Единаесеттото издание на филмскиот фестивал за млади „Џифоини Македонија“ беше отворено синоќа во киното „Милениум“ во Скопје, со проекција на филмот „Вратената“ (L’Arminuta) во режија на Џузепе Бонито. Проекцијата беше од отворен карактер.
На отворањето се обрати амбасадорот на Италија во Скопје, Андреа Силвестри.
„Вратената“ е снимен според истоимениот роман на Донатела ди Пјерантонио. Улогите ги толкуваат: Аурора Барули, Карлота де Леонардис, Фабрицио Феракане, Андреа Фуорто и други. Филмот во 2022 година ја добил наградата за најдобро адаптирано сценарио на италијанските филмски награди „Давид ди Донатело“.
Инаку, повеќе од 550 учесници од девет земји ќе бидат дел од 11. издание на „Џифони Македонија“. На добро познатите локации – Младинскиот културен центар, Кинотеката на Македонија и киното „Милениум“ до 10 октомври џифонци ќе гледаат филмови, ќе дискутираат, ќе учествуваат на креативни работилници. Утрово јуниорите, односно основците го започнаа својот прв ден во Кинотеката, а средношколците ќе ја започнат својата програма утре во Младинскиот културен центар.
Годинава, освен од Македонија, на фестивалот се очекуваат 40 учесници од: Италија, Србија, Косово, Босна, Грција, Бугарија, Романија и од Франција.
Петнаесет долгометражни филмови во официјална конкуренција поместени во три категории, односно кадети (6-то до 9-то одделение), јуниори (прва и и втора година средно) и сениори (трета и четврта година средно). Ќе проследат 35 краткометражни и анимирани филмови.
Нов сегмент на фестивалот е ЕПИК – проект за промоција на мирот преку креативност кај младите, поддржан од Министерство за надворешни работи и меѓународна соработка на Италија. М.Т.