Изјавите на Русија дека нападот со дронови на Кремљ е организиран од САД се лажни, изјави денеска Џон Кирби, координатор за стратешки комуникации на Советот за национална безбедност во Белата куќа.
-Очигледно тоа е апсурдно тврдење – рече Кирби во интервју за Си-ен-ен.
– Соединетите Држави со ова никако не се поврзани. Ние дури не знаеме што всушност се случило, но можам да ве уверам дека Соединетите Држави не играат никаква улога во ова – изјави Кирби.
Додаде дека Путин е агресор и може да го заврши конфликтот со повлекување на војската од територијата на Украина.
Тој исто така изјави дека не му се познати разузнавачки информации дека Русија има намера да врши напади на системите на критична инфраструктура на НАТО.
Коментарот доаѓа по изјавата на првиот човек на разузнавањето на НАТО дека Русија може да саботира подводни кабли за да се одмазди на западните земји за помошта што ја даваат на Украина. Во врска со ова Алијансата ја засили заштитата на подводната инфраструктура по експлозиите на гасоводот „Северен тек“ лани во септември.
-За тоа ние помниме и внимателно следиме уште од самиот почеток на војната – изјави Кирби.
Во врска со нападите на дронови на Кремљ и денешното обвинување од Русија дека зад тие напади стојат САД, а со цел убиство на претседателот Владимир Путин, Кирби за Ем-eс-eн-би-си изјави дека портпаролот на Кремљ, Димитриј Песков, лаже.
-Тој едноставно лаже – изјави Кирби за телевизијата.