Најстариот универзитет во Македонија на 30 мај избира ректор. За лидерската позиција се пријавени шестмина професори. „Нова Македонија“ ви ги претставува кандидатите за ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Во овој број разговараме со проф. д-р Горан Ајдински од Филозофскиот факултет
Проф. д-р Горан Ајдински, кандидат за ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“
Кој е вашиот мотив да се кандидирате за водечката позиција на УКИМ?
– На Универзитетот сум наставник повеќе од 30 години, а два мандата бев декан на Филозофскиот факултет. За жал, денешниот УКИМ не е таа наша алма матер, кој беше етаблиран во сите сегменти на образованието и науката, не само во нашата држава туку и пошироко. Не е тој универзитет на кој вработените во вистинска смисла на зборот се чувствува почитувано и вреднувано, а студентите се активни субјекти во високообразовниот процес. Постепената ерозија на системот и перцепцијата на високото образование како потрошувачка дејност, со години, постепено доведе до уривање на дигнитетот на професорите и девалвација на позицијата на УКИМ во нашето општество. Мојот основен мотив е сите заедно да го си го вратиме стариот УКИМ, најстариот, најголем и најдобар универзитет во државата, а на професорите да им го вратиме достоинството на професијата. Тоа ќе биде стартна позиција за решавање на сите други проблеми во универзитетот.
Кој ќе биде вашиот прв фокус доколку бидете ректор?
– Универзитетот во последниве години се судира со многу проблеми. Некои од нив се системски, но некои се организациски. Кога лошото менаџирање се преточува во систем, последиците се неизбежни. Можеби е најлесно секогаш виновникот да се бара на друго место. Немам никаква дилема дека одговорноста за дел од состојбите ја носи и државата, затоа што во крајна линија ние сме државен универзитет. Но, за жал, практиката во последниве години покажува дека во еден добар дел вината е во менаџирањето. На Универзитетот му се потребни раководни структури што ќе ја почитуваат автонoмијата внатре во Универзитетот, ќе ги почитуваат членките и со должно внимание ќе го разгледуваат секој нивен проблем. Мојот прв фокус, доколку колегите професори и студентите ја прифатат мојата програма и ми дадат доверба, ќе биде поставување на основните работи на своето место. Моделот на раководење што ќе применувам ќе почива на легитимитетот што на менаџерскиот тим му го дава секој поединец од универзитетската заедница. За да се обезбеди таквиот однос, пред сè ќе ја промениме наметнатата перцепција за функцијата ректор и за местото и улогата на Ректоратот. Ректорот, проректорите и Ректоратот ќе бидат сервис на студентите и вработените, а не обратно. Градењето култ на одредени позиции во Универзитетот, што, за жал, стана дел од системот и начинот на менаџирање, не е и не може да биде во насока на подобрување на неговата функционалност и развивањето на слободата и интегритетот на мислата и затоа одлучно ќе се спротивставиме на секоја девијација од таков карактер. Кога ќе се воспостават вакви односи, сметам дека побрзо и поуспешно заеднички ќе ги надминеме проблемите во наставата, науката, истражувањето, инвестициите, финансиите, платите и сето она што ни тежи на сите во последниве години.
Во каков универзитет реално може да прерасне УКИМ под ваше водство?
– Целата програма е базирана на реални очекувања. Никој не треба да има очекувања дека сите проблеми ќе се решат прекуноќ, но реално е дека со добро менаџирање и јасно и цврсто настојување со конкретни предлози пред државата, сегашните негативни состојби ќе бидат надминати. УКИМ е заеднички дом на сите вработени. Треба сериозно да се разговара за обединување на двата синдиката, зошто секој од нив имаше своја улога во изминатиот период и треба да се обединат сите прогресивни сили и за да дојдеме до резултат. Убеден сум дека на Универзитетот прво ќе му го вратиме достоинството што го заслужува, а потоа дека ќе ги решиме и основните проблеми со финансирањето на дејноста и платите на вработените. Универзитетските политики ќе се раководат од споредба со подобрите од нас, а не со полошите. УКИМ има потенцијал и тој ќе стане главен креатор на вредносните системи во образованието, науката и уметноста, со задоволни професори, студенти и вработени.
Со какви проблеми очекувате да се соочите?
– Во рамките на Универзитетот не очекувам да се соочам со проблеми, затоа што на УКИМ се вработени професори што добро знаат што сакаат. На УКИМ студираат студенти што исто така добро знаат во каква средина и услови сакаат да го стекнуваат своето образование. Веројатно проблемите ќе бидат однадвор, затоа што ќе инсистираме институциите да ги решат прашањата што со години се нерешени и кои со години се провлекуваат. Тука, пред сѐ, е прашањето на финансирањето, тоа секогаш е најголемиот проблем, без оглед дали станува збор за финансирање на дејноста или за платите на вработените. Платите на професорите, иако крајно понижувачки суми во споредба со некои други во државата, се наменети за нивниот работен ангажман. Ако некој досега не разбрал, ние ќе го убедиме дека тоа не е супституција за финансирање на дејноста. Платите се плати, а за трошоците за настава, лабораториски вежби, теренска настава… треба конечно да се најде решение, затоа што вака навистина понатаму не е можно да се работи. Дека оваа ситуација е крајно алармантна треба да му биде јасно на секој одговорен во државата.
Државата издвојува недоволно пари за наука и истражување. Како би го решавале овој сериозен проблем?
– Познато е дека финансирањето на научната дејност од страна на државата со години е на многу ниско ниво и овој проблем е комплексен, но далеку од тоа дека е нерешлив. Не е во прашање само малиот процент на вложување туку и нискиот бруто-национален доход (БНД), односно основата од која одвојува за науката. Еве, да направиме една компарација на Македонија со земји слични по големина. Македонија има 14 милијарди БНД, а одвојува за наука помалку од 1 односно 0,5 проценти. Словенија има 62 милијарди БНД, а за наука одвојува 2 проценти, а Израел има 480 милијарди долари, а за наука одвојува повеќе од 5 проценти. Мислам дека тука не се потребни никакви коментари. Значи не е се само во процентот на вложување туку и во тоа од колава сума се прави зафаќање со овој процент.
Сите како да забораваат дека УКИМ е државен универзитет и тој треба во финансиите да се потпира на државата, а државата во развојот да се потпира на УКИМ. Не можеме ние да измислуваме иновации во финансирањето и факултетите и институтите да се занимаваат со дополнителни дејности за да обезбедат средства за реализирање на основните дејности (образование и наука). Тоа е апсурдна ситуација. Државата треба да биде основниот финансиер што ќе ги покрие овие потреби на универзитетот, а сето друго, како што се меѓународните фондови, проектните активности, апликативните дејности итн., е дополнување.
Државата мора итно и најсериозно да се позанимава со ова прашање ако сакаме да се вброиме во редот на технолошки развиените држави и да бидеме држава во која сите млади ќе ја гледаат својата иднина. Мора да се издигне општествената свест за потребата од инвестиции во науката. Секако, исто така треба да се менуваат и работите во односите со стопанските субјекти и тие да го најдат својот интерес и да инвестираат во научните истражувања на Универзитетот, во согласност со своите можности. Европската и светска практика покажува дека колку што е некоја земја поразвиена, толку е поголем и уделот на стопанството и индустријата во полнењето на научноистражувачките фондови на државата.
Проблем за високото образование е и ниското рангирање на меѓународните листи. Како може да се подобри тоа?
– Универзитетот пред сè треба да биде институција што придонесува за општествениот напредок во државата, но, сепак, меѓународното рангирање е меѓународно легитимирање на Универзитетот, кое, пак, е поврзано со позиционирање на Универзитетот во европските и светските истражувачки мрежи, фондови, фондации и сл. Затоа, ќе настојуваме да ја зголемиме препознатливоста на Универзитетот на релевантните ранг-листи преку доследна примена на нашите стратегиски определби. За жал, „препознатливоста“ или „видливоста“ на Универзитетот во последниве години е често употребувана, но без да се анализира што точно значи тоа и како се постигнува. Инаку, денес во светот постојат голем број институции што вршат рангирање и имаат свои ранг-листи. Во последниве години Универзитетот има пад на повеќето листи. Но како ништо да не се случува. Сѐ се сведува на убедување дека базите се нерелевантни, листите се погрешни и сл. Ненавремената сериозна анализа, зошто се случува сето тоа, доведе до таквата ситуација за која сите сме сведоци. Од една страна самобендисаноста на раководниот тим, од друга отсуството на каква било иницијатива за дебата на ниво на Универзитетот за да се лоцираат и другите проблеми што доведоа до оваа појава (покрај лошото финансирање на науката), резултираа со состојба што ќе бара многу работа за да го вратиме УКИМ на вистинскиот пат. Ќе преземеме мерки со пошироки консултации и транспарентни дебати со сите заинтересирани што ги познаваат системите и методологиите на рангирање, за точно лоцирање на проблемите и давање конкретни предлог-решенија. УКИМ е на сите и треба да ги искористиме целиот потенцијал, знаење и искуство од секој поединец за подобрување на оваа состојба. Н.Б.З.