Илустрација /Фото: Архива

Иако состојбата е релативно подобрена во споредба со ситуацијата од пред десетина години, во последно време зголемен е трендот на напади врз новинари, вербални навреди и понижувања од страна на политичарите, нелојална конкуренција преку агресивниот пиар на Владата, небезбедни услови за работа и лоша социо-економска состојба. Потребно е да се воспостави позитивна судска пракса со доследна примена на измените во Кривичниот законик, за конечно правосудните органи да имаат проактивен пристап при заштита на правата на новинарите, потенцира за МИА претседателот на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) Младен Чадиковски, по повод Светскиот ден на слобода на медиумите – 3 Мај.

Чадиковски информира дека споредбено со 2021 година, кога ЗНМ регистрираше пет напади, лани бројот на напади кон новинари беше зголемен на седум, а бројот на тужби кон новинари исто така бележи пораст.

Во 2022 година, според податоците добиени од Основниот граѓански суд Скопје, вкупниот број активни предмети во кои странка е новинар или медиум порасна на 54, за разлика од 2021 година, кога изнесуваше 20.

Она што охрабрува во контекст на онлајн нападите кон новинарите и медиумските работници, според Чадиковски, е дека во декември 2021 година беше донесена судска пресуда во корист на ЗНМ за онлајн-закана кон сите новинари напишана на фејсбук-страницата на ЗНМ.

Во февруари оваа година беа донесени измените во Кривичниот законик кои имаат за цел да се изедначи нападот врз новинари и медиумски работници како напад врз службено лице. Ова значи дека за закани по живот кон оваа група на луѓе ќе се одговара со парична казна или со затворска до шест месеци. Доколку заканата предизвика чувство на страв или несигурност, казната може да достигне и до една година затвор. Ако веќе станува збор за насилство сторено врз оваа група на луѓе затворската казна изнесува од три месеци до три години.

По повод 3 Мај – Светскиот ден на слобода на медиумите, ЗНМ и новинарскиот синдикат ги повикува своите членови да учествуваат во денешната крводарителска акција која се организира во просториите на Црвениот крст (Даре Џамбаз) во Скопје.

„Обликување на иднината на правата: Слободата на изразување како двигател за сите други човекови права“ е мотото под кое денеска се одбележува Светскиот ден на слободата на медиумите, 3 Мај.

Светскиот ден на слободата на медиумите се одбележува од 1993 година и секогаш на 3 мај. Целта е да се промовира принципот на слобода на медиумите, да се истакне важноста на заштитата на медиумските слободи и борбата против сите форми на влијание врз медиумите, како и да се потсети на медиумските работници кои ги загубија животите при вршење на својата работа.

Во пораката на ОН по повод Светскиот ден на слободата на медиумите, се истакнува дека и три децении по прогласувањето на овој ден, слободата на медиумите, безбедноста на новинарите и слободата на изразување се повеќе се на удар, што влијае на остварувањето на другите човекови права. Меѓународната заедница се соочува со повеќе кризи, конфликти и насилство, постојани социо-економски нееднаквости кои ја поттикнуваат миграцијата, еколошки кризи и предизвици за здравјето и благосостојбата на луѓето ширум светот, а лажните вести и дезинформациите на интернет и офлајн се шират со сериозно влијание врз институциите кои ја поткрепуваат демократијата, владеењето на правото и човековите права.

Оттука, одбележувањето на 30-годишнината од Светскиот ден на слободата на медиумите е повик за акција против секое потиснување на слободата на медиумите, за промоција и поддршка на независни, плуралистички и разновидни медиуми, како неопходен клуч за уживање на сите други човекови права. Денешниот ден е е повод да се организираат настани кои ја истакнуваат врската меѓу слободата на медиумите, слободата на изразување и другите човекови права. Се иницира глобална дебата за да се дефинира агендата за развојот на човековите права и нивна заштита во светот кој постојано се менува.

Во светот во периодот од 2003 до 2022 година се убиени 1.668 новинари, во просек по 80 годишно. Во последните две децении, „најцрни“ години биле 2012 и 2013, со 144, односно 142 убиени новинари и медиумски работници, покажуваат податоците на „Репортери без граници“ (РСФ).

По постепеното смирување во наредните години, бројот на убиени новинари повторно почна да расте во 2022, кога вршејќи ја својата работа животот го загубиле 59 новинари и медиумски работници, пред се како резултат на војната во Украина.

На страницата на Репортери без граници во реално време се прикажува бројот на убиени новинари од 1 јануари оваа година до моментов, како и бројот на новинари кои се во затвор. Во моментов од 1 јануари оваа година до денеска во светот се убиени шест новинари и еден медиумски работник. Во затвор моментално се 548 новинари во светот и 22 медиумски работници.

Во последниот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија во делот на слободата на изразувањето и работењето на медиумите се наведува дека иако случаите на физичко и вербално насилство кон новинарите се намалени, забележано е зголемување на онлајн заканите кон новинарите и медиумските работници.

Според глобалниот индекс за слободата на медиумите на „Репортери без граници“, Македонија лани забележала напредок во однос на 2021 година. Земјава е рангирана на 57. место од вкупно 180 држави, додека во 2021 година беше 90-та на листата. РСФ сепак предупредува дека иако новинарите не работат во непријателско опкружување, раширените дезинформации и недостигот на професионализам придонесуваат за опаѓање на довербата на општеството во медиумите, што ги изложува независните медиуми на закани и напади.

– Мора да се направи разлика помеѓу професионални онлајн редакции кои вработуваат професионални новинари и објавуваат оригинална содржина и поединечни портали кои вршат плагијат и препишуваат таква содржина – посочуваат од „Репортери без граници“.

За политичкиот контекст се укажува дека транспарентноста на институциите е слаба. Поради силната политичка поларизација врз медиумите има притисок од властите, политичарите и бизнисмените, а двете најголеми партии креирале паралелни медиумски ситеми со кои го вршат своето политичко и економско влијание. Судската злоупотреба на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, пак, поттикнува самоцензура на новинарите, а тужбите се користат како алатка за заплашување и притисок врз независните медиуми.