Драги

Преводот е многу важен за развојот на современиот македонски јазик, а со тоа и неговите можности за примање врвни дела од светската книжевност. Но познавањето јазици и книжевност или дипломата не е гаранција за добивање добар и стручен преведувач. Во трката со времето, а заради брза заработка, на полиците на нашите книжарници стигнуваат изобилство лошо преведени книги. Одговорот на Драги Михајловски, даден во едно интервју на оваа тема, гласи: „Ако се земат вистинските преведувачи, а ги има, ние никогаш нема да останеме на опашката на преводната литература во светот“

Му направи најголем споменик на Шекспир во Македонија, ама и свој. На неверојатни 1.654 страници, тврд повез, во издание на „Каприкорнус“, а во негов препев излегоа од печат сите 37 драми и 154 сонети на Вилијам Шекспир. Преводот го работеше со нормални прекини поради работа врз други проекти, подготвувања, предавања за на факултет или едноставно замор, од 1983 година до 2013 година. Првите преводи („Ричард Трети“, „Комедија на грешки“ објавени во тогашната издавачка куќа „Македонска книга“) ги работеше на машина за пишување, а подоцнежните на разни компјутери, во зависност како тие се појавуваа, усовршуваа и се менуваа. Пари, ако не за друго, за нив секогаш наоѓаше. Оригиналите на драмите ги наоѓаше и ги позајмуваше од библиотеката за англиски јазик и книжевност при филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, а некои ги имаше во лична своина дадени како подарок од негови пријатели од Англија или од САД. Откако ги објави 11-те драми плус сонетите и четирите големи трагедии во 2003 г. односно во 2004 и 2007 година, помисли дека е доволно, но („како да ме тераше некој ѓавол однатре“, како што вели самиот) продолжи и речиси секоја следна година, кога сите одеа на одмор, работеше и објавуваше по четири нови препеви на драми и некаде во 2012 година ги имаше во компјутер сите 37 драми и 154 сонети на Шекспир…

Ова е само дел од импресивната работа на нашиот писател, преведувач, есеист и универзитетски професор, Драги Михајловски, со кого за жал прерано се збогувавме. Освен со прозните дела, Михајловски остави трајна трага во македонската култура со преводите на делата од Шекспир, Милтон, Шели, Китс, Блејк, Елиот, Милтон итн. Објави и неколку студии и есеи од областа на теоријата на преводот, а со своите ставови за преводот влијаеше и на студентите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, каде што беше професор. Има објавено и две книги за уметноста на преведувањето, „Нераспнати богови“ (1991 г.), во издание на „Табернакул“, и „Под Вавилон: задачата на преведувачот“ (2002, 2006 г.), во издание на „Каприкорнус“. Секој што бил на неговите предавања ја знае дефиницијата на преводот: „Задачата на преведувачот е да ја најде литерарноста на оригиналот и потоа со љубов и во детаљ да ја пренесе во новата јазична и културолошка средина за оваа да прозвучи во преводот онака како што звучела во времето на своето настанување“.

Преводот е многу важен за развојот на современиот македонски јазик, а со тоа и неговите можности за примање врвни дела од светската книжевност. Но познавањето јазици и книжевност или дипломата не е гаранција за добивање добар и стручен преведувач. Некој може одлично да ги познава и изворниот и целниот јазик, но, сепак, да не знае да преведува. Преводот е специфична работа, дисциплина за која се потребни широки познавања од двете култури, онаа од која се преведува и домашната, онаа на која се пренесува книжевното дело. Хиперпродукцијата и брзината му штетат на квалитетот, па во купот испечатени книги се среќаваат импровизации, многу чести грешки и отстапки од македонскиот книжевен јазик, пропусти на цели реченици, погрешна транскрипција, недоволно се обрнува внимание на повторните читања и препрочитувања на текстот…
Оттука, еден од најголемите подвизи на издавачката куќа „Антолог“ е што минатата година воспостави награда за најдобар превод на македонски јазик, која ја наслови „Драги“ и која е воведена во негова чест, а од годинава освен главната награда, комисијата и организаторите одлучија да се доделува и интернационална награда „Драги“ за најзначаен превод од македонски на странски јазик. Со воведувањето на оваа категорија како традиционална ќе се создаде сериозен поттик за сите книжевни преведувачи од македонски со голем усет да пристапуваат кон преводот на македонската литература и почесто да се решаваат делата на нашите автори да се најдат во понудата на издавачките куќи од Европа и од светот.

Драги Михајловски знаеше колку е важен преводот на едно книжевно дело, затоа и во текот на целиот свој работен век му беше сериозно и длабоко посветен. За ова стануваме уште повеќе свесни откако во домашната хиперпродукција на книги, лошите преводи стануваат практика, а не исклучок. За неквалитетните и неупотребливи преводи многу се зборува кај нас, а речиси ништо не се презема. Во трката со времето, а заради брза заработка, на полиците на нашите книжарници стигнуваат изобилство лошо преведени книги. Одговорот на Михајловски, даден во едно интервју на оваа тема, гласи: „Ако се земат вистинските преведувачи, а ги има, ние никогаш нема да останеме на опашката на преводната литература во светот“.