Фото: Принтскрин

Европската комисија во понеделникот потврди дека Европската унија е подготвена да воведе санкции кон Србија за нападот на северот на Косово доколку земјите-членки на блокот најдат доволно докази.

– Европската унија е подготвена да ги процени мерките во однос на Србија доколку земјите-членки имаат доволно информации и доволно факти за тоа – изјави портпаролот на ЕУ за надворешни работи Петер Стано.

Тој посочи дека ЕУ ќе дејствува кога земјите-членки ќе донесат одлука, бидејќи за рестриктивните мерки е потребно едногласност, пренесе „Анадолија“.

Стано рече дека ЕУ ги чека „конечните резултати од соодветна, детална истрага, која ќе ги разјасни сите околности околу терористичкиот напад“ и дека блокот очекува „целосна и безусловна соработка од Србија“.

Стано ги опиша неодамнешните откритија за „огромни залихи оружје на северот на Косово“ и зајакнувањето на армијата во Србија како „многу загрижувачки развој на настаните“.

Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свецла, во неделата изјави дека целта на „терористичкиот напад на Србија“ во Бањска е анексија на северот на Косово.

Тој рече дека подготовките за нападот се направени во Србија и дека тоа се гледа од беспилотните летала запленети од групата.

Свецла рече дека сликите докажуваат дека оваа група во Србија се подготвува, тренира и изведува вежби кај Јагодина и во воената база на Копаоник.

Во напад на група Срби на 24 септември, предводена од потпретседателот на Српската листа, Милан Радоичиќ, загина косовски полицаец, а потоа косовската полиција во „антитерористичка акција“ елиминира четворица напаѓачи и уапси уште шестмина.

Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок денеска изјави дека на состанокот на шефовите на дипломатиите на земјите членки на ЕУ во Киев, до Србија е упатен „итен апел“ за намалување на бројот на војници на границата со Косово.

– Србија мора да ги намали трупите на границата – рече Баербок на маргините на состанокот во Киев – пренесе „Танјуг“.

Таа додаде дека не треба да има „понатамошни тензии меѓу Србија и Косово“.

„Берлинер цајтунг“ наведува дека во меѓувреме претставници на владејачките партии во Германија се изјасниле за зголемување на присуството на Бундесверот во мировните сили на КФОР под команда на НАТО.