АТЛЕТИКА
Во 15-та сезона, 15 митинзи во Дијамантската лига
Дијамантската лига во атлетика за годинава неодамна заврши, а веќе е одреден распоредот за следната година. Планирани се 15 митинзи од ова врвно атлетско натпреварување, соопштија организаторите на Дијамантската лига. Првиот митинг во 15-та сезона треба да се одржи на 20 април 2024 година во Ксиамен (Кина), а седум дена подоцна е закажано натпреварувањето во Шангај (Кина). Потоа следуваат митинзите во Доха (Катар, 10 мај), Рабат (Мароко, 19 мај), Јуџин (САД, 25 мај), Осло (Норвешка, 30 мај), Стокхолм (Шведска, 2 јуни), Париз (Франција, 7 јули), Монако (12 јули) и во Лондон (Велика Британија, 20 јули). Поради одржувањето на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз, од 26 јули до 7 август, следува извесна пауза, а потоа Дијамантската лига продолжува со митинзите во Лозана (Швајцарија, 22 август), Хоржов (Полска, 25 август), Рим (Италија, 29 август) и во Цирих (Швајцарија, 5 август). Финалниот митинг на Дијамантската лига е закажан за 13 и за 14 септември 2024 година во белгискиот град Брисел. Г.И.
ФУДБАЛ – КОПА ЛИБЕРТАДОРЕС
Почнува трката за трофејот и за пласман на две СП
Бока јуниорс од Аргентина и три бразилски тима, Палмеирас, Флуминенсе и Интернационал, се во полуфиналето на годинашната Копа либертадорес, 64-та сезона на екипното фудбалско првенство на Јужна Америка, чии први мечеви се неделава. Утре (2.30 часот по средноевропско време) на програмата е дуелот Флуминенсе – Интернационал, а в петок (2.30 ч.) е мечот Бока јуниорс – Палмеирас. Реваншите се на 5 и на 6 октомври.
Титулата лани ја освои Фламенго од Бразил, а од таа земја беа и победниците во претходните три години, кога славеа Палмеирас (во 2020 и во 2021 година) и Фламенго (во 2019 година). Во минатите три сезони во финалето играа само тимови од Бразил.
Годинашниот победник на Копа либертадорес ќе се пласира на клупското Светско првенство (СП), кое во декември треба да се игра во Саудиска Арабија, но и на првото клупско СП на кое ќе настапат 32 тима, во 2025 година, кое треба да се игра во САД. Н.М.
ФОРМУЛА 1
Ферстапен може да стане првиот што обезбедил титула по спринт-трка
Макс Ферстапен е на чекор до својата трета титула во Формула 1 (Ф1) и може да ја обезбеди на следната трка, во Катар, идниот викенд. Во моментов тој има 177 поени повеќе од тимскиот колега Серхио Перез, неговиот единствен конкурент, со само 180 преостанати поени во игра од шесте гранпри-трки и трите преостанати спринта сезонава, па му требаат само уште три бода за да се приклучи на славната листа тројни шампиони во Ф1, пишува „Скај спорт“.
Неговата прва шанса е на трките во Катар на 7 и 8 октомври. Во сезоната во која Ферстапен и Ред Бул веќе постигнаа голем број „први“ во историјата на Ф1, уште една сега е можна на 7 октомври, пишува „Скај спорт“. Ферстапен ќе стане првиот што обезбедил титула на спринт-трка, ако биде барем шести (така би освоил три поени), без разлика кое место ќе го освои Перез. Ако, пак, Перез не биде меѓу првите тројца во тој спринт, Ферстапен ќе стане шампион.
Дури и ако тој не ја заврши трката во спринт, а Перез победи, Ферстапен ќе треба да освои само три поена на гранпри-трката следниот ден или каде било во остатокот од сезоната, за да биде сигурен во титулата без разлика на резултатите на неговиот тимски колега. Досега 10 возачи имаат барем три титули. На листата водат Михаел Шумахер и Луис Хамилтон со по седум титули, а потоа следуваат Хуан Мануел Фанџо со пет, Ален Прост и Себастијан Фетел со по четири, Џек Брабам, Џеки Стјуарт, Ники Лауда, Нелсон Пике и Аиртон Сена со по три трофеи.