Фото: ЕПА

Во финалето на 10 јуни во Истанбул, Манчестер сити ќе игра против пријатното изненадување во ЛШ, италијанскиот Интер, откако во реваншот го елиминира актуелниот првак Реал Мадрид со 4-0

ФУДБАЛ – ПО ПОЛУФИНАЛНИТЕ СРЕДБИ ВО ЛШ

Фудбалерите на премиерлигашот Манчестер сити се пласираа во големото финале на годинашнава Лига на шампионите (ЛШ), откако во реванш- полуфиналниот натпревар го декласираа 14-кратниот европски првак Реал Мадрид со 4-0. На првата средба во Мадрид беше 1-1, па така, „граѓаните“ славеа со вкупни 5-1. Во финалниот натпревар на 10 јуни на стадионот „Ататурк“ во Истанбул (Турција), Манчестер сити ќе игра против пријатното изненадување во ЛШ, италијанскиот трикратен европски првак (1964, 1965 и 2010), Интер од Милано, кој, пак, беше подобар од градскиот ривал Милан во двата дуела со вкупен резултат 3-0.
Стрелци на головите за Манчестер сити против Реал Мадрид беа Бернардо Силва (23. и 37. минута) и Хулијан Алварез во првата минута од судиското дополнување, додека Едер Милитао (76) постигна автогол.
Пеп Гвардиола, стратегот на Манчестер сити, кој по четврти пат ќе биде дел од финалето на ЛШ, не го криеше своето задоволство од големиот успех.
– Имам чувство дека моравме да издржиме една година тага по минатогодишниот пораз во полуфиналето во ЛШ. Една година подоцна покажавме колку е посебна оваа група играчи. Секогаш очекувам да одиграме добар натпревар, но не очекував дека ќе бидеме толку подобри од Реал. Имавме одлична енергија и висок интензитет. Кога играме на наш терен се чувствуваме моќни, ги победивме Арсенал, Баерн, Реал… А двете финалиња и едно полуфинале во последните три години се знак за нашата конзистентност – потенцираше Гвардиола.
Победата на домашен терен против Челзи в недела, пак, ќе му ја обезбеди на Манчестер сити третата последователна титула во Премиер-лигата. До крајот на сезоната ќе го игра уште финалето на ФА-купот против Манчестер јунајтед (3 јуни).
– Едноставно се соочивме со многу силен противник и не можевме да се вратиме во игра. Тие одиграа подобро од нас и притискаа во текот на целиот натпревар. Понекогаш може да се загуби, тоа не е ништо ново, не е трагедија во спортот, оти има многу полоши работи во животот. Но факт е дека имавме одлична сезона во ЛШ – изјави по поразот тренерот на Реал, Карло Анчелоти.
Реал Мадрид со многу среќа минатата сезона во ЛШ ги надигра во нокаут-фазата ПСЖ, Челси, Манчестер сити и во финалето Ливерпул. Сезонава триумфираа во Купот на кралот, Суперкупот на Европа и Светското клупско првенство. За мадриѓаните ова беше десетти полуфинален настап во најелитното клупско натпреварување во претходните 12 сезони, додека тимот играше за шестата титула од 2014 година, а заедно за вкупно 15-та. Г.И.