого, дали „Европејците“ сами ќе се држат или ќе мора да се прави коалиција и со „антиевропејци“, повеќе од сигурно ќе дојде до замешателства од страна со „пријателски“ сугестии кој со кого да оформи влада, можеби ќе се изроди и некоја нова платформа, но крајниот исход секако ќе биде политичка криза што ќе потрае. И тоа на некој начин ќе биде причина ЕУ да наметне дискретна блокада, така што исходот ќе биде ист. И во едниот и во другиот случај нема напред. Но причините за ваквиот исход и со и без Бугарите во Уставот лежат исклучиво кај нас. ЕУ гледа само да ги затвори отворените прашања, без никаква сентименталност оти знае со каков кандидат си има работа, па лесно може да му наложува што да прави и да го блокира кога сака.

Дури и да почнат преговорите со ЕУ, следниот состав на ЕП и на ЕК нема никаква обврска да се посвети на проширувањето. Овие што се пред заминување можат да даваат ветувања дека и во 2027 година Унијата ќе се прошири, но повеќе тие не се прашуваат оти пред крајот на мандатот веќе немаат моќ. Веќе е извесно дека на европската сцена доаѓаат некои нови сили, кои повеќе си ги гледаат сопствените интереси, гледаат дека од џебовите на своите граѓани ќе мора да извлечат над 200 милијарди евра за да им ги даваат на новите земји-членки, пред сè на Украина. Полска не го сака тоа, не го сакаат ниту Словачка, ниту Унгарија, ниту Италија, ниту Шведска, а нема да го сакаат ниту земјите што сега се приматели на европски пари, а утре треба тие да бидат донатори за новите земји-членки. Не ја сакаат ниту миграцијата. Тоа се сложени процеси што Македонија мора да ги земе предвид пред да избрзува со носењето одлуки. Најсигурна работа во вакви турбулентни времиња е да си ги средиме состојбите дома. И утре да влеземе во ЕУ, нема да ги задржиме младите дома оти тие бараат функционална држава. Бугарија, Романија, Словенија, Хрватска, Чешка и други земји влегоа во ЕУ, па младите потоа им избегаа во другите европски земји и останаа без работници. Процесот на миграции не треба да се врзува со членството во ЕУ, туку со квалитетот на животот. ЕУ нема да ни помогне да изградиме подобра држава, самите мора да го направиме тоа. Ако направиме пристојно место за живеење, никој нема да си оди.

Затоа, да почнеме од почетокот. Да не измислуваме топла вода, туку да почнеме да ги спроведуваме законите, онака како што ги препишавме од Европа, а не да ги моделираме во согласност со нашите дневнополитички потреби. Така ќе воспоставиме владеење на правото, така ќе се фатиме во костец со корупцијата, така ќе изградиме подобро образование, квалитетен здравствен систем, здрава животна средина. Сè друго е само обично замајување на јавноста и претурање од шупливо во празно.