Кога ќе размислам, сфаќам дека и ние, граѓаните на Македонија, со децении се наоѓаме во слична, дури и идентична ситуација. Едно време (тоа време беше 2001 година) нè убедуваа дека нема ништо страшно во таканаречениот рамковен договор, макар што во него, во делот „Основни принципи“, јасно е напишано: „Целосно и безусловно се отфрла употребата на насилство за остварување политички цели. Само мирни политички решенија можат да ја загарантираат стабилната и демократска иднина на Македонија.“ Значи, од една страна, не се дозволува употреба на сила за остварување политички цели. Од друга страна, тој беше донесен под сосема поинакви услови
Дошол докторот во домот на починатиот за да ја констатира причината од која починал починатиот. По долго и внимателно прегледување на телото на починатиот, лекарот констатирал дека починатиот починал од настинка. За цело време додека внимателно го прегледувал телото на починатиот, натаженото семејство со внимание ја гледало работата на докторот, очекувајќи да ја чуе причината за смртта на нивниот драг роднина. Докторот, за да ги смири и охрабри, со ведар и насмеан тон им рекол дека починатиот починал од настинка, болест што воопшто не е опасна. Напротив, таа е сосема безопасна болест – додал докторот. Слушајќи го мислењето на докторот, семејството на починатиот било малку збунето. Додуша, малку повеќе од малку збунето. Меѓутоа, од внимание, како и од респектот што го имало кон докторот својата збунетост не ја манифестирало. Сепак, не им било јасно како за докторот крајниот резултат од болеста (смртта) е небитна, бидејќи не се работи за техничко прашање. И покрај сè, мислело семејството, нечија смрт не може да биде техничко прашање, макар била предизвикана од банална причина, каква што е настинката.
Кога ќе размислам, сфаќам дека и ние, граѓаните на Македонија, со децении се наоѓаме во слична, дури и идентична ситуација. Едно време (тоа време беше 2001 година) нè убедуваа дека нема ништо страшно во таканаречениот рамковен договор, макар што во него, во делот „Основни принципи“, јасно е напишано: „Целосно и безусловно се отфрла употребата на насилство за остварување политички цели. Само мирни политички решенија можат да ја загарантираат стабилната и демократска иднина на Македонија.“ Значи, од една страна, не се дозволува употреба на сила за остварување политички цели. Од друга страна, тој беше донесен под сосема поинакви услови. Понатаму, во истиот дел од договорот (Основни принципи, 1.2.) јасно стои: „Суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија, и унитарниот карактер на државата се неповредливи и мора да се сочуваат. Не постојат територијални решенија за етничките прашања.“ Меѓутоа, оттогаш па сè досега, сведоци сме на поинакви однесувања, како однадвор така и внатре, во самата држава. Така, на пример, територијалната поделба на државата од 2004 година се правеше токму според етничкиот принцип, за да се постигне процентот од дваесет отсто, а со него многу општини да станат двојазични, онака како што е предвидено со договорот.
Денес некои не сакаат да слушнат за проценти, сеедно колкави биле. Тие би сакале да бидат посебно именувани, бидејќи не биле бројки, како другите граѓани во Република Македонија да не се ништо друго освен бројки. Во делот 5 од договорот („Посебни собраниски процедури“, 5.2.) предвидено е: „За донесување на законите кои директно ги засегаат културата, употребата на јазикот, образованието, личните документи и употребата на симболи, како и на законите за локално финансирање, локални избори, градот Скопје и за општинските граници, ќе мора да постои мнозинство од гласови, во рамките на што ќе мора да има м н о з и н с т в о од гласови на пратениците кои тврдат дека припаѓаат на заедниците кои не се мнозинско население во Македонија.“ Уште тогаш, во текстот „Нерамковен договор“, тврдев дека со ова се воведува принципот на етничко вето во донесувањето на законите, бидејќи потребно е мнозинство гласови од пратениците што не припаѓаат на мнозинското население. Во оваа смисла, доволно е да не присуствува само еден пратеник од некоја немнозинска заедница/население, да не гласа за предложениот закон и тој не ќе може да биде донесен, оти не го исполнува условот што е предвиден со овој член од рамковниот договор. Подоцна, текстот „Нерамковен договор“ го објавив во книгата „Политички сказни“ од 2002 година. Исто така, во истиот текст/книга прашав како може рационално да се разберат следниве делови од договорот. Во делот „Образование и употреба на јазиците“ е предвидено: „Низ цела Република Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик.“ (6.4.) Меѓутоа, веднаш потоа, следува: „Кој било друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од населението, исто така, е службен јазик, како што е овде образложено…“ (6.5.). Ова ми наликуваше на вовед во двојазичност на целата државна територија, бидејќи како може поинаку да се разбере формулацијата дека кој било друг јазик што го зборуваат најмалку 20 отсто од населението е (исто така!) службен јазик? Како и да е, рамковниот договор помина, многу елементи што тогаш беа во него се проширија и продлабочија. Денес, дел од нив не се ни почитуваат, како што е, на пример, употребата на симболите/знамињата на етничките малцинства. Наместо знамињата на етничките малцинства, се виорат знамињата на други држави. Сепак, за некои и ова не е доволно. Тие би сакале (ако може) уште поголемо продлабочување/радикализирање на договорот. На тој начин, едно типично „техничко“ прашање, како што некои се обидуваат да го прикажат рамковниот договор, упорно води кон федерализација на Македонија.
Петнаесетина години по рамковниот договор се пристапи кон подобрување на односите со Грција. Крајниот резултат и на ова „техничко“ прашање (првично, прашање за името) доведе до сегашнава ситуација во која (сосема набргу) ќе треба да се променат сите државни документи во согласност со договорат. Тоа нема да бидат промени само на личните карти, пасошите и сл., туку и на автомобилските таблички. За другите промени, исто така, дополнително ќе бидеме информирани.
Некако во тоа време – додека, значи, се готвеше Нивичкиот/Преспанскиот договор – дојде до таканаречениот Договор за добрососедски односи со Бугарија, за кој и натаму се тврди дека ништо битно нема да наруши во однос на македонскиот идентитет. Внесувањето на Бугарите во Уставот би било едноставно, односно чисто „техничко“ прашање, кое немало да се одрази врз ништо. Значи, нешто слично како дијагнозата на лекарот од почетокот на текстот. Настинката, имено, не била опасна болест, сеедно на нејзиниот краен резултат – смртта на болниот. Меѓутоа, резултатите од ова чисто „техничко“ прашање (правата на „Бугарите“ во Македонија) може секој да ги види и денес. Апетитите на Бугарија кон сè што е македонско никогаш не биле толку големи, а односите толку лоши. Сепак, и понатаму се турка идејата за уставни промени. Дури и дел од опозицијата во ова не гледа ништо страшно. Само што тоа требало да се направи во други услови и во друг парламентарен состав. Инаку, сè друго било во ред.
Пред некој ден во посета на Република Македонија беше американскиот сенатор Крис Марфи. Пофалувајќи ги земјата за нејзините храбри потези, кои беа нужен услов за влез во НАТО, тој порача дека сега ни претстојат нови уставни промени, кои повторно ќе бидат (!?) технички и, се разбира, храбри. Или, како што изјави: „Овие уставни измени, кои се технички промени на Уставот, е јасна можност за Северна Македонија да влезе во редот за прием во ЕУ.“ Притоа, додаде: „Исто така, сакам да бидам јасен за влијанието врз односите со САД ако Северна Македонија избере друг пат – да се реши против уставни измени.“ Тоа значи дека досегашните односи со САД, за кои се тврди дека се пријателски и од стратегиски интерес за двете земји, ќе се променат ако не се изврши неопходната „техничка“ операција – повторно уставни измени.
Оваа изјава на сенаторот дотолку повеќе изненадува што вообичаено се мисли дека промената на чиј било устав не е, но и не може да има само технички карактер, од една страна и, од друга, дека љубовта, пријателството, како и стратегиското партнерство не би требало да имаат техничка природа и дека, според тоа, не би требало толку лесно да се менуваат, како што некои препорачуваат/налагаат.
Кога Чаплин (по некоја случајност повторно би се вратил меѓу нас, живите) верувам дека би бил инспириран за продолжение на филмот „Модерни времиња“. Во новата верзија (најверојатно) би покажал дека сè (ама баш сè!) е гола техника/машинерија, вклучувајќи ги и топлите пријателства, како и долгорочните стратегиски сојузништва/партнерства. Дека, со други зборови, сè се сведува на механички, односно технички односи, диктирани од конкретни материјални интереси. Можеби токму ваквите ситуации го навеле народот да дојде до песимистичката теза „брат за брат, сирење за пари.“