Иако во мај 2022 година сите очекуваа дека една година е доволен период во кој МПЦ-ОА ќе успее да го заокружи процесот на целосна автокефалност, сепак моменталната ситуација покажува дека некои процеси се во застој. Изминативе неколку месеци речиси ништо не се случува на релацијата МПЦ-ОА – Вселенска патријаршија. Многумина ги лоцираат причините во влијанието што Руската црква го има врз МПЦ-ОА
Година и половина искушенија за Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА)
Година и половина по историската одлука на Вселенската патријаршија да ја врати во канонско единство Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), а набргу потоа и согласноста на Српската православна црква (СПЦ) за автокефална црква во Македонија потврдена преку томосот, МПЦ-ОА сѐ уште е на патот со предизвици до нејзиното целосно прифаќање во семејството на автокефални цркви.
Тогаш познавачите на состојбата во православието оценија дека потегот на патријархот Вартоломеј и на Вселенската патријаршија претставува историски настан, бидејќи со него конечно се исправи долгата неправда нанесена врз нашата црква и со признавањето на нејзината каноничност се стави крај на речиси седумдесетгодишната изолација на возобновената Охридска архиепископија.
Од мај и јуни 2022 година до септември 2023 година се случија серија значајни настани. Некои од нив се афирмативни за нашата црква, а некои со предизвици испреплетени и со политика и со ретроградни влијанија. Во овој период се случи и враќањето на владиците од Православната охридска архиепископија (ПОА) во МПЦ-ОА, чин што за многумина беше процес што треба да финишира со големо помирување во црквата.
Иако во мај 2022 година сите очекуваа дека една година е доволен период во кој МПЦ-ОА ќе успее да го заокружи процесот на целосна автокефалност, сепак моменталната ситуација покажува дека некои процеси се во застој.
Изминативе неколку месеци речиси ништо да не се случува на релацијата МПЦ-ОА – Вселенска патријаршија. Многумина аналитичари ги лоцираат причините и во одредени влијанија и алтернативни патишта што Руската црква ги има во однос на МПЦ-ОА.
Што се случуваше по историскиот 9 мај?
Истиот месец на 24 мај СПЦ објави дека се согласува со статус на автокефална црква во Македонија. Еден месец подоцна СПЦ издаде и томос за автокефалност, што беше оценето како документ за согласност. Веднаш потоа се случи првото заедничко сослужување на архиепископот Стефан со вселенскиот патријарх Вартоломеј во Фанар во седиштето на Вселенската патријаршија. Процесот почна да се развива во посакуваниот правец. Вселенската патријаршија испрати писма до сите помесни цркви во кои ги извести дека МПЦ-ОА, како Охридска архиепископија, е во канонско единство и дека сите цркви можат да сослужуваат со нејзините архијереи.
СПЦ исто така испрати писма до сите сестрински цркви во кои ги извести дека доделила томос за автокефален статус за МПЦ-ОА и побара црквите да се изјаснат за него. И така практично МПЦ-ОА беше ставена во средина меѓу Фанар и Москва.
Денес, година и половина подоцна, Бугарската и Руската црква го прифатија томосот на СПЦ, Романската црква направи комбинација меѓу Вселенската и Српската црква, а Албанската, Полската, црквата на Чешка и Словачка, Грчката, Антиохиската се согласија со ставот на Вселенската патријаршија за сослужување со владиците на МПЦ-ОА. Во меѓувреме речиси сите православни цркви сослужуваа со МПЦ-ОА.
Внатрешното обединување на МПЦ-ОА
Еден од договорите со СПЦ беше интеграција на ПОА во МПЦ-ОА. Процесот траеше речиси една година и по серија преговори заврши со поставување тројца од владиците на ПОА за епархиски архијереи, а еден за викарен епископ. Јован стана митрополит крушевско-демирхисарски, Јоаким епископ дељадровско-илинденски, Марко епископ делчевско-каменички. Давид е поставен за викарен епископ на Скопската епархија со титула дремвитски.
Во оваа година и половина, кај МПЦ-ОА на гости трипати дојде српскиот патријарх Порфириј, дојдоа владици на Вселенската патријаршија и владици од Руската црква, СПЦ, од Грчката црква и од црквата на Чешка и Словачка.
Пред неполн месец поглаварите на МПЦ-ОА и на СПЦ, Стефан и Порфириј, во чест на празникот Свети Јоаким Осоговски кај Крива Паланка служеа заедничка литургија.
Со нив сослужуваа и свештеници од Бугарската и од Романската православна црква, за што архиепископот Стефан порача дека ова е пример дека во црквата нема разлика.
– Денешниот собир е пример дека во црквата нема разлика меѓу народите зашто ист е Господ над сите, а покрај нас, домаќините сослужуваа свештеници од три помесни цркви, а голема чест ни е што служуваше неговата светост г.г. Порфириј. Освен архијереите ни сослужува и свештенослужителот од Романската православна црква, а празничната радост ја сподели и г. Јаков, митрополит од сестринската Бугарска црква – рече архиепископот Стефан.
Руски хоризонти и алтернативни патишта кон целосната автокефалност на МПЦ-ОА
По Божиќ 2023 година, во Скопје дојде митрополитот Антониј од Руската црква, кој е задолжен за односите со православните цркви. Оваа посета беше изненадување, а многумина подоцна оценија дека таа е пресвртница во односите на МПЦ-ОА со Вселенската патријаршија.
Што и како се развивале односите меѓу МПЦ-ОА и Руската црква јавноста нема доволно информации.
Пред една недела, Македонија му забрани влез на архимандритот Васијан Змеев, кој управува со подворјето на Руската црква во Софија. Тој по посетата на Антониј беше во редовна комуникација со МПЦ-ОА.
Да се одбере вистинскиот пат
Периодот што следува за МПЦ-ОА е исклучително важен и полн со предизвици. Заокружувањето на автокефалноста е и од црковен и од национален интерес. Единството на црквата на тој пат е императив.
Но дали предизвиците се надминливи? Руското влијание врз одлуките на црквата е сосема извесно, но за јавноста се непознати деталите.
Во кој правец ќе се движат работите ќе зависи од тоа каква стратегија подготвиле владиците?
Ќе го изберат ли вистинскиот пат, ќе одолеат ли на сугестиите, советите, предлозите, па и на притисоците од големите црковни центри?
Во процесот на извојување на целосната автокефалност, најважно е да се следи сопствениот интерес како црква и како држава, а тој, секако, е полноправна и реална автокефална црква, дел од семејството на помесни православни цркви.