На 29 мај беше одбележан јубилејот, 70 години од првото искачување на највисокиот врв на планетата, Монт Еверест (8.848,86 м), остварено на 29 мај 1953 година, од Тензинг Норгај и Едмунд Хилари. Од Македонија досега на врвот на светот се искачија шестмина, Димитар Илиевски, Глигор Делев, Сашко Кедев, Здравко Дејановиќ, Илина Арсова и Златко Јаќовски

СЕДУМДЕСЕТ ГОДИНИ ОД ПРВОТО ИСКАЧУВАЊЕ НА МОНТ ЕВЕРЕСТ

Колку е предизвикот поголем, толку и јас станував поголем при првата средба со планината. Кога првпат во живо го видов Монт Еверест, како личноста да ми се смени во истиот миг. Не бев веќе тој Здравко од Водно… Едноставно предизвикот да се освои врвот стана огромен, а ако сакаш да успееш и ти мораш да станеш огромен и да ги исполниш сите услови што се бараат од тебе за ваков потфат, вели Здравко Дејановиќ, четвртиот Македонец што се искачи на врвот на светот, кој го оствари тоа во 2010 година
На 29 мај беше одбележан јубилејот, 70 години од првото искачување на највисокиот врв на планетата, Монт Еверест (8.848,86 м), остварено на 29 мај 1953 година, од Тензинг Норгај и Едмунд Хилари. Од Македонија досега на врвот на светот се искачија шестмина, Димитар Илиевски, Глигор Делев, Сашко Кедев, Здравко Дејановиќ, Илина Арсова и Златко Јаќовски.

ДЕЈАНОВИЌ: НЕЗАБОРАВНО ДОЖИВУВАЊЕ, КОЕ НЕ МОЖЕ ДА СЕ СПОРЕДИ СО НИЕДНО ДРУГО

Дејановиќ се сеќава на своето искуство.
– Бидејќи ова ми беше прв врв над 8.000 метри, сите мисли во секунда мораш да ги пребродуваш, да мислиш позитивно, да гледаш само напред. Постојат моменти на неизвесност, страв, ама ги победуваш во секунда што се вели. До врвот мислев само како да се искачам, како да успеам. Кога се искачив немаше некоја голема радост оти и немавме многу време да останеме, ни јавија дека доаѓа невреме и моравме веднаш да се симнуваме. Освојувањето на Монт Еверест за мене е како да сум апсолвирал нешто. Во секој случај едно незаборавно доживување, кое не може да се спореди со ниедно друго. Планината, сепак, не ја доживувам како некој голем противник, ривал и искачувањето на неа не го доживувам како да сум ја победил, туку едноставно сум стапнал таму каде што сум сакал. Чувствата во секој случај се измешани, но незаборавни – вели Дејановиќ.

ЈАЌОВСКИ: ПРЕКРАСНО БЕШЕ ДА СЕ ДОЖИВЕЕ СЕТО ТОА

На 19 мај годинава, д-р Златко Јаќовски од Скопје стана шестиот Македонец што се искачил на највисокиот врв на светот.
– Самото искачување беше многу тешко во споредба со други врвови на кои сум бил, оти ова ми беше прв врв над 8.000 метри. Над оваа висина поради недостиг од кислород мора да се носи кислородна поддршка, која почнува да се употребува од 7.200 метри. До 8.600 метри се чувствував извонредно, имав добри перформанси и мислев дека лесно ќе се искачам, но последните 200 и нешто метри, на т.н. „Хиларов чекор“, кога всушност и веќе почнува да се наѕира врвот, е тука веќе изгубив многу сила. Целото мое искачување траеше девет часа, што е релативно добро време, инаку обично трае од 8 до 12 часа. Составот беше интернационален. Поради лошите временски услови и силниот ветер, а проследено со ситен снег, на врвот останавме само пет минути. Глетката беше преубава и прекрасно беше да се доживее сето тоа. Прво што помислив кога се искачив беше тоа што сум среќен што сум жив, што врвот ми дозволи да го искачам и што достојно ја презентирав Македонија. На над 8.000 метри едноставно вие сте во рацете на господ што се вели и сѐ може да се случи, почнувајќи од личните особини на организмот. Буквално имперсиите уште ми се свежи и допрва ќе се средуваат – ни изјави Јаќовски.

СИНОВИТЕ ПО СТАПКИТЕ НА ТАТКОВЦИТЕ

По повод јубилејот, „Би-би-си“ објави приказна со наследниците на првите освојувачи на Монт Еверест на 29 мај 1953 година, Тензинг Норгај и Едмунд Хилари. Синот на Норгај зборува за моментот пред 70 години кога татко му го направи првото успешно искачување на највисоката планина во светот. Тензинг Норгај беше следен до врвот на Монт Еверест на непалско-кинеската граница од новозеландскиот пчелар Едмунд Хилари. Синовите на овие двајца планинари, Џемлинг Тензинг Норгај и Питер Хилари, израснале слушајќи ги херојските приказни на нивните татковци. И двајцата тргнаа по стапките на нивните татковци и, исто така, го освоија Монт Еверест. На годишнината од ова историско искачување, тие зборуваа за „Би-би-си“ за величественото достигнување на нивните татковци.
– Ги доживувам како вистински пионери и истражувачи, кои го трасираа патот кон непознатото. Поради овие двајца и нивниот тим, денес можеме да направиме многу. Тие се искачија како обични човечки суштества и се симнаа како светски херои. И тоа не ги промени. Остана исти обични и скромни луѓе. Двајцата го поминаа остатокот од својот живот враќајќи им на луѓето од Хималаите – вели Џемлинг, а Питер додава: – Секогаш кога некој прави нешто што никогаш претходно не било направено, тоа им сигнализира на другите дека и тие можат да го направат тоа. На 70-годишнината да го прославиме тој подвиг.
Искачувањето во 1953 година секако постави преседан што луѓето ќе го следат во голем број. Само во првите десет дена од годинашната планинарска сезона, повеќе од 500 луѓе стигнаа до врвот на Монт Еверест. Ова беше овозможено со напредокот во технологијата, логистиката и комуникацијата, но Едмунд Хилари и Тензинг Норгај го постигнаа тоа без современи уреди како ГПС или сателитски телефони. Згора, беа потребни три дена за веста за нивниот подвиг да стигне до Лондон. Двајцата успеаја откако многубројните експедиции не успеаја да стигнат до врвот во претходните три децении.
Кога стигнале на врвот, останале со малку кислород. Откако поминале 15 минути на врвот на светот, тие се симнале. Децении подоцна, кога Питер и Џемлинг се искачија на Монт Еверест, и двајцата подобро ја разбираа непознатата територија што ја поминале нивните татковци.
– Првпат се искачив во 1990 година. Не можев да престанам да мислам на татко ми. Кога стигнав до скалите на Хилари, го видов она што го виде татко ми. Поминав низ истото искуство. Беше многу емотивно – вели Питер за „Би-би-си“.
Џемлинг се искачи на врвот во 1996 година. Тој и неговиот татко се шерпаси, познати по својата планинарска вештина, кои чувствуваат длабока духовна врска со Хималаите.
– За мене тоа беше повеќе како аџилак. Сакам да станам поблизок до религијата и до обичаите и да разберам низ што поминал татко ми – вели Џемлинг. Г.И.


Димитар Илиевски-Мурато прв Македонец на врвот на светот

На 10 мај 1989 година, Димитар Илиевски-Мурато, член на македонската алпинистичко-хималајска експедиција „Еверест 89“, се искачи на највисокиот врв на светот, но, за жал, не успеа да се врати до базниот логор, вечно останувајќи на Хималаите. За подвигот, Илиевски посмртно е одликуван со Медал за заслуги за Македонија, од Македонскиот олимписки комитет е прогласен за „Великан на спортот“, а добитник е и на други награди и признанија.


Македонски освојувачи на Монт Еверест

ИМЕ И ПРЕЗИМЕ ДАТУМ
Димитар Илиевски 10.5.1989
Глигор Делев 20.5.2007
Сашко Кедев 19.5.2009
Здравко Дејановиќ 24.5.2010
Илина Арсова 23.5.2013
Златко Јаќовски 19.5.2023