Со доаѓањето на талибаните жените беа веднаш дискриминирани

Поради својата посебна улога во светот, Авганистан сѐ уште е исклучително важен вектор на надворешнополитичките интереси, особено за САД, земјите од Централна Азија, како и за Кина, Индија, Пакистан, Иран и Русија. Искуството од развојот на Авганистан во текот на 20 век покажа дека земјата отсекогаш била централна за геополитичките интереси на светските сили

Авганистан, земја на многу прашања

Поводот за нашето навраќање на Авганистан и прашањата врзани за него е неодамнешниот граничен конфликт, кога загинаа двајца ирански граничари и еден припадник на талибанците. Меѓутоа, авганистанската национална телевизија објави дека во конфликтот загинале 12 талибанци, а 36 биле ранети.
Судирите меѓу иранската армија и талибанците на границата на Исламската Република со исламскиот емират Авганистан ги вратија сеќавањата на долгата историја конфликти во регионот. Истовремено, со инцидентот, Авганистан повторно се најде меѓу најгорливите теми на денешницата, поради низата отворени прашања што ја обременуваат земјата да тргне кон нормален развој.

Историја на комплицирани односи

Комплицираните односи меѓу Иран и талибанците, кои започнаа со појавата на ова движење во 1990-тите, бележат долга низа на настани. Извор на тензија сега, во најновиот случај, е протокот на вода од авганистанската река Хелманд во Иран, додека двете земји се борат со суши, меѓу најлошите во светот. Една од најголемите реки во Авганистан, Хелманд, извира во величествените планини Хинду Куш и се протега на 1.000 километри низ целата земја пред да се влее во иранскиот дел од басенот Систан. И покрај договорите за ослободување одредени количества вода од Хелманд во Иран, реката со децении е извор на расправии меѓу двете земји.
Ситуацијата во овој регион е исклучително сложена и експлозивна, а конфликтот меѓу двата соседа може да биде искористен од некоја надворешна сила. Во последните две години имаше 12 оружени судири меѓу иранските граничари и талибанците. Загинаа припадници на двете армии, како и цивили, жени и деца.
Авганистан не се крена на нозе по повеќе од четири децении оружен конфликт, прво поради трансформацијата на Советскиот Сојуз и неговото присуство таму, потоа следуваше хаотична граѓанска војна и на крајот со дваесетгодишниот бунт против интервенцијата на Соединетите Американски Држави. Талибанците се вратија на власт кога американската армија се повлече од целосно уништената земја во август 2021 година, заедно со сојузниците од НАТО. Авганистанското општество останува поделено, со разорното влијание на сложената низа внатрешни конфликти и екстремните форми на религиозен фундаментализам.
Оттогаш, други глобални прашања, особено украинската криза, го турнаа авганистанскиот проблем во самракот на светската свест. Но, поради својата посебна улога во светот, Авганистан сѐ уште е исклучително важен вектор на надворешнополитичките интереси, особено за земјите од Централна Азија, како и за Кина, Индија, Пакистан, Иран и Русија. Искуството од развојот на Авганистан во текот на 20 век покажа дека земјата отсекогаш била централна за геополитичките интереси на светските сили.

Две години откако талибанците се на власт во Авганистан

Речиси две години откако талибанците дојдоа на власт, нивниот режим не беше признаен од ниту една соседна земја. Главната причина за ова е тоа што талибанците не ги исполнија своите обврски кон меѓународната заедница да не дозволат Авганистан да стане плодна почва за терористи и да продолжат да засолнуваат странски борци обвинети за напади од таа земја врз нејзините соседи. Исто така, талибанците не формираа „влада на сите“ во која ќе бидат вклучени припадници на различни религии, секти, етнички и социјални групи.
За издвојување е дека во последниве години Авганистан повторно се најде во центарот на збиднувања од разузнавачко-безбедносен карактер, со замешателство на големите сили. Имено, САД беа обвинети дека се вмешани во трансферот на терористи, т.н. Исламска држава (ИД) и други формации од Сирија и Ирак до Централна Азија. Пратеникот на рускиот претседател во Авганистан, Замир Кабулов, во јануари изјави дека има докази дека САД се обидуваат да воспостават врски со сегашната авганистанска влада додека тајно ја спонзорираат ривалската ИД.
Експертот за безбедност д-р Аријан Шарифи од американскиот универзитет „Принстон“ на почетокот на оваа година изјави дека во Авганистан дејствуваат 20 терористички групи „со странски цели“.
– Овие групи имаат цели надвор од Авганистан, а не во самиот Авганистан. Прашање на време е кога ќе видиме некои докази за тероризам во регионот и пошироко. Присуството на такви групи во регионот се заканува да ги десеткува организациите со истомисленици во другите делови на светот што можеби планираат напади – рече Шарифи.
Во тие рамки, експертите ги имаат регистрирано Исламската држава Хорасан (ИД-К), Тарик-е Талибан Пакистан (ТТП), Исламското движење Источен Туркестан (ЕТИМ) (насочено кон западната кинеска провинција Ксиџијанг), Исламското движење на Узбекистан (ИМУ) и Ал каеда, чиј водач Ајман ал Завахири (поранешниот заменик на Осама бин Ладен) беше убиен од Американците во 2022 година со дрон во „безбедна куќа“ во Кабул.

Авганистан отсекогаш привлечен за големите сили

Аналитичарите од Западна Азија сметаат дека Кина и Русија, како главни одговорни сили во регионот, повеќе ќе соработуваат со сите страни во мирното решавање на авганистанското прашање и ќе работат на обновата на земјата. Кинеската иницијатива „Појас и пат“ е особено на ум, бидејќи Авганистан историски беше клучен на поранешниот пат на свилата.
Се очекува дека Народна Република Кина и Русија, поддржувајќи го принципот на немешање во внатрешните работи на другите земји, ќе се фокусираат на економската помош, а не на военото присуство во Авганистан. Официјален Пекинг и Москва нагласија дека со авганистанското прашање треба да се занимава авганистанскиот народ. Така, Авганистан нема да стане она што беше низ историјата, „гробишта на империите“ за Кина и Русија.
Нашироко се споменува и меѓународната Шангајска група за соработка (ШГС) предводена од Народна Република Кина и Русија. Сите шест соседи на Авганистан со кои имаат силни историски врски се членки на ШГС – Индија, Пакистан, Иран и Узбекистан, Киргистан и Таџикистан. Улога најавува и Турција, еден од лидерите на сунитското крило на исламот, на кое му припаѓаат мнозинството Авганистанци, а која до неодамна како членка на НАТО беше активна во Авганистан.
Сепак, ако се земе предвид мислењето на голем дел меѓународни аналитичари, малку е веројатно дека САД целосно ќе се откажат од учеството во Авганистан.


Одлука што донесе збунетост во талибанското движење

Мула Хајбатула Акунџада, духовниот водач на ултраконзервативците, им забрани на девојчињата да одат на училиште по шесто одделение и на жените да работат за меѓународни хуманитарни групи. Акунџада нареди да се затворат средните училишта за девојчиња во март 2022 година, само неколку часа откако беа повторно отворени за првпат по враќањето на талибанците на власт во август. Забраната, која исто така ги затвори портите на универзитетите за студентките, предизвика меѓународен гнев.
Одлуката на Акунџада дојде по таен состанок на верските лидери, вклучувајќи ги главниот судија Абдул Хаким Шараи, министерот за верски прашања Нур Мохамед Сакиб и министерот за промоција на доблест и спречување пороци Мохамед Калид Ханафи во Кандахар, кој е центарот на моќ на талибанците.
Пресвртот остави многумина во талибанското движење збунети од одлуката. Еден висок член на талибанците изјави дека тврдокорните се обидуваат да смират илјадници борци од длабоко конзервативните села.
Ешли Џексон, истражувач од Лондон, кој има пишувано опширно за Авганистан и за талибанците, вели дека „големото влијание на ова недопирливо малцинство“ ја спречило земјата да продолжи со нешто што го сакаат огромното мнозинство Авганистанци, вклучувајќи и голем дел од раководството.

Подготвил: Mарјан Велевски