Деновиве ми се виде особено интересен терминот „двочекор“, искажан надвор од спортските терени и настани. Него го чув искажан во Вилнус. Особено ме привлече приодот на терминот двочекор што станува едночекор, или само чекор. Тој е врзан со случајот со Украина и нејзиниот влез во НАТО. Имено, токму нејзиниот двочекор стана само чекор. Како што слушнавме деновиве од страна на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, Украина ќе има можност за побрз влез во НАТО, да прескокне еден од двата задолжителни чекори, со што до влезот ќе ѝ треба само чекор. Се надевам добро ме следите во чекорите
Чекор. Тоа во дигиталниот речник на македонскиот јазик со едноставни зборови е опишано како „движење на нозете при одење“. Исчекор, пак, е „постапка што претставува придвижување нанапред, односно чекор пред другите“. Меѓучекор, пак, не е ниту чекор ниту исчекор. Тоа му доаѓа нешто како половина чекор, мал чекор, но недоволен за да се нарече баш чекор. Што се однесува до поимот чекор, да споменам и дека често во спортот го слушаме овој израз, и тоа како двочекор, тричекор, скок… и сите тие си имаат некое дејство на кое се однесуваат и го објаснуваат.
Деновиве ми се виде особено интересен терминот „двочекор“, искажан надвор од спортските терени и настани. Него го чув искажан во Вилнус. Особено ме привлече приодот на терминот двочекор што станува едночекор, или само чекор. Тој е врзан со случајот со Украина и нејзиниот влез во НАТО. Имено, токму нејзиниот двочекор стана само чекор. Како што слушнавме деновиве од страна на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, Украина ќе има можност за побрз влез во НАТО, да прескокне еден од двата задолжителни чекори, со што до влезот ќе ѝ треба само чекор. Се надевам добро ме следите во чекорите.
Значи, досега, за Украина да влезе во Алијансата беше потребно да има Акциски план за членство, како и приближување на земјата до воената организација преку обезбедување целосна интероперабилност меѓу украинските сили и силите на НАТО, што значи дека Киев претежно ќе треба да користи оружје од западно производство. Предлогот на Столтенберг е земјите-членки да го отстранат барањето за Акциски план за членство за Киев, со што ќе се промени пристапниот пат од процес во два чекора во процес во еден чекор. И работата за нејзин влез речиси ќе биде завршена.
Од друга страна, пак, за Западен Балкан и секако за Македонија, за влез во ЕУ, беа поставени четири столба со по осум скалила или којзнае колку чекори за да направи или да истрча еден мини-маратон.
Овие големи чекори што ќе треба да ги изодиме ни ги претстави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен.
Развојниот план што таа ни го предложи пред приближно еден месец беше изграден на четири столба. Првиот – да се донесе Западен Балкан поблиску до единствениот европски пазар. Вториот е да се продлабочи регионалната економска интеграција. Третиот е да се забрзаат фундаменталните реформи. И четвртиот, да се зголемат претпристапните фондови.
Со оглед на нивната понуда, однапред да им понудат на Западен Балкан и на Македонија некои од предностите на членството, сепак мора да се изодат одредени чекори за да се дојде до тоа членство. Некои од реформите што се дел од пристапниот процес се клучни за довербата на инвеститорите. Според Фон дер Лејен, градењето независно и ефикасно судство, кое обезбедува транспарентни јавни набавки, борбата против корупцијата или енергетскиот пазар се едни од клучните услови за влез.
Од друга страна, пак, македонските експерти, како што е политичкиот аналитичар Петар Арсовски, велат дека покрај тие четири столба од кои е составен развојниот план, постои и обид со план од осум точки. Тоа е идеја на Макрон, да се отвори проширувањето за побрза интеграција, но на некој начин и да се заштити од самоволието на оние членки (како, на пример, и Бугарија), кои беа примени во ЕУ без да го заслужат тоа.
Досега, ЕУ имаше политика – билатералните проблеми надвор, кога ќе ги решите – тогаш се исполнети условите за можен чекор внатре. Сега, тие се обидуваат, од безбедносни геостратегиски причини, поради војната во Украина, да ја забрзаат таа интеграција, меѓутоа и да се заштитат од самоволието на членките, кои евентуално би можеле да прават проблеми. И затоа е: да нема комесар, да нема право на вето во првите десет години… Нам и тоа ни одговара. Не е спорно. Каква било забрзана интеграција ќе направи посуштински ремонт на нашето општество и во таа смисла тој план не е спорен – се искажа во една медиумска дебата.
Ако не ги сфативте чекорите што треба маратонски да ги истрчаме, да поедноставам.
Во четирите столба на поддршка на регионот за забрзување на евроинтегративните процеси, кои ги претстави Фон дер Лејен, не веруваат ниту експертите, ниту познавачите на состојбите, ниту граѓаните. Никој повеќе не забележува и не препознава ниту сигнал, ниту импулс, ниту говор на мотивација, ниту пак искрена желба од Унијата за забрзана политичка интеграција во ЕУ на земјите од Западен Балкан. Понудите, ветувањата и политичките еквилибристики наведени во четирите столба се однесуваат повеќе на економски и регионални процеси, кои веќе се спроведуваат преку повеќе иницијативи, како Берлинскиот процес, Отворен Балкан… Со оглед на веќе постојните иницијативи и процеси за регионална соработка, четирите столба на новиот план за Западен Балкан од ЕУ, според познавачите, личат на рециклирани и разочарувачки ветувања од Унијата.
Па сега, малку упростено, со еден чекор ќе запрашам: Зошто за Македонија толку многу чекори, а за Украина и двочекорот се скрати? Имам впечаток, а не се сомневам дека многумина и ќе се сложат со мене, дека некако како за нас само да се зголемуваат чекорите. Колку и да истрчаме, повторно сме на почетокот. За евроинтегративниот процес на земјава нема кратење процедури и цели програми, нема гледање низ прсти. За нас педометарот никако да ги избори чекорите.
Сега се прашувам, колку чекори ни се потребни и каде водат тие чекори? Велат среде трка не се откажува, ама се плашам дека и народот е изморен од толку трчање. Особено затоа што при нашето чекорење ни се додаваат дополнителни товари, багажи, ни се поставуваат стиплчез-препреки, со сѐ подлабоки дупки со вода, во кои на крајот, некој ќе биде радосен да се удавиме и да не ја завршиме трката со македонскиот репрезентативен дрес и грб. Туку со некој друг, видоизменет. Очигледно е дека ние го немаме чекорот на Украина. И немаме ниту резервен дрес (читај резервна држава како некој што има токму во нашето опкружување).