Македонското друштво „Илинден“-Тирана најостро ги осуди изјавите на Софија со кои населението во областа Мала Преспа го претставува како бугарско
Бугарија како држава ги продолжува своите контроверзни активности во Република Бугарија што се насочени кон македонското национално малцинство. Според нашите добро информирани извори, последното организирање бесплатни здравствени прегледи во селото Пустец е во контекст на очекуваниот попис на населението во Република Албанија, односно поттик на Македонците да се изјаснат како Бугари
Бугарската држава преку своите институции, како и во соработка со приватни организации и фондации, го продолжува својот притисок врз македонското национално малцинство во Република Албанија. Во редицата контроверзни активности за претставување на Македонците од Албанија како бугарско малцинство е и последното организирање бесплатни кардиолошки прегледи за Македонците во селото Пустец. Информацијата за бесплатниот преглед во Пустец во бугарските медиуми беше во пиар и пропагандистички контекст претставена дека Бугарија се грижи за здравјето на бугарштината во Албанија. Според информациите од добро упатените експерти во однос на бугарските активности во Република Албанија, последната акција со бесплатните здравствени прегледи треба да се гледа од еден поширок аспект, односно во контекст на очекуваниот попис во Албанија. Бугарската држава преку своите дејности во Албанија, поточно во областите каде што живее македонското национално малцинство, настојува да го поттикне локалното население да искаже бугарска национална свест, притоа Бугарија не избира средства и начини, според нашите добро информирани извори.
Македонското национално малцинство излезе со своја реакција во однос на последната бугарска провокација, како што тие самите ја нарекуваат. Меѓу првите што излегоа со реакција беше македонското друштво „Илинден“-Тирана, кое најостро ги осуди изјавите во однос на населението во областа Мала Преспа како бугарско.
– И на Македонците низ цела Албанија им е јасно дека најавената акција за бесплатни прегледи на пациенти треба да биде дополнителна мамка за населението во областа Преспа за негово изјаснување како Бугари на претстојниот попис во Албанија. За Бугарија, како држава, еден од приоритетите при докажувањето дека Македонците во Македонија се Бугари претставува и одржувањето на монструозната измислица дека ние, Македонците од Албанија, ќе се побугариме и дека тие што ги имаат нашите лични податоци ќе ги искористат и од нас ќе направат Бугари на хартија со измама на пописните резултати – се наведува во реакцијата на македонското друштво „Илинден“-Тирана
Во реакцијата на споменатото друштво се изразува и жалење што највисоките личности на албанската држава дозволуваат да бидат уценувани од бугарска страна на сметка на македонското население во Албанија и што потклекнуваат пред тие уцени.
– Притоа, цената на уцените од страна на Софија кон Република Албанија, политичкиот врв на нашата држава ја плаќа со нашата национална припадност и нашето национално достоинство како Македонци – се наведува во реакцијата на македонското друштво „Илинден“-Тирана.
Свое видување искажа и Никола Ѓурѓај, уредник на македонскиот весник „Илинден“ во Албанија. Според него, секому му е јасно дека бугарската држава со години врши невиден притисок врз македонското национално малцинство во Република Албанија.
– Фактот што ефектот од сите тие фрлени средства за денационализација на Македонците во Република Албанија досега не го донесе посакуваниот ефект, секако, ги насочува сите сили во правец на насилно побугарување на Македонците во Република Албанија, а особено во областа Мала Преспа – вели Никола Ѓурѓај. Д.Ст.