Вчера во Охрид беше одложено судењето за нарушување на јавниот ред и мир поради истакнување на знамето со сонцето од Кутлеш
Вчера повторно беше одложено судењето на адвокатот Тони Менкиноски, кој е обвинет за нарушување на јавниот ред и мир откако го истакна знамето на кое е претставено сонцето со шеснаесет зраци, на 20 јануари оваа година, за време на верскиот празник Водици. Повеќемина правни експерти посочуваат дека обвинението нема основа, затоа што употребата на шеснаесткракото сонце на знаме не е законски регулиранa, односно со Законот за грбот, знамето и химната е регулирана употребата на државното знаме, односно државните симболи
Тони Менкиноски вчера требаше да седне на обвинителна клупа во охридскиот Основен суд откако беше обвинет за нарушување на јавниот ред и мир. За потсетување, обвинението беше поднесено поради истакнувањето на знамето со шеснаесет зраци на 20 јануари годинава, на празникот Водици, кога многу охриѓани се собираат на брегот на Охридско Езеро. Во текот на споменатиот настан, знамето беше поставено на остатоците од средновековните ѕидишта во близината на езерото, познати како Долна Порта, кои се сметаат за дел од Самуиловата тврдина.
Селективно право, злоупотреба на институциите или политизација на правото?
Во однос на споменатиот настан, поврзано со вчерашното рочиште, повеќемина правни експерти посочија дека нема никаква основа некој да се гони за веење знаме. Во оваа конотација, адвокатот Александар Тортевски вели дека не е сигурен во конкретниот случај точно која одредба е употребена, но многу е проблематично што сè се подразбира под јавен ред и мир.
– Од друга страна, сосема сум сигурен дека неколку стотици илјади луѓе во Македонија го имаат веено ова знаме во разни пригоди. Во најмала рака, во случајов има селективна примена на законот, зашто не може од стотици илјади луѓе само еден да се земе на одговорност, не смее полицијата селективно само него да го гони – вели адвокатот Тортевски.
Знамето со сонцето од Кутлеш не e фашистички симбол
Проф. д-р Гордан Калајџиев, експерт по кривично право, оценува дека употребата на знамето на кое е претставено сонцето со шеснаесет зраци не е регулирана со закон, оттука не може да биде санкционирана неговата употреба.
– Со Законот за употреба на знамињата е регулирана употребата на државното знаме и знамињата на странски држави, употребата на други знамиња е во сферата на слобода на изразување. Исклучок се знамиња и симболи што се изричито забранети, како фашистичкото знаме или слично – вели Калајџиев.
Од „Сончева револуција“, невладина организација што му дава поддршка на Тони Менкиноски, повторно се собраа пред охридскиот Основен суд, нагласувајќи дека симболот со шеснаесетзрачното сонце е дел од македонскиот вековен идентитет и дека не се откажуваат од него. Во организација на „Сончева револуција“ се собраа стотици граѓани со развиорени знамиња на кои е претставено сонцето со шеснаесет зраци, кои на тој начин ја изразија својата поддршка за Менкиноски и протест поради судскиот процес.
Наместо доследно практикување на правото, сервилноста доби приоритет
Пред вчерашното рочиште, поддршка за адвокатот дадоа повеќемина академици и интелектуалци, кои посочија дека сонцето од Кутлеш е обединувачки симбол на македонскиот народ. Повеќемина од нив прават исклучително интересна паралела, посочувајќи дека „судењето во суштина е судење против употребата на знамето со т.н. сонце од Кутлеш, а не судење за нарушување на јавниот ред и мир“? Соговорниците нагласуваат дека сервилноста на нашата држава, институциите и толкувањето на регулативата отидоа предалеку во насока на задоволување на незаситните апетити на Атина во врска со Преспанскиот договор и нашата сервилност, од друга страна.
Што се однесува до рочиштето во Охрид, тоа и овој пат не се одржа затоа што не се појавија претставници на Министерството за внатрешни работи.
– На судењето воопшто не се појавија претставници на МВР. Очигледно е дека МВР бега од средба. Претставниците од МВР не дојдоа да објаснат како ние сме го нарушиле јавниот ред и мир. Јас воопшто не се чувствувам виновен, горд сум што го истакнав македонското знаме. Не сум го нарушил јавниот ред и мир, не постои ниту еден меѓународен, билатерален или мултилатерален договор што може да ме спречи мене како Македонец да го развијам македонското знаме – изјави адвокатот Менкиноски, откако беше одложено рочиштето.
Менкиноски најави дека ќе побара од судот да донесе ослободителна пресуда од причина што, како и во претходните рочишта, не се појавува никој од страната на обвинението, а смета дека ослободителната пресуда ќе значи слобода Македонците достоинствено и гордо да го веат знамето од Кутлеш.
– Ова не е битка за мене, туку за нас Македонците, иста како онаа што ја водевме пред Стразбур за Македонците од Пиринска Македонија. Во слободна држава да не смееме да развиеме македонско знаме, нема поголем апсурд – рече Тони Менкиноски, кој пред Судот во Стразбур ги застапуваше Македонците од пиринскиот дел на Македонија. Д.Ст.